Во првите месеци после смртта на Марјан редовно секое утро варев по 2 кафиња: Утринско кафе со Сузана Турунџиева

Денот секогаш, без исклучок ми започнува со убава мисла, моќна молитва и благодарност за тоа што добив уште еден нов ден на подарок. Утринското кафе, за жал го пијам сама со себе. Во првите месеци после смртта на Марјан редовно секое утро варев по 2 кафиња. Едно за мене, другото за него... Мислев дека така ќе го ублажам неговото отсуство, но за жал си нанесував уште поголема болка... Со текот на времето навикнав да го пијам кафето сама и да си правам „состанок“ со себе додека го пијам кафето. 

Ме мотивираат талентирани, храбри, чесни и искрени луѓе кои сонуваат со отворени очи. Луѓе кои во секој проблем наоѓаат решение и не се откажуваат, дури и кога ситуацијата е крајно безизлезна. Ме мотивираат луѓе кои не ги живеат туѓите животи, луѓе кои не измислуваат изговори, ами бараат решенија. Сакам да поместувам граници и сакам да ги бришам границите помеѓу невозможното и возможното. И успевам! 

Моето работно време, за среќа не е долго. Но тоа не значи дека остатокот од денот одмарам или пак лежам и чекам да помине денот. Напротив! Покрај часовите во училиште, јас во периодов забрзано работам на финалните подготовки на албумот со Атиџе и сите неопходни детали во врска со целиот тој проект и промоцијата која ќе следи. Со Атиџе имаме многу други активности кои се дел од еден подолгорочен период и се трудам да не отстапам ни чекор од она кое лани ова време си го ветив себеси.  

Мислам дека сеуште сме далеку од нормала, но јас ниту минатата, ниту оваа година нема да дозволам да ме совлада стравот и немирот кој повремено сите го почувствувавме и си го носиме. На никого не му падна лесно да му биде ограничена слободата, контактите, патувањата, гушкањата, но благодарение на музиката и ведрите мисли кои се трудам да ги имам во изобилие, не дозволив да ме спопадне депресија и монотонија предизвикана од вонредните околности на живеење. 

Јас не сум некој кој навечер многу сака да излегува. Моите излегувања се многу ретки и со повод. Навечер најчесто пишувам, цртам или музицирам, а се почесто си одбирам добар филм и го гледаме заедно со мојата помала ќерка Матеа. 

Сакам и книги и филм, иако книги повеќе читам во лето, и сама не знам зошто. Но затоа имам книги кои ги препрочитувам по неколку пати, без оглед на годишното време. Токму такви книги и сакам да подарувам на луѓе кои ја пепознале вистинската вредност на книгата.


* Сузана Турунџиева - водителка и пејачка *