Ме мотивираат луѓето чија насмевка им е поголема од проблемите: Утринско кафе со Марјан Бебекоски
Утрото ми почнува со туш. Не сум љубител на кафе, кафето е заменето со цеден сок, некоја фина музика и спремање за работниот ден.
Без сомнеж можам да кажам дека целиов изминат тежок и напорен период единствено ме мотивираат само луѓето што насмевката им е поголема од проблемите… во ова (не)време тоа е многу ретко исто како и мотивацијата.
Работниот ден ми почнува околу 09:00 часот, тогаш доаѓам на работа и влегувам во бубањот (се смее).
Заедно со Јована проверуваме што треба да се подготви за тековниот ден, се закажуваат термините на клиетите и во меѓувреме се работи на парчињата облека.
Зависно од обврските во текот на денот, но најчесто вечерта ми завршува посмирено некаде надвор со чашка-две(се смее) заедно со моите пријатели.
Со оглед на тоа дека периодов почесто бевме дома мислам дека нема филм и серија што не сме ја изгледале не само јас туку сите (се смее), а сакам и да читам. Последно ја читав „Левиот брег на Сена“ од Кејт Мјуир. Ептен добра.