Мене сопругот не ми помага околу децата. Вие како сте?

Знам дека ова е машко општество. Знам дека пред само две генерации беше совршено нормално жената да добие воспитна ако го пресоли ручекот, децата да се тепаат со каиш, дека зборот маж во домот е единствено што е важно и што треба да се слушне. Но, исто така знам дека во меѓувреме жените станаа столб на куќата. Тие денес работат, донесуваат важни одлуки. Тие се сопственици, директори на важни фирми, носители на важни политички функции. И би ги имало уште повеќе на важни позиции да нема и понатаму многу од оние мажи кои со задоволство би се вратиле во период на своите дедовци, само да можат. Мојот сопруг извршува важна работа во една телекомуникациска компанија (намерно нема да зборувам за титулите). Јас, додека не добив деца, работев во една медиумска куќа на неколку позиции и одлучив, по своја волја, да ја напуштам работата и да почнам приватен бизнис. Со негова целосна поддршка. И денес, после нешто повеќе од година дена, можам да кажам дека успеав во тоа. Но кога се свртам околу себе, тоа не е она на што најмногу ми честитаат. Туку на тоа што добро се омажив. „Лесно ти е тебе, ти можеш се да стигнеш, тебе мажот ти помага околу децата!“ „Ех, кога мојот барем еднаш би земал да раскрене садови. Ти си среќна жена, кога сака да ти помогне дома.“ Не, мене сопругот не ми помага околу децата. Тој се грижи за своите деца. Сопругот е воедно и татко и се труди таа работа да ја извршува најдобро што може. Тој, исто така е дел од ова семејство, па грижата за нашиот дом е подеднакво и моја и негова. Значи, да разјасниме, за сите оние мајки, чиј сопруг дојде од работа и легне да одмори, а тие мислат дека тоа е во ред:
  • Кога ги избања децата, тој не помага, тој учествува во родителството.
  • Кога ги нахрани, тој не помага, тој се грижи неговите деца да бидат сити.
  • Кога заедно со мене и ќерката направи кукла како дел од домашната задача, тој не помага, тој ужива во тоа што е татко.
  • Кога трча од работа и го пропушти натпреварот на ТВ за да го заспие синот, тој не е прекрасен маж, тој е прекрасен татко.
  • Кога ги извади од машина и намести сите чисти садови (речиси секое утро), тој не е прекрасен маж, тој знае дека така ќе ми остане повеќе време да им се посветам на децата.
Но, затоа што секое утро ме буди мирис на свежо кафе, бидејќи знае дека не е лесно да се спие со бебе, тој е најдобар сопруг на светот. Затоа што секој пат ме бакнува пред тргнување на работа и кога се врати од работа, тој е најдобар сопруг на светот. Затоа што наутро секогаш ги занимава децата за да би можела да одморам малку подолго, тој е најдобар сопруг на светот. И затоа што направил да не можам да замислам ниту еден ден во својот живот без него, тој е најдобар сопруг на светот. И најдобар пример на својот син, кој учи како треба да се однесува кон семејството. И својата ќерка, која учи каков татко и сопруг треба да биде.