Менувам 150 пара ракавици дневно: Исповед на Елена Цветковска, медицинска сестра во Институтот за имунобиологија

Добивај вести на Viber

Здравствените работници од почетокот на месец март годинава, скоро 24/7 се на работа. Особено оние кои се во директен контакт со пациентите кај кои е регистриран Ковид-19 и сите оние кои сакаат да се тестираат и сакаат да дознаат дали се позитивни на коронавирус.

Медицинската сестра Елена Цветковска која работи во Институтот за имунобиологија и хумана генетика повеќе од 21 година, е една од медицинските лица кои се во директен контакт со пациентите и работи со нив повеќе од 12 часа дневно.

„ Од кога почнаа да се анализираат серолошкоте тестови за Covid19 на институтот се дојдени неколку илјади луѓе за тестирање, а во зависност од дневниот број на пациенти за тестирање, менувам од 30 до 100, некогаш и по 150 пара ракавици“, споделува Елена со читателите на Женски магазин.


Таа вели дека работа во Институтот имало секогаш, но заради пандемијата значително се зголемил обемот на работа.

Цветковска, раскажува како изгледа еден нејзин работен ден:

„Работниот ден ми започнува од 8 часот наутро и трае додека не ги завршам сите работни обврски кои ми се предвидени за истиот ден.  Пред да влезам во амбуланта и да започнам со прием на пациенти најпрво појадувам и пијам течности доволно за да можам да издржам повеќечасовна работа облечена во заштитната опрема. Додека сум во амбуланта и земам примероци за тестирање, нема пауза, нема излегување надвор од просторијата повеќе часови, односно сѐ додека не се извади примерок на сите лица кои ќе дојдат за тестирање (многу често од 9ч до 14ч). Откако ќе завршам со земање на крв следи подготовка на примероците за да можат да се анализираат на апарат. Работниот ден ми завршува со подготовка на материјали (сѐ што може однапред да се подготви) за следниот работен ден“.

И покрај зголемениот обем на работа и ризикот од инфекција од Ковид-19, таа додава дека отсекогаш ја сакала медицината и си ја сака работата што ја работи.

„Ниту заради било кој вирус, пандемија или било каква друга причина не би ја менувала професијата“, категорична е Елена.


Медицинската сестра дополнува дека граѓаните кои одат на тестирање кај неа, најчесто се со доза на страв: „Оние кои што доаѓаат за тестирање најчесто ме прашуваат какви тестови ќе им се прават, што значат параметрите кои се анализираат, што значи ако е зголемено ИгМ а што ИгГ, за колку време ќе им бидат готови резултатите и секако,  многу често се случува да ми раскажуваат за нивните здравствени проблеми и стравови поврзани со пандемијата“.

Елена ни откри и дека нејзините роднини и пријатели секојдневно ја прашуваат за Ковид-19, за мерките за заштита, симптомите на болеста и други прашања поврзани со вирусот. А таа и нив и граѓаните ги советува, да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од коронавирус, за да се заштитат себе си и своите најблиски. Да се носат маски, да се држи дистанца и да се оддржува хигиена.


По макотрпниот работен ден, Цветковска вели дека одмара околу еден час, најчесто во тој период од денот пие кафе и потоа повторно е активна и се посветува на домашните обврски и семејството.

Елена потенцира дека доколку сакате и сте добро организирани ќе си најдете време за сѐ, па така и таа и покрај зголемениот обем на работа, наоѓа време и засебе.

За сите оние матуранти кои по пандемијата се мислат дали да го продолжат своето образование во медицината, им порача:

„Сите оние матуранти кои што навистина сакаат да го посветат својот живот на грижа за здравјето на другите и на справување со разни здравствени состојби, вируси, пандемии и сл. не треба да се мислат, туку да се запишат на медицински факултет, без разлика дали тоа ќе биде на некоја од високите стручни школи или студии по општа медицина, секој профил на здравствени работници се потребни и имаат значаен придонес за здравјето“.


Наталија Миланова