МЕРИ ПОПОВА ОД МРТ СЕ ПРАВДА: Нашиот евровизиски буџет е меѓу најмалите
Не можеме да очекуваме спектакуларен резултат во услови кога севкупниот евровизиски проект на Македонија чини помалку дури и од употребените пиротехнички ефекти на некои од земјите учеснички на изборот, вели шефицата на македонската евровизиска делегација
По прераното завршување на уште една македонска евровизиска авантура (шеста година по ред нашата земја не успева да се пласира во финалето) „Женски Магазин“ се обиде да добие изјава од одговорните луѓе на нашата делегација кои јавноста ги прозива после секој неуспешен пласман. Наместо одговор на прашањата дали е време за крупни промени во нашето делување и дали воопшто чувствуваат некаква одговорност, ни сугерираа да ги искористиме изјавите кои сабајлево беа објавени на официјалниот сајт на јавниот сервис. Таму е наведено мислењето на шефицата на македонската евровизиска делегација, Мери Попова, дека „Евровизија“ е проект што нуди уникатна можност за претставување на земјата на европско и пошироко светско ниво и дека тоа државата треба да го искористи на најдобриот можен начин. Дека за да се постигне истото ниво на презентација на земјата во промотивни кампањи на одредени светски медиум, тоа би чинело милиони евра, а со учеството на „Евровизија“, според неа, се постигнува истата или поголема промоција за земјата со релативно помала сума пари, но секако не и за без пари.
- „Евровизија“ е проект во којшто навидум правила не постојат. Понекогаш е потребна само песна, многу често влијае и геополитичката положба на земјата, понекогаш е пресуден сценскиот настап за повисок пласман, а многу често визуелната презентација и од корен го менува првобитниот впечаток за песната и тука сме сведоци дека некои песни добиваат на вредност со визуелниот перформанс. Во секој случај, едно нешто е сигурно, за да се биде конкурентен на најгледаниот телевизиски спектакл, којшто секоја година ги надминува светските технолошки остварувања потребни се огромни финансии, а нашиот буџет за реализација на овој проект, иако во македонската јавност често се коментира како огромен, сепак во споредба со останатите држави е меѓу најмалите. Факт е дека изминатите неколку години впечатокот за Македонија на „Евровизија“ е променет во насока на тоа дека нашата земја нуди навистина квалитетни композиции, но сметам дека треба да се вложи многу повеќе во севкупното претставување на Македонија на Евровизија, од аспект на сценски настап, промотивна кампања на песната и маркетинг. Не можеме да очекуваме спектакуларен резултат во услови кога севкупниот евровизиски проект на Македонија, чини помалку дури и од употребените пиротехнички ефекти на некои од земјите учеснички на изборот, но и со оние услови со коишто располагаме секој член од делегацијата се вложи максимално, за да го извлечеме најдоброто од овој проект - објаснува шефицата на македонската евровизиска делегација.
Се обидовме да стапиме во контакт и со авторот на песната, фронтменот на „Ај Кју“, Бојан Трајковски. Но, и тој не беше расположен да одговори на нашите прашања. Во официјалната изјава дадена за МРТ вели дека „Евровизија“ е огромна платформа која низ годините се шири и географски и технолошки, дека музиката е само еден критериум за успешно претставување и дека доколку сакаме да бидеме конкурентни во крајниот резултат треба да бидеме свесни како држава и за сите останати критериуми.
- Како и самиот превод на нашата песна „Изгубено и најдено“ го изгубивме финалето, но најдовме многу нови искуства коишто поради сета укажана доверба од страна на МТВ и македонската јавност, сакаме да ги споделиме со сите вас и останатите идни учесници од Македонија. Покажавме дека со музиката можеме да бидеме конкурентни, бидејќи нашата песна, којашто е комплетно македонски производ, без оглед на тоа што не влезе во финалето беше и сè уште е една од најслушаните годинава – вели Трајковски.
Ѓ.С.