Мет Мури: „Што ако...?“ е книга што ги учи децата на најголемата вештина на 21 век – љубопитноста

Добивај вести на Viber

„Што ако...?“ од Мет Мури и Ендрју Р. Мекхју e книга што е полна со интересни прашања, но конципирана е на тој начин што го мотивира читателот да размислува и сам да дојде до одговорот со што ја поттикнува сопствената љубопитност. Вака накратко уредникот Филип Видиновски го претстави ова издание на вчерашната онлајн-промоција, што се одржа на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Иако ова дело е првично наменето за младите читатели, соодветно е и за возрасните, кои низ страниците ќе ја „тренираат“ љубопитноста што секогаш ќе ги однесе до нови прашања и нови теми за размислување. Само дел од поинтересните прашања во „Што ако...?“ се: „Што ако нема интернет“, „Што ако не стапневме на месечината“, „Што ако можете да чуете и видите што мислат другите“ итн. Поднасловот на книгата е „Прашања и активности за љубопитни умови“, а македонскиот превод е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.


На онлајн-промоцијата учествуваше еден од двајцата автори, Мет Мури, како и м-р Киро Јорданов, кој е наставник по англиски јазик во основното училиште „Славејко Арсов“ и досега има работено со неговите ученици, користејќи го ова издание. Мури долго време бил во нашата земја како доброволец во Мировниот корпус и учествувал како предавач во многу македонски градови.

– Ова е книга за луѓе кои се многу љубопитни и ја разбираат моќта на љубопитноста. Но, слушајќи го претставувањето на „Што ако...?“ можам да кажам дека е издание преполно со прашања за размислување и се надевам дека читателите ќе го сфатат ова и сами ќе креираат нови прашања и нови размислувања. За мене, ова е многу лична книга и на некој начин е едно љубовно писмо, затоа што во ниту еден момент не сум бил толку полн со прашања отколку кога живеев во Кратово – истакна Мури, кој првпат бил во Македонија во деведесеттите години на 20 век, а денес живее во Калифорнија.

Заедно со Ендрју ја конципирале книгата и најголем предизвик им бил кои прашања да ги вметнат во финалната верзија. Ја издале „Што ако...?“ на англиски јазик и при неговиот втор престој во земјата се запознал со Киро Јорданов на конференција за наставници на која ја презентирал книгата и концептот на учење базирано на љубопитност.

– Предавањето ме воодушеви, така што стапивме во контакт и Мет дојде да им одржи предавања на моите ученици. Потоа и тие почнаа да поставуваат прашања, што, искрено, и мене никогаш не би ми текнале. Забавно е да се види кои се интересите на учениците што не би можеле да ги видите во текот на едно класично предавање и по предвидениот курикулум – посочува Јорданов и додава дека оваа книга покрива теми од различни области, како историја, наука, па дури и филозофија, и би можел да ја користи секој наставник без разлика на предметот што го предава.

Според коавторот Мет, „Што ако...?“ е совршено четиво и за повозрасните, а со оглед на тоа што денес работи како претприемач, често ја користи во секојдневието.

– Секогаш слушаме дека треба „да размислуваме надвор од кутијата“ и слободно како деца, но не ни кажуваат како. Еве вака. Јас работам со љубопитноста како што фудбалерот тренира. Тој не шутира постојано, туку, на пример, крева тегови или трча, а тоа се работи што инаку не му се примарни. И оваа книга е всушност еквивалент на вежбална и на кревање тегови за бизнисмени. Еве еден предизвик, прочитајте ги само прашањата во книгата и видете дали нема да дојдете до ваше „Што ако?“ прашање – посочува Мет и додава дека е совршен додаток на секоја домашна библиотека.

Книгата веќе може да се најде на македонски јазик во книжарниците на „Литература.мк“ или да се нарача онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk.

* ПР - објава