„Ми ветија дека ќе ослабам, па ме однесоа на месарска маса“: Заминала во Турција да добие совршено тело, а се вратила со цевка во грлото
Жената сега се обидува да ја подигне свеста на заедницата за опасностите од неискуството во странство
Жената отпатувала во Турција на операција за да си го врати здравјето, но се вратила со компликации кои ѝ го промениле животот. Таа сега се впушти во мисија да ги просветли луѓето кои сакаат да поминат поевтино, но не се штеди на здравје.
Триесет и тригодишната Луиз Бредли четири години била на листа на чекање за операција на желудникот, а била воодушевена кога една клиника на брегот на Егејското Море ѝ понудила процедура за намалување на волуменот на овој орган.
Мајката на две деца, од Манчестер, мислела дека патувањето во странство е нејзината единствена опција бидејќи развила артритис како резултат на прекумерната тежина и сметала дека е премногу болно и ризично да се обиде да ја контролира тежината преку вежбање. Но, откако отишла во Турција на операција, за која платила 2.000 фунти, здравјето на Луиз било уште посериозно нарушено.
Имено, наместо да ѝ извади 75 отсто од стомакот, хирургот во Турција ѝ извадил 92 отсто. Ова довело до тоа таа да заврши на интензивна нега по враќањето дома во Манчестер. Луиз сега ќе мора да јаде и да пие преку цевка за хранење до крајот на својот живот и редовно да ја посетува болницата.
Таа излезе во јавноста со нејзината приказна допрена од трагичната смрт на 38-годишната Леана Мишел Лири, која го загуби животот по операција на стомакот во Турција на почетокот на овој месец.
Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство издаде предупредување бидејќи се знае дека најмалку 24 британски државјани починале во Турција од јануари 2019 година по медицински процедури.
- Индустријата на естетска хирургија, медицински и стоматолошки туризам е речиси целосно нерегулирана, а тоа има потенцијални ризици за оние кои патуваат надвор од Велика Британија, соопшти Министерството за здравство.
- Постојните информации за патување на лекување во странство се променливи и не постои единствен авторитетен и сигурен извор на информации.
Сеќавајќи се на своето искуство, Луиз објасни дека направила некои истражувања и го избрала докторот затоа што мислела дека е „добар“ и дека стапила во контакт со некои од неговите пациенти.
Нејзината операција била закажана за 27 мај минатата година, а таа платила 2.000 фунти за медицинските услуги, кои вклучувале сместување во блискиот хотел со сеопфатна програма.
Таа тврди дека по операцијата хирургот ѝ рекол дека е целосно успешна и дека веднаш ја потпишал согласноста да лета. Инаку, експертите не можеле да поверуваат дека тој ѝ дозволил толку брзо да патува со авион, бидејќи набрзо по операцијата постои „огромна опасност од летање“, па „секоја клиника што сугерира дека можете да ја направите процедурата и да си одите дома во рок од неколку дена треба да се затворат“.
- Не се чувствував добро - не можев ни вода да пијам, но хирургот ми рече дека е нормално и дека ќе се чувствувам подобро кога ќе се вратам дома во Велика Британија, се присетува Луиз.
- На летот за дома се онесвестив и мораше да дојде брза помош да ме пречека на аеродромот во Манчестер и да ме однесе на интензивна нега во болницата Вајтеншоу. Бев префрлена во одделението за управување со тежината во кралската болница во Салфорд и ми рекоа дека сум четвртата личност што ја примиле таа недела, по операција во Турција.
- Додека бев таму, влезе друга жена која имаше оперирано желудник во Турција - буквално беше како месарница.
Луиз тврди дека кралската болница Салфорд открила дека хирургот во Турција, наместо да ѝ извади околу 75 отсто од стомакот, всушност отстранил 92 отсто. И го пресекле и хранопроводот, што значи дека мускулите веќе не работат и таа не може да голта без помош, не може ни вода да голтне. Нејзината единствена опција сега е да се храни со цевка до крајот на животот.
- Ослабев речиси 60 килограми, но воопшто не беше како што очекував, изјави таа. - Бев поздрава кога имав вишок килограми. Сега постојано влегувам и излегувам од болница и имам постојани стомачни болки и дијареа.
Оттогаш, Луиз отвори своја сопствена сметка на TikTok, предупредувајќи ги другите луѓе за опасностите од патувањето во странство за операција.
Здравствените експерти предупредија дека луѓето што се охрабруваат да резервираат операција за слабеење од објавите на TikTok треба да се погрижат претходно да направат свое опсежно истражување.
- Откако го создадов мојот TikTok, контактирав со 35 други жени кои ми рекоа дека имаат потполно исто искуство како мене, изјави Луиз. - Но, секогаш кога објавувам нешто негативно за операцијата на гастричен бајпас, таа се отстранува по неколку минути поради „кршење на стандардите на заедницата“. Според TikTok, ова е затоа што објавата прикажувала приватни информации.
- Мој совет до сите што размислуваат за операција во странство е да не го прават тоа. Многу луѓе велат добро, ова можеше да се случи и во Обединетото Кралство, што апсолутно можеше, но тие ќе имаат должност да го поправат. Се чувствувам како на луѓето да им продаваат бајка, но има само месарница.
Фото: ТикТок - screenshoot