Мишо Китаноски: Работејќи како новинар, слушнав приказни за Мис Стон и за Крлежа кои се дел од книгата „Прстен и парфем“

Добивај вести на Viber

 – Како професионален новинар од 1967 година, имав можност да влезам во сите села и градови и да разговарам со стотици луѓе. Приказната за Мис Стон ја слушнав во 1969 година во Берово, а ми се потврди во 1971 година во Струмица, каде ми ја раскажа припадник на нејзината верска организација – истакна Мишо Китаноски на вчерашната онлајн-промоција на неговата збирка раскази „Прстен и парфем“.

Станува збор за книга која е составена од седум различни приказни и е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата веќе може да се најде во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарача преку веб-страницата www.literatura.mk.
 
Онлајн-промоцијата ја водеше уредничката на „Прстен и парфем“, Бисера Бендевска и комплетното видео може да го погледнете на следниот линк. Во неговото дело, Китаноски раскажува и легенди и приказни за тоа „Што ја натерало Мис Стон да го подари мајчиниот прстен?“, „Како се спасил од стрелање Мирослав Крлежа?“ и „Зошто доктор Арчибалд Рајс посакал неговото срце да почива на Кајмакчалан?“, „Дали со козите на Лазар Колишевски почна иселувањето на македонските села?“, „Како стигнала Сара Бернар да им пее на војниците пред да тргнат на Македонскиот фронт во Солун?“, „Што ја спречувало Мара Бунева да го повлече чкрапецот и да убие?“.


 
Авторот вели дека сакал да раскаже приказни за луѓе кои дошле или живееле во нашата земја и оставиле дел од својата душа. Китаноски посочува дека пишувањето е најтежок занает на светот, но и дека најчесто животот ги пишува романите.
 
Китаноски бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на повеќе весници и списанија. Ги објавил книгите „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни) и „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии) како и публицистичките изданија: „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници. Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови.


ПР објава