Моите дела се огледало на мојата душа: Ликовната уметница Драгица за изложбите, животот и сестрата Елена Ристеска
Нејзина прва љубов била Академијата за ликовни уметности, која ја заврши уште во 2006 година, во класата на Рубенс Корубин, и се здоби со диплома на професор по сликање и ликовен уметник. Кај неа отсекогаш постоела голема желба за надградба и учење и смета дека сѐ уште до ден денес ја има, продолжи во сосема друга насока, магистрираше на филолошкиот факултет во Скопје, отсек француски јазик, а во соработка со Универзитетот од Орлеан, Франција, се стекна со француска диплома од Минстерството за образование на Р.Франција со насока: Бизнис и меѓународна трговија. Делумно нејзиното образование било и на француски, а во меѓувреме ги изучувала и англискиот и италијанскиот јазик. До 2010-та година работела на проекти во едукативниот оддел во Музејот на современа уметност во Скопје.
„Низ годините гледав никогаш да не се откажам од уметноста, учествував на бројни конкурси, изложби и хуманитарни настани во земјава и странство. Член сум на Вида дизајнерс, со седиште во Сан Франциско која соработува со уметници од цел свет и истата ги користи правата на делата во дизајн и производство на уметнички предмети. Исто така, член сум на Њујорк Арт групата со седиште во Њујорк каде влегов во селекција од 4000 апликации. Изминатиот период покрај Скопје изложував дела и во Венеција, Милано, Брага, Белград, Крушево, Гевгелија, Прилеп...“, ни раскажува во денешното интервју ликовната уметница Драгица Ристеска.
Драгица е сестра на нашата позната пејачка Елена Ристеска, од која секогаш има безрезерва поддршка, а која посебно ѝ значи.
„Особено ми значи поддршката од сестра ми која е дел од мојот живот и во најтешките животни битки и во најубавите моменти. Таа е една од оние на кои можеш да им се јавиш во сред ноќ и да побараш помош и светот ќе го превртат за да ти помогнат“ - вели Драгица.
*Пред неколку
дена имавте изложба во Прилеп, како беше насловена истата и која беше темата, од
што се мотивиравте за овие ваши дела, колку време работевте на нив?
-Изложбата „Кодирана уметност со фрагменти” поставена во Домот на култура „Марко Цепенков” во Прилеп е заеднички проект на кој работевме со мојата драга колешка Маја Ралева- Миладиновски. Поставката во Прилеп од 3-13 октомври беше реализирана со различни медиуми и визуелни решенија, но сепак уметничките аспирации се насочени кон иста тематика. Водејќи се од мислата за уметноста како симбол на чистина, подобрата страна на човечкото битие и неговата природа, се обидовме да го реферираме надворешниот свет сосема индиректно преку филтерот на емоциите. Колку и да не сакаме, случувањата околу нас и воопшто во светот имаат влијание на целокупниот живот, па и создавањето во уметноста. Оставивме простор и можност за визуелна самовизија и поттикнување на меморијата што дозволува сами да ја направите својата приказна за делата.
*Дали сте имале изложби и надвор од земјава и каде, по што ви беа посебни?
-Изминатите години имав можност да изложувам и надвор од земјава, а особено ми се драги изложбите во Италија. Ја имав честа да влезам во конкуренција на уметници од цел свет и мое дело беше изложено еден месец во Кале де МЕЦО, во центарот на Венеција. Организаторите го избраа моето дело како носечко на целиот настан, па беше објавувано во сите медиуми, а фотографија од делото беше објавена и во Еспоарте, едно од најпознатите списанија за уметност во Италија. Организатор на сето тоа беше Масимо Казагранде кој е добро познат на италијанската и европската арт критика и активен на италијанската сцена поеќе од триесет години. Настанот го отвори Џан Руџеро Манцони, еден од највлијателните критичари и поети во последните години во Италија.
Исто така, имав можност да бидам дел од Артекспо Милано 2016, на покана од кураторот за што бев навистина почестена бидејќи стануваше збор за селекција на 70 уметници од цел свет. Во рамки на истиот настан се отвори и изложба на дела од приватна колекција од Славадор Дали и Едгар Дега, со што се потврди значајноста на целиот настан. Изложбениот дел се гледаше само со приватно и однапред закажано разгледување на делата. Моето дело беше изложено во Ист Енд студијата, еден од најголемите центри за ивенти во Италија.
*Дали да очекуваме следна изложба од Драгица во иднина, кои се вашите планови?
-Изложби секако ќе има, веќе почнувам да осмислувам нови идеи и простори. Можеби една од придобивките во периодов на стагнација и ограничувања во пандемијата беше токму таа да го сфатиме значењето на времето и моментот. Во период кога ни беа забранети многу нешта, за мене значеше период на осмислување концепти за следни изложби и припреми за времето кога ќе завршат сите тие ограничувања.
*Раскажете ни ги вашите почетоци, кога сфативте дека сликарството е ваш повик?
-Јас и не знам за времето кога уметноста не била дел од мојот живот. Уметноста или ја живееме целосно или воопшто не е дел од нас. Јас постојано и во сите животни процеси ја наоѓам уметноста. Што не значи дека постојано сликам, туку едноставно ја гледам во самиот начин на битисување, во патувањата, во уредувањето на просторот во кој живеам, во музиката, во готвењето, во декорирањето на цвеќињата на балконот и во се што ме опкружува. Живееме во свет кој ја изгуби димензијата на убавината. И во еден таков свет да го најдеш својот начин на изразување, творење, гледање и не е така едноставно. Јас отсекогаш во сликарството ја гледав суштественоста на овој живот. Делата се единственото нешто што останува после нас и токму таму ја гледам смислата на тоа што сум овде и сега.
*Постојат разни стилови на сликарство. Кој е вашиот стил?
-Никогаш не се определив или насочив конкретно на еден сликар од минатото, иако со патувањата низ годините имав многу можности да ги гледам пред себе и старите дела во светските музеи, но често ги посетував и новите арт дистрикти каде изложуваат денешните уметници од Мајами, до Њујорк, Париз, Пекинг, Рим, Милано, Атина. Секогаш некако застанував на експресивниот апстрактен начин на изразување со создавање на приказната со четка и боја. Јас и не сакам да го опишувам она што го сликам, бидејќи доколку зборовите беа доволни за да се опише делото, немаше да го сликам. Уметничките дела мора да зборуваат сами за себе. Само така би имале душа.
*Каде наоѓате инспирација за вашите дела?
- Моите дела се огледало на мојата душа... Инспирацијата ја наоѓам во се што ме опкружува. Од рурални пејзажи, градови, мистични прозорци кон светлината, мистериозни флуктуации на водата, фрагменти на старите ѕидови, патувањата, природните текстури... Сето тоа е почетен импулс кој потоа се развива во апстрактна приказна која зборува сама за себе. Делата наликуваат на фрагменти и исечоци од поголеми делови. Сето тоа е предизвик гледачот приказната да ја бара во продолжение на некое друго платно. Приказна што не започнува и завршува со едно дело, таа продолжува на некое друго место, во некоја друга димензија, како дел од сложувалка за која е потребно понатамошно истражување.
*Сте патувале ли често, кои се разликите меѓу овдешните и странските уметници, колку може да се каже дека се почитуваат сликарите кај нас?
-Патувањата се неизоставен дел од мојот живот и не верувам дека некогаш ќе престане таа љубов кон откривањето нови простори. Патувањата ни даваат можност за средба со нови слики, композиции, звуци, јазици, вкусови со кои ангажираме различни делови од мозокот, а како последица на тоа се поттикнува креативноста, се зголемува енеригијата, се храни духот. Токму во моите текстови за делата и изложбите може да наидете на реченици каде го опишувам влијанието од патувањата врз моите дела: „Интензивната црвена боја во објектите од патувањето во Кина, венецијанската сина која ја црпев од градот на водата, њујоршкото сивило, париската сина од градот на светлината... ете тоа е мојата пасионираност од бојата. Во овој свет на сивило, секој пат кога ќе одлучам да избегам во светот на моите лично создадени бои, сенки, текстури, таму го наоѓам душевниот мир”.
*Дали е исплатливо да се биде сликар во Македонија, што мислите дали може да се живее од сликарство ако целосно му се посветите?
-Јас никогаш во создавањето на делата не гледав производ за продажба. Како едното со другото да ми немаше смисла. Дали целосно ќе се посветите или не на уметноста тоа не е воопшто мерка за тоа дали ќе заработувате и дали би можеле да живеете од уметност кај нас. Свесни сме за целата економска ситуација во светот, па и во Македонија која е со речиси никаков арт пазар и многу малку нуди можности да се живее од уметност. Но, не сметам дека заостануваме со светските текови во создавањето на делата. И овде постојат луѓе кои живеат за уметноста, но и тие истите не верувам дека живеат исклучиво само од уметност. Инаку, со сета почит кон нашите уметници особено кон модерната и современа македонска уметност особено уште во 70-те години поттикнаа пресвртни процеси во ликовната уметност кај нас. Повеќето од нив се и школувани надвор од Македонија, па затоа и стои фактот дека уште од тоа време сме биле вклучени во современите светски процеси.
*Кој совет би им го дале на младите уметници кои сакаат да градат кариера на сликари во Македонија?
-Искрено јас и не сум некој пример за некој кој се посветил на уметноста професионално за да можам да им дадам некој совет во таа насока доколку треба да градат кариера на сликари. Јас сум пример на академски сликар кој низ годините уметноста ја претвори во хоби наместо во професија. Но, во секој случај една порака до сите млади кои ја сакаат уметноста, никогаш да не се откажуваат. Без разлика дали таа ќе им биде основен извор на приходи или едноставно ќе вложуваат во неа без да очекуваат некаков бенефит во секој случај ќе им биде храна за душата. И што е најважно уметникот треба да биде подготвен и на прифаќање, но и на отфрлање од јавноста и критиката. Само така нема да се откаже од целта. И да не е професионална определба, уметноста има во секој случај непроценлива вредност за нашето правилно функционирање и поединечно, но и како општество. Децата треба да се стимулираат преку уметностите да ја развиваат својата креативност која потоа ќе им служи во било која професија. Така се развиваат моторните вештини, се подобрува емоционалната рамнотежа, се создава индивидуален пристап во работата и најзначајно што така го градиме нашиот идентитет.
*Вие сте сестра на познатата пејачка Елена Ристеска. Таа е скоро секогаш ваша поддршка на изложбите, колку тоа ви значи ?
-Безрезервна поддршка добивам од целото мое семејство низ годините особено од моите родители и сестра ми. Елена знае да откаже и патување, само за да присуствува на моја изложба. И до сега таа нема пропуштено ниеден настан, дали овде или во странство. Сликарството беше нејзина желба уште од мала, но со тек на годините некако се тргна од тоа и целосно се посвети на музиката. Морам да признаам дека голема поддршка имам и од луѓето кои ме опкружуваат, со кои го пијам утринското кафе, колеги, пријатели, роднини... и најинтересно е што не е важно каде правам изложба, секогаш наоѓаат начин да присуствуваат.
*Како изгледа еден ваш ден, што правите во слободно време, ни откривте дека и фотографијата е ваша пасија-кажете ни нешто повеќе околу тоа...
-По сериозните професионални обврски кои ми ги налага моето работно место, попладневните часови гледам да бидам повеќе со семејството, особено со мојата ќеркичка Делфина, активностите и обврските што таа ги има и обврските по дома, а сликањето го оставам за доцните вечерни часови. Викендите обично се резервирани за во природа, дизајните за Ера Козметика, дизајн на каталозите за моите изложби и секако неизоставен дел е и фотографирањето кое исто така е моја пасија уште од детството. Последно изложување на мои фотографии имав на изложба во 2019 година насловена Кина во моите очи, на која учествував со фотографии направени при мојот едномесечен престој во Кина.
*Вие сте и задолжени околу дизијанот и концептот на производите од брендот на вашата сестра Елена, што сѐ правите и како почна оваа ваша да ја наречеме задача?
-Дизајнот на производите, совети околу дизајнот на страницата, фотографии на производите и целиот рекламен материјал за колекцијата на Ера козметика Елена ми го довери мене. И некако логично беше да е така, пред се поради фактот дека совршено добро го познавам нејзиниот сензибилитет, начин на размислување и желбата како се тоа би требало да изгледа. Тргнав со минималистички и чист пристап, тргнувајќи од себе и што е тоа што мене би ми го привлекло погледот да го земам од полица во парфимерија каде се изложени секакви производи. Доколку не го познавате квалитетот на производот, дизајнот е првично тој што го продава производот. Во дел од производите логично беше да внесам и дел од мојата уметност, па така една скица или слика ја користев како позадина за етикета. Она што ми беше значајно е истите да се единствени, па првиот примерок беше рачно насликан и потоа од него се правеше целата серија.
*Ви дава ли Елена често совети, кој е најдрагиот совет кој сте го добиле од неа?
-Особено ми значи поддршката од сестра ми која е дел од мојот живот и во најтешките животни битки и во најубавите моменти. Таа е една од оние на кои можеш да им се јавиш во сред ноќ и да побараш помош и светот ќе го превртат за да ти помогнат. Целосно се дава за луѓето околу себе и по цена воопшто да не помисли на себе и сопствената среќа. Она што најчесто ми е пример и совет од неа е никогаш да не се откажувам од целта.
*Што ве прави среќна?
Мирот и среќата ги наоѓам во малите нематеријални нешта што го прават животот поубав. Среќата секојдневно ја наоѓам во очите на мојата Делфина, во успесите на сестра ми и насмевката на мојата мајка.
Ирена Ставрова