„Мојот син го знае момчето што пукаше, тој беше жртва на врсничко насилство, колку што знам го малтретираа пријателите“: Познат писател за масакрот во Белград
Писателот Душан Недељковиќ на српската телевизија К1 зборуваше за страшното пукање што утрово се случи во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, во која загинаа осум деца и еден работник од училишното обезбедување.
Неговиот син оди во ова училиште и писателот рекол дека утрово се разбудил со оваа страшна вест.
„Мојот син беше во училница близу до кабинетот каде што тоа момче почнало да пука, колку што знам тоа се случило во кабинетот по историја. Сето тоа е шокантно. Отидов на училиште и го поминав полицискиот кордон, го зедов мојот син излегов од училиштето и го донесов дома. Има многу морничави дезинформации, а сега кога читам различни вести ги молам медиумите да престанат да зборуваат и пишуваат доколку немаат соодветни информации“, истакна видно потресениот Душан Недељковиќ во емисија за ТВ К1.
Неговата сопруга, која била дома бидејќи била на боледување, била повикана од една од мајките на другите ученици и ѝ кажала што се случило на училиште.
„Ме разбуди и успеав да го добијам син ми на телефон. Наставничката по англиски ги заклучила во кабинетот. Мојот син го знае момчето што пукаше и кое го уби чуварот Драган, кој беше популарен меѓу учениците и изразувам сочувство за неговото семејство. Тој беше феноменален. Тоа момче беше преместено од смена А во Б и колку што знам беше малтретирано од другарите. Беше жртва на насилство од врсници и на инсистирање на неговите родители беше преместен во друга смена. Беше мирен добар ученик. Дефинитивно беше мирен и тивок.. Очаен сум. Не ме фаќајте за збор, јас ви кажувам што слушнав. Тоа ми го кажа синот и го знам тоа од детски приказни. Можам само да останам без зборови. Штом некој е префрлен од смена во смена можеме да бидеме сигурни дека некој проблем бил во прашање.
„Луѓето пред училиштето беа целосно збунети“, изјави познатиот писател на телевизијата К1.
„Се сретнав со солзи на мајки, збунети татковци, полицајци... Ние, малку погруби, поминавме низ кордонот и ги зедовме нашите деца. Има два влеза во училиштето и децата беа евакуирани до влезот кој се наоѓа во делот на училиштето во кое посетуваат помлади ученици, ученици од 1 до 4 одделение. Луѓето молчеа. Стигнавме до децата и ги однесовме дома, беше тензично. Луѓето беа на работ, бидејќи сите молчеа. Инспекторите ја смируваа ситуацијата. Ние трпиме последици од неработење, необразование, невоспитување, омраза во општество кое „се разбива“ и преку социјалните мрежи. Мора да се опаметиме, законот да си ја работи својата работа, ако имаме закон“, рече писателот Душан Недељковиќ.
Фото: Printscreen