Музичко-драмска работилница за крај на возбудливото лето во Капиштец

Добивај вести на Viber

Стотици деца и родители, многу музика, цртање, игри и илјадници детски насмевки го исполнија летово паркот во Капиштец. Вчера се одржа последниот од серијата настани кои под мотото „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, во текот на јуни, јули и август ги организираше Општина Центар. 

Музичко – драмската работилница, која имаше едукативен и забавен карактер, повторно ги собра најмладите на заедничко дружење. Актерот Гораст Цветковски одржа драмски час, а пијанистката Дуња Иванова и композиторката Ана Пандевска беа задолжени за програмата од музичкиот отворен час. Децата глумеа во три кратки драмски игри и активно учествуваа во сите дијалози со актерот Цветковски. Музичките менторки Иванова и Пандевска на децата им претставија клавинова, односно електрично пијано и низ низа музички игри и изведби на мелодии ги запознаа со можностите на овој инструмент. На крајот децата отсвиреа по неколку ноти на клавиновата и научија за доброто однесување на публиката на концерт. 


Целта на проектот „На одмор сум во Скопје сум, Општина Центар мисли на мене“ беше да се исполни слободното време на децата на креативен начин, со ненаметлива едукација и многу забава и игри. 

„Факт е дека новите технологии сè повеќе ги „заробуваат“ децата во нивниот дом пред таблетите, компјутерите и мобилните телефони. Ние како локална самоуправа сметаме дека треба да помогнеме и поттикнеме социјализација и дружење на децата со нивните врсници. Среќни сме што проектот е успешен, со оглед на масовната посетеност на сите настани и се надеваме дека придонесовме нашите најмлади жители да имаат интересни содржини за време на летните месеци“, вели Јагода Јанковска, раководител на Секторот за јавни дејности во Општина Центар. 

Родителите се задоволни од овие настани и велат дека треба да станат традиционални, со цел децата што повеќе да минуваат квалитетно време надвор од домот. Свесни се дека најмладите многу часови се пред таблетите и компјутерите, а поретко играат на отворено, во своето маало или пред зграда и посакуваат тоа да се промени.