МВР излезе со детали за случајот со Ирена Ристиќ

Добивај вести на Viber

Од МВР излегоа со официјално соопштение во врска со случајот со актерката Ирена Ристиќ во кое е наведува дека околу еден часот по полноќ, во близина на Владата на Република Македонија, 43-годишната актерка по потекло од Охрид, заедно со 32-годишниот В.Р. од Скопје, го нарушиле јавниот ред и мир викајќи на висок тон, со дрско и непристојно однесување.

„Двајца полициски службеници им се доближиле и ги предупредиле за нивното однесување. Во тој момент, лицата почнале да ги омаловажуваат и навредуваат полициските службеници. И.Р. и В.Р. биле приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка, поради сторени прекршоци против јавниот ред и мир. Кај лицето В.Р. (32) било утврдено дека е под дејство на алкохол, по извршено алкотестирање“- се наведува во соопштението.

Од МВР информираат дека Ристиќ одбивала да ѝ биде извршено алкотестирање и поради тоа била однесена во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ за да ѝ биде земена крв и урина за анализа за присуство на алкохол.

Таму, таа одбила да даде крв, по што била однесена во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, со цел добивање  мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето.

Актерката потоа е вратена во Полициската станица Центар и во 4:30 часот била ослободена.

„На В.Р. му беше извршено алкотестирање и тој потпиша записник за присуство на алкохол во крвта, по што беше ослободен во 3:35 часот“- стои во соопштението.

Против Ирена Ристиќ ќе бидат поднесени прекршочни пријави по член 4 (кој на јавно место со карање, викање или непристојно и дрско однесување го нарушува јавниот ред и мир ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност) и член 13 (кoj омалoважува државен орган, односно омаловажува или навредува службено лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања во вршење на службата ќе му се изрече глоба во висина од 600 до 800 евра во денарска противвредност. Ако службено лице од став 1 на овој член е полициски службеник на сторителот ќе му се изрече глоба 600 до 900 евра во денарска протввредност).

Против В.Р. ќе бидат поднесени прекршочи пријави по член 4, член 6 (Кој на јавно место се оддава на пијанство или во пијана состојба го нарушува јавниот ред и мир ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност) и член 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

Актерката на социјалните мрежи тврдеше дека собирала отпушоци пред Владата и смет.