На баба ми ѝ ги бркале стројниците на Велигден: Џокси ја откри приказната за најголемиот хит

Добивај вести на Viber

Да се потсетиме на интервјуто на Џокси за Женски магазин, во кое ја откри приказната за најголемиот хит „На Велигден сум се заљубил“. 

Во деновите пред и за време на најголемиот христијански празник Џокси секогаш ја има најслушаната песна во македонскиот етер. Празничниот хит „На Велигден“ го препеа и Ламбе Алабаковски, Пепа Димитрова сними етно-џез верзија, низ годините беа направени и неколку техно-обработки, но ниту еден од овие проекти не го достигна успехот на оригиналот. Авторот Ѓорѓе Васиќ кој со оваа нумера успеа да испише историја во домашната музичка продукција во повеќе наврати зборувал за создавањето на „На Велигден“.

- Рефренот е инспириран од баба ми Уранија и нејзината приказна за тоа како нејзиниот татко, мојот прадедо Коста, ѝ ги враќал стројниците кои упорно доаѓале за Велигден. Се сеќавам кога со неа бегавме преку прозор да не нè види татко ми како одиме во црква. Редовно палевме свеќи, бакнувавме икони и кршевме јајца–откри Џокси.


Рефренот кој му ја одбележа кариерата секогаш го навраќа на деновите за Велигден поминати во Селца, населба на островот Брач и особено на една средба што ќе ја памти до крајот на животот.

- Една постара жена едноставно ме прибра во процесијата. По неколку круга околу црквата ме седна во првите редови и ми шепна на уво да ја отворам устата доколку не ги знам спалмите. Ненавикнат на плејбек, се обидував од свештеникот да ги ловам зборовите во што бев многу вешт, а бабичката беше изненадена дека ги знам наизуст. Сепак, овој момент не остана туку така доживеан. Се распадна поранешната држава, а со неа и сите мои врски со Далмација. Само сликите останаа како спомен на едно убаво време, а мене ми остана да ги вклопам во една. Не ми требаше многу. Во еден момент од мене излегоа и музиката и текстот–раскажа тој.


Првичната верзија на песната е снимена на грчкиот остров Крит. Особено е интересна приказната околу создавањето на аранжманот. Кога Џокси се вратил од Сплит и одлучил да ја сними песната го побарал Тоше Поп-Симонов.

- Го начекав на Крит каде неговата сопруга специјализираше и во тој период таму го имаше преселено целото студио. Се качив на авион и им се придружив. Ги начекав во една многу растроена ситуација, згрозени од однесувањето на Грците и нивните префрлувања дека ние како народ, како држава не постоиме. Ја земав гитарата и почнав да ја свирам „На Велигден“. На тројцата ни потекоа солзи. Тоше едноставно заборави на другите песни. Мислам дека седум ноќи око не склопи до крајното решение. Гајдите ги снимивме во Скопје со Гони Жарновски кој во тоа време беше член на групата „Клержо“–откри познатиот музичар.

Ѓ.С.