На моето дете ќе му кажам дека сурогат мајка ми помогна да го донесам на свет: Искрено со Весна, за борбата да се оствари како мајка

Добивај вести на Viber

После животната приказна на Зоја Самандова Петрушева - претседател на Здружението за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување „До бебе по патот на ин витро“  и нејзината тешка но успешна борба во која се оствари како мајка, Женски магазин ви открива уште една силна приказна, уште една силна жена, и низ што сѐ помина таа, за да стане мајка.

Весна Златковска и нејзиниот сопруг, активно, пет години се обидувале да добијат дете, до моментот кога Весна се остварила како мајка, се обидувале веќе седма година.

За Женски магазин, Весна ја раскажува нејзината приказна, нејзината борба, низ што сѐ поминала кога се одлучиле за сурогат мајчинство, но и за надежта дека еден ден ќе се разбие стигмата за сурогатство, и како што таа вели „никому нема да му биде важно кој како решил да оформи семејство“

Весна: Во мојата борба за да станам мајка, сурогат мајчинството ми беше познато како концепт од многу порано, уште пред да дознаам дека можеби ќе имам предизвик да родам. Низ годините кои проаѓаа, сѐ повеќе истражував за ова но, решението го донесов можам да кажам доста брзо. После последното ИВФ, направивме трансфер на два ембриони, на мое инсистирање, мислејќи дека така ќе ги зголемам шансите за да износам плод. За жал, овој трансфер резултираше во екстраутерина бременост и морав да лежам во болница една недела, за да бидат сигурни докторите дека, при чистењето, нема да настанат дополнителни компликации. Дента кога дојдов дома, бев веќе решена дека следниот обид ќе биде со гестациски носител. После 8 ИВФ, безброј хормонски стимулации и успешни и неуспешни обиди, заедно со проф. Димитров, се договоривме дека можеби ова ќе биде најлогичниот следен чекор.

Во целиот процес за сурогатство, една од најчуствителните работи е изборот на жена која ќе биде сурогат мајка

Весна: Процесот за избор на гестациски носител (народски кажано сурогат мајка) не е нималку лесен. Жената која требаше да ми помогне да го износам сопственото дете требаше да биде пред сѐ со широко срце, да има љубов за да се грижи за плодот како да е нејзин и требаше да биде некоја која би била отворена за комуникација со мене зошто еден од условите кои ги имав замислено е дека сакам комплетно да бидам вклучена во целиот процес. Имав среќа да најдам таква личност која несебично ми помогна пред, за време и потоа во почетоците на мајчинството. Секогаш беше ведра, позитивна и беше сигурна дека ќе успееме од прв пат и дека ќе имаме школска бременост. Ми влеваше сигурност и многу пати таа беше таа, која ме убедуваше дека сме блиску до крајот и дека ќе држам бебе во прегратка. Постојано ме потсетуваше дека не сум јас пациентот.

Таа била целосно вклучена во процесот на износување на нејзиното дете

Весна: Бев таму на секој преглед, секој ултразвук, секој скрининг и бев мост на комуникација помеѓу неа и проф. Димитров. Сепак тој беше мој избор а она несебично се нафати тој да ја води бременоста зошто јас имав доверба единствено во неговата стручност. Редовните контроли ги правеше проф. Димитров, а за скрининзи одевме кај др. Котларова. Гестацискиот носител еднаш неделно беше на контрола и ги направи сите прегледи и скрининзи во бременоста според препораките на професорот. Јас бев присутна на сите контроли и ги имав сите информации од прва рака.

„Се надевам дека и' пружив несебична поддршка“

Весна: Тоа треба она да го каже. И' имав кажано дека може да ме побара за што било за помош. Се слушавме секој ден и ми кажуваше како се чувствува и што носи новиот ден од бременоста. Сите промени и нови случки беа споделени во овие разговори. И покрај ова, чувствував дека немам никаква контрола над нештата, не знаев дали јас поинаку би се однесувала во одредена ситуација..поразот е голем, но и најважен чекор кон решението да побарам помош од гестациски носител. Морав да признаам пред себе дека едноставно не можам да износам плод и дека ми треба помош.

Таа раскажува дека не присуствувала на породувањето, а го запознала синчето некоја минута после неговото раѓање

Весна: На самиот чин не присуствував. Она беше сопственик на породувањето и тоа беше личен договор помеѓу неа и професорот. Се запознав со Боријан некоја минута после неговото раѓање, во родилната сала, во моментот кога ни ги доделија алките за идентификација.

Финансиските трошоци за сурогатство - на терет на родителите 

Весна: Во нашата држава сурогатството е од чисти алтруистички причини. Финансиска надокнада за гестациски носител е кривично дело. Помошта која и' следува е во висина  од една македонска просечна плата за покривање на трошоци кои се поврзани со бременоста. Државата тука нема удел. Нема државна финансиска поддршка.

Сепак Весна вели дека поддршка имала насекаде и од секого: „Пред сѐ од сопругот, тој беше тука за сите нервни сломови кои беа дел од ова патување, мајка ми која постојано ме потсетуваше дека се бројани деновите од бременоста, брат ми кој на секоја моја несигурност ми велеше, сестро готово е тоа, решено е, ќе имаме бебе“ 

Весна: Поддршка имав и од целиот тим во Ремедика: Др. Валентина, ембриолог во Ремедика, лично ми се јави да ми ги каже резултатите од оплодувањето, Проф. Димитров несебично одговараше на сите мои повици и пораки на вибер. Постојано ме убедуваше дека се ќе биде во ред иако сега сфаќам дека никој не можел да знае што ќе се случува. Сестрите од ИВФ Сребра, Данче и Тања, сестра Македонка од одделението каде лежевме после породувањето, Тања Васиќ и Маја Стојановска од Министерството за Здравство и се разбира министерот Венко Филипче. Не смеам да не ги спомнам колешките од работа. Сања, Ели, Весна, Алекс, Лидија и Калина. Цела Бјути Дивизија на Орбико веруваше дека сум трудна и на секое утринско кафе ме убедуваа дека сѐ ќе биде во ред. Ми дојдоа на посета во болница и ме пратија на породилно боледување после породувањето. Таква харизма на жени собрани на едно место не сум сретнала до сега. И за крај, Магдалена, мојата старосватица која ме слушаше секој ден како се борам со себе. Ми помогна да пребродам што ја изгубив битката но ме потсети дека ја добив војната. Бескрајно благодарам на сите! Неразбирање, лоши коментари, чудење имаше. Коментари од типот која мајка ќе даде свое дете.. Всушност големината на човекот се гледа тука. Мајка своето дете не го дава, помага друга жена да го износи сопственото дете. Не ме интересираа тие коментари. Никогаш не ја веднам главата пред тоа туку напротив, се борам за што повеќе луѓе да разберат.

Весна вели дека предизвиците и проблемите на кои наидуваат жените кои го минуваат овој пат, се оние кои се веќе познати, „оплодување, успешност на постапката, лековите за време на стимулациите, неостварената желба за дете после секоја постапка, непознатото..што носи следниот ден?“ 

Весна
: Разликата се јавува после потврдувањето на бременоста со срцева акција на плодот. Од овој момент се губи секаква контрола врз процесот и веќе ништо не зависи од тебе. Останува само да се примаат информациите и да се надеваш дека се ќе биде во ред. Она што мислиш дека можеш да го смениш и да имаш влијание е да обезбедиш најдобра медицинска поддршка и да направиш најдобар избор по сопствени критериуми во постапката, за сите прашања кои ќе произлезат. Мора да веруваш во она што си го одбрала зошто има многу варијабли во текот на постапката.

После сѐ, оваа жена има силна порака за оние родители кои се плашат да го преземат овој чекор

Весна: Се плашиме од непознатото, затоа нека соберат што повеќе информации за сѐ и стравот ќе се намалува. Секој успех е резултат на обид. Ако не успееме од прв пат, ќе знаеме што да смениме следниот пат.

Сурогатството како “тема“ кај нас наидува на доста предрасуди, стереотипи, не познавање, не разбирање на самото значење, за да се разбие стигмата и за да се нормализира “темата“ потребно е јавно да се зборува. Затоа Весна е подготвена еден ден да му раскаже на нејзиното дете како дошло на свет

Весна: Договорот со жената е да не се открива нејзиниот идентитет токму заради стигмата на ова поднебје. Јас на моето дете секако ќе му кажам дека гестациски носител ми помогнала во бременоста и во начинот на неговото донесување на овој свет. Тоа го предвидува и Законот за Гестациски Носител на Македонија. Јавното зборување секако дека помага и затоа го прифатив ова интервју. Огромна е надежта дека еден ден се ова ќе биде дел од нашето секојдневие и никому нема да биде важно кој како решил да оформи семејство.

*Љ.Иванова