Се остварив како мајка после 7мото ин витро и имам прекрасен син: Зоја С.Петрушева за борбата на жените да станат мајки
Брачните парови кои не можат да добијат дете по природен пат, минуваат по тешки и трнливи патишта.
Најпопуларна метода на потпомогнато биолошко оплодување, која носи надеж на илјадници парови е ин витро - постапка на вонтелесно оплодување. Станува збор за процес кој е емоционално и финансиски исцрпувачки, и потребна е голема поддршка и издржливост.
Токму на оваа тема разговаравме со Зоја Самандова Петрушева - претседател на Здружението за хумана репродукција и биопотпомогнато
оплодување „До бебе по патот на ин витро“ - кое е прво и единствено здружение од тој тип, во Македонија.
Зоја - претседателката на Здружението, кое патем е формирано во јануари годинава, за Женски магазин искрено ја сподели нејзината приказна, која ја поттикна да го создаде здружението и да пружа поддршка на сите жени кои имаат една цел - да се остварат како мајки.
Зоја: Приказна... сите ние кои сме го оделе, а и оние кои го одат
овој тежок пат имаме своја приказна. Секоја приказна има своја тежина. Секоја е тешка и болна. Но со голема моќ, ја отсликуваат издржливоста и
борбата на една жена, жена која е со една и единствена цел да биде МАЈКА.
За да се стигне до целта, се оди по многу тежок и трнлив пат. Дел од тој пат се: подлегнувања под оперативни зафати, хормонски терапии, дланка полна таблети кои се пијат секој ден, испитувања, инекции, солзи, болки, болнички ходници,
лаборатории, заглавени во кредити и долгови - раскажува таа.
Зоја: Но, ќе кажам само една вистина: Тие жени се жени лавици!
Најтешките битки се даваат на најхрабрите војници!
Навистина е тежок тој пат. Имате тешка емоционална борба.
Многу истражувања докажаа дека жените кои се соочуваат со
неплодност имаат емоционално ниво на стрес идентично на пациентите со
карцином. Но, секоја приказна има и ќе има среќен крај. Секоја ќе дојде до својата цел и ќе се оствари како мајка.
Таа вели дека не сака да биде погрешно сфатена што акцентот го става само на
жените, секако тука се и партнерите кои се дел од тие приказни. И нивната поддршка е од
најголемо значење за жените во тој процес. Но, сепак Зоја истакнува дека жената е таа која го носи оној
најтешкиот товар искрено.
Нека не ми замерат партнерите на искреноста - додава таа и раскажува дека приказните на другите, а пред се', нејзината лична приказна и била најголема мотивација да основа здружение.
Зоја: Се остварив како мајка после 12 години тежок пат. Се остварив како мајка со седмото ин витро. Имам прекрасен син и сум среќна мајка на Стефан. После Стефан имав уште 2 ин витра.
Но, морам да признаам дека голема поддршка за основање на
Здружението, а и се уште, имам од една прекрасна
жена. Жена која неизмерно ми дава сила да ги оствариме нашите цели како
Здружение. Ќе ја именувам со иницијали Д.Л. (ќе се препознае) и се
заблагодарувам за поддршката. Тука се и членовите на управниот одбор Катерина, Маја и Ана кои
исто така имаат свои приказни.
Со нашите членови и поддршката на останатите ќе успееме заедно
да ги оствариме целите на Здружението „До бебе по патот на ин витро“.
Кај нас за жал не се води статистика, но според информациите од наши клиники, Здружението дошло до информација дека секој трет пар се соочува со некој тип на стерилитет. А вонтелесното оплодување е долг, макотрпен и згора на тоа финансиски исцрпувачки процес.
Зоја: Да, вонтелесното оплодување е долг и макотрпен процес. Некои имаат среќа и успеваат од прв или трет обид на ин витро.
Но, има и некои кои зад себе имаат осум, девет, десет па и
повеќе неуспешни ин витра и се уште не се оствариле како родители.
Под успешно ин витро се подразбира ин витро од кое ќе се роди
живо и здраво бебе/бебиња. Така да во тие неуспешни, жените се соочувале со биохемиска
бременост, спонтан абортус итн.
Таа потврдува дека самата ин витро постапка е финансиски исцрпувачка и не само постапката како постапка, тука се вбројуваат и сите испитувања пред постапката, за време, и по постапката, оперативен зафат доколку е потребен, витаминската терапија пред постапката, за време на постапката и по постапката. Хормонската терапија, прегледи, анализи итн. А речиси целата терапија не е на позитивна листа на лекови од Фонд за здравствено осигурување.
Зоја: Доколку настапи бременост, терапијата се продолжува. Дел од
потребната терапија се користи до пораѓај. Сето тоа финансиски е исцрпувачки, со оглед на тоа дека скоро цела терапија не е на позитивна
листа.
Но, ако единствена можност за да бидеш родител ти е само по пат на
ин витро... верувај нема сила која би те спречила во тоа.
Тие парови и жени се спремни на се'. Заглавени во кредити и долгови.
Од Фондот следуваат три ваучери за потпомогнато биолошко оплодување, за прво, второ и трето дете, а најголема желба на Зоја е да се оствари една од целите на Здружението, да се зголеми бројот на ваучери кој следува од Фондот на здравство, за прво дете.
Пандемијата, а и моменталнава ситуација ги закочи плановите на Здружението, но Зоја верува дека набрзо ќе се вратат онаму каде застанале.
Зоја: Цел ни е да за прво дете се зголеми бројот на ваучери кој следува од Фондот на здравство. Следуваат 3 ваучери. Но, верувајте тоа е навистина недоволно. Многу познавам, а дел ми се и приватно блиски кои зад себе имаат по најмалце 8 ин витра и се уште не се оствариле како родители. Финансиски се навистина веќе немоќни. Немаат од каде. Исцрпени се финансиски после толку ин витра.
Покрај тој ваучер од Фондот, ти требаат уште најмалце 60.000 - 90.000 денари. Финансискиот терет пред постапката и после трансферот
паѓа на нас пациентите. Плус да не се занемари фактот дека некои пациентки мора
да примаат плус додатна хормонска терапија која не им е доволна од самиот
ваучер, или терапијата од ваучерот не е соодветна на нивната историја и
протокол па мора да примаат сосема друга хормонска терапија. Тоа се паѓа на
терет на пациентот.
На позитивна листа верувајте 95% од потребната терапија не е.
Како Здружение, тие имаат за цел и тоа да го променат, и да се стави на позитивна листа поголем дел од потребната терапија. Да се изнајде решение да се олесни додатно финансиски на пациентите.
Зоја се осврна и на неодамнешни лажни вести кои кружеа низ медиумите.
- Во однос на Клиниката BioTexCom од Украина, Киев. Клиниката исклучиво работи само со дониран матерјал и со сурогатство. Најпозната е во Европа па и пошироко.
Тука дојде до судир на интереси на клиники слични па почнаа да шират лажна вест со видеото на кое беа снимени новороденчиња. Изреагираа многу Здруженија од многу држави. Чудно е што никој од новинарите не се потруди да го ислуша видеото, а во најмала рака доколку не разбираше украински да го најде со превод на јутуб па ќе воочеше дека видеото со самиот текст нема никаква допирна точка. Па тие лажни вести со: плачат бебиња зашто не доаѓаат да си ги земат и дека ги “нарачале“, па да си бирате по каталог бебе, итн. беа за најголема осуда, со бесчуствителен текст и со многу тешки зборови. Навредени беа сите оние кои се остварија и се на пат на остварување родителство преку сурогат мајка.
Згора на тоа, таа потенцира дека родителство преку сурогат мајка - е табу тема кај нас, постојат предрасуди и дека медиумите се тие кои треба да влијаат позитивно на оваа тема, почесто да пишуваат, а и да се зборува на ТВ, за подигање на свеста на луѓето и разбивање на табу темите.
Зоја: Да се разбереме, сурогат мајката за некои жени е еден и
единствен начин да се остварат како родител. Некои жени немаат матка.
Сурогат мајката е само носител на тоа бебе кое е оплодено од
биолошкиот материјал (сперматозоид и јајце клетка) од родителите. Тоа бебе
нема и ќе нема никаква генетика со сурогат мајката. Буквално никаква.
Во нашава држава имаме закон за сурогат мајки. Но, за
жал одзивот на сурогат мајки е еднаков на нула. Зборувам во самиот систем каде може
да се пријави онаа која сака да е сурогат мајка.
Оние кои неможат да најдат овде сурогат мајка принудени се да
одат надвор од нашава држава па да бараат, пример, во Украина.
Познавам жени кој се пресреќни мајки на дечиња родени од сурогат мајка. Имале среќа па сурогат мајка им е некој од фамилија блиска или подалечна, пријателка, а на некој сурогат им била познаничка.
За крај Зоја упати искрена порака до сите оние жени и парови кои минуваат низ процесот на вонтелесно оплодување.
Зоја: Тежок е овој пат. Само оној кој го одел/оди може да Ве разбере низ што поминувате
и како се чувствувате. Се чувствувате како да сте качени на лудата железница и нема крај
возењето.
Тешко е многу знам, го одев тој пат, но мора да продолжиме дур не ја
оствариме нашата цел да бидеме родители. Само со позитивна мисла ќе опстоиме на овој пат.
Ви посакувам на сите Вас кои броите денови до Бета хцг, оние кои
сте во процес на ин витро и Вие кои се спремате за ин витро... да имате
позитивна Бета хцг, лесна и школска бременост и да си родите живи и здрави бебулиња.
А, на вашите партнери: Да Ве поддржуваат во овој
процес, да бидат покрај вас, да се трудат да го разберат судирот на вашите
емоции и хормони.
Вас Ви е најтешко со нас дур сме во тој процес мора
да признаеме. Ви благодариме на поддршката која ни ја давате во тие моменти - заврши Зоја.
Целите на Здружение за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување - До бебе по патот на ин витро продолжуваат на следната стана.
*Љ.Иванова
Следна страна