На мои 16 години дојдов во ветената земја: Душица од Штип за живеењето во Њу Џерси благодарение на лотаријата Зелена карта

Добивај вести на Viber

Веќе 13 години Душица Маноилова од Штип живее во Њу Џерси.

Заедно со семејството заминала од Македонија благодарение на лотаријата за Зелена карта. Како што вели, на 16 години дошла во светот на брзиот живот.

„Заедно со мајка ми, татко ми и сестра ми од Македонија заминаваме во 2010, причината беше извлекување на лотаријата за Зелена карта која секоја година постои и препорачувам секому да аплицира бидејќи не знаете никогаш што ќе ви донесе среќата. На мои 16 години дојдов во светот на брзиот живот.

Морам да бидам искрена, она што сега во нашата татковина се живее и е во раст да брзаме сегде ова јас го искусив многу порано и не беше лесно, но сепак имавме цел сите заедно како едно сложно семјество, а тоа е борба за подобар живот“. Вака 29 годишната Душица ја започнува приказната за Женски магазин.

Таа вели дека на рана возраст започнала да работи. Додека студирала не се срамела да заработува како продавачка во бутик, туку се чувстувала продуктивно а кон тоа ја натерала и љубовта кој модата и стилот.

„Во моментот сум во светот на броевите и пресметките (се смее). Позицијата која ја работам моментално е Администрација - Assistant/Accounting компанија со седиште во Њу Џерси. 


Вели дека како и секој почеток така и нив не им било лесно на старт.

„Нема да лажам дека ни било лесно посебно на самиот почеток каде се за нас беше ново и многу непознато, но со текот на времето и околностите самиот живот те тера да се навикнеш. Помошта од секого беше потребна, за волја на вистината јас можам да се наречам среќна жена, бидејќи запознав девојче кое го знам веќе 6 години и е моја другарка која ми даде простор да влезам во компанијата од каде што моментално заработувам за леб и сакам да го напоменам тоа дека сум многу благодарна за нејзината поддршка, бидејќи во ова време - не време многу е тешко да веруваш на луѓе и да очекуваш некој да ти помогне, посебно во земја далеку од сопствената каде не познаваш никој. 


Животот во Њу Џерси, Душица го опишува со една реченица: работа и дома.

„Зависно кои се твоите цели и амбиции кои што оваа држава ги нуди. Њујорк е во соседство со Њу Џерси и тоа е голема предност за оние кои уживаат да поминат пола ден во метропола и да работат во истата. Можности има многу, зависно на која врата ќе чукнеш и колку си спремен да успееш. За добра работа можам да потврдам дека може е потешко да најдеш овде поради милионската конкуренција нели, што не е случај во Македонија. Овде можеш да направиш пари и да не си на некоја функција, и сметам дека тоа е убавината на некој начин овде каде побрзо можеш финансиски да се исправиш на нозе но сепак треба да живееш во заедница“, истакнува Душица која засега нема живеено во друг град во САД.

Ѝ требало повеќе време да се навикне на животот во Америка.

„Визијата и целта ни беше една, но со текот на времето сѐ се промени и затекнавме непријатности кои не се наивни но сепак со волја и надеж успеваш и кога е најтешко. Би сакала да навлезам малку подетално во врска со животот тука, и да разјаснам на старт дека парите на дрво не се берат. Поговорката во која што многумина веруваат воопшто не е така. Овде сѐ е спротивно со она што има во Македонија. Од менталитетот до начин на живот. Македонија можам да кажам дека е многу поубава за живот, но вистината за егзистенција е многу полоша и како јас со семејството така и многу други тоа го направиле за да имаат подобар живот каде што би рекла од финансиски аспект. Туѓинец ќе бидеш сегде, само дома си е дома. Почнувајќи од јазикот кој не се почитува во целост, овде културата е луѓе буквално од цел свет“, истакнува Душица.


Младата Штипјанка посочува дека од храната во Америка омилена ѝ е јапонската, поточно обожава суши.

„Храната мојот омилен топик . Во Америка немаат некој кулинарски специјалитет освен Mc Donalds по што и се познати. Овде има буквално секаков вид на храна, што и да посакаш можеш да го најдеш. Како што кажав има луѓе населени од цел свет и си имаат отворено ресторанти со свој специјалитети па така можеш да пробаш храна од целиот свет. Мене лично омилено ми е сушито“, потенцира Душица. 

Од друга страна вели дека македонската кујна воопшто не ѝ фали затоа што ја готви константно, а во близина имаат и неколку македонски ресторанти во кои кога и да посака може да се храни а да се чувствува како да си е дома.


„Последен пат во Македонија бев пред една недела. Најмногу од родниот град ми недостасуваат баба ми, пријателите, роднините, начинот на живот, сепак кај и да си дома си е дома. Ми недостасува да излезам на кафе со пријателите, ми недостасува ноќниот живот, затоа и се трудам да си доаѓам дома колку што можам почесто“, вели нашата соговорничка.

Душица посочува и дека е благодарна за можноста да искуси поразличен живот, брз, забавен, макотрепен.


„Можноста да го прошетам светот ме држи на земја и ми дава надеж дека сепак доаѓаат подобри денови. Македонија е сепак најдобра бидејќи е наша, и сите ние во туѓина тоа го чувствуваме многу. Штета што ја немаме можноста да ја уживаме и користиме прилика да бидеме за момент во своите градови од каде што сме израснати. 


Living the american dream и оваа поговорка е буквално само надеж дека тоа еден ден ќе се оствари“, вели Душица.



Ирена Ставрова