На тема брак vs. слобода со Вера Јанковиќ: „Паметна жена, свесна за своите квалитети, не може, и не смее да биде уназадена, од било кој аспект“
Кога станува збор за пронаоѓање на идеален партнер за врска и брак, чести се прашањата како и каде да се најде таа посебна личност со која ќе можете да градите среќен и исполнет живот. Во денешното современо општество, кое се карактеризира со брзо темпо на живот и зголемено присуство на виртуелни комуникации, се чини дека е сè потешко да се најде соодветен партнер.
Постојат доста совети и насоки кои ќе ви го „покажат“ патот до вистинската личност, но за жал, денес тие патишта се се пократки, а повеќето се „слепа улица“.
Секој заслужува шанса за среќа, исполнетост и вистиснка љубов. Трплелливите чекаат да дојде вистинската личност, а оние похрабрите уживаат во слободата опкружени со семејството, пријатели, колегите, а има и од оние кои имале среќа да ја почувствуваат вистинската љубов, но игра на судбината останале сами поради загубата на партнерот. Некои продолжиле понатаму, некои едноставно не направиле повторен избор. Статистиките изминатите години велат дека, дури 75 проценти од жените не биле заинтересирани за врска/брак а слободното време го поминувале со пријателите, семејството, уживајќи во нештата кои ги прават среќни. Според студиите, околу 32 проценти од жените на возраст од 45 до 65 години изјавиле дека се потполно среќни сами.
Иако бракот не е, и не треба да биде "стега" и одземање на слободата, напротив, современата жена мора да се чувствува слобода и во заедница со партнерот, потполно еднакво како и кога е сама, и на тој начин да се гради и расте како единка.
Токму на оваа тема разговаравме со водителката и Дј Вера Јанковиќ. Иако таа често се присетува на времето поминато со својот сопруг Зоран Јанковиќ – Бајо кој почина пред 11 години, оттогаш се до денес, вели ужива во слободата која впрочем е една од најбитните сегменти во нејзиниот живот. Вера и Бајо својата љубовна приказна ја започнаа како дел од рок групата „Психо“ каде што таа била вокал, а тој басист. Подоцна, ја создадоа култната градска приказна на клубот „Зи-Зи топ“ во Скопје, чии сопственици беа 13 години.
Со оглед на тоа дека има големо животно искуство во брак но и како слободна жена, разговорот го започнавме со прашањето, каков е нејзиниот став за бракот општо, од оваа перспектива.
- Многу е важно човек да ги почитува сопствените принципи, во случајов оние за брак, дури и ако се разбирливи за средината во која живее! Така се создава квалитетен микро свет, оној кој ќе му пркоси на веќе зададенот. Доколку не разбереш дека бркот е (воен) сојуз меѓу две личности, договор кој „куќа гради“, голем непријател на љубовта и страста, дотолку за извесно време ќе ја изгуби битката со избраниот „противник“.
Ж.М. Што треба да поседува еден вистински маж и дали таков, според тебе, постои денес?
- Доколку не пости вистински маж, која е поентата да дискутираме на оваа, а и на други теми? Тоа е автоматски момент на негирање за постоењето на вистинската жена, онаа која ќе има доблест да го препознае и доусоврши. Секогаш во другиот се гледаме сбеси, систем на препознавање, давање, земање, животен круг и размена на енергии. Ривали без ресор.
Ж.М. Дали би ја менувале слободата за брак?
- Секогаш сум своја и слобода, апсолутно во се'! Сум била истата во брак а и надвор од него, тоа е тој став, печат на едно постоење!
Ж.М. Кои се предностите на слободните жени?
- Имам повеќе простор за себе и материјален и духовен! Не „обвинуваш“ никого за сопствените подеми и падови, своја на своето!!! Момент на јакост на материјали!!!
Ж.М. Дали според вас, бракот ја унапредува или уназадува жената?
- Паметна жена, свесна за своите квалитети, не може, и не смее да биде уназадена, од било кој аспект! Поентата на секоја заедница е да граба напред, да им пркоси на стереотипните дефиниции, кои пак се нечии искуства, кои ние не смееме да ги прифатиме како координати по кои ќе се движи нашиот живот. Среќен ни пат!
Елеонора А.