НАДВОР МИРИСА НА ПРОЛЕТ, ВНАТРЕ НА СТРАВ

Добивај вести на Viber

Мај е најубавиот месец во годината. Мириса на лаванда, јагоди и липа. Пролетно будење во најсилен ек - раззеленети гранки, расцутени дрвја, шарени бои, трчаат деца и кучиња во паркот. Слики на радост... оп-стоп! Па, кај смее човек да му се радува на животот во ова лудо пандемиско време?! Дали и овој мај може да е толку убав?

Порано беше „ин“ да се биде песимист заради некоја интелектуална скепса. Џанам... ако си интелектуалец, тогаш треба постојано да си незадоволен и несреќен. Да лелекаш над својата судбина и да мрчиш на секоја општествена појава. Навистина, за негодување имаме многу фактори, објективни и релевантни, без претерување, ама некако изморена сум веќе од точки и запирки во политичкото мочуриште. Од друга страна, на дланка ни се неизбезжните ковид прилики – изолација, дистанцирање, страв, болести... секојдневни бројки на смртта на контото на здравствениот систем. И во целиот тој песимистички микс, би сакала да најдам сила и да можам како порано да му се радувам на денот без гризење на совеста! Сакам што поскоро да можеме да живееме нормален живот и да се занимаваме со фини нешта. Наместо вести, да слушаме музика. Наместо политички бумбари да ги слушаме мајските бумбари од дворот. Наместо бројки на починати да броиме денови до летен одмор... 


Со месеци веќе како со лупа ја гледаме здравствената тахикардија што се движи од апатија до агресија. Од манипулација до вакцинација. Луѓе со продадени газови, луѓе со наведнати глави, луѓе со заглавена кнедла во грлото, луѓе во теории на заговор, луѓе со барикади во умот... Се обидувам да извлечам максимум меѓу нивните интелектуални решетки, ама за некои работи сè е џабе. И, меѓу оние што не умеат да направат нешто продуктивно и оние што не умеат да направат ништо друго освен да лелекаат, јас решавам поинаку. Вртам нов лист и почнувам од А! Кога веќе животот ни тоне во пандемиско црнило, ќе си напишам својата азбука на пролетта. Во неа буквите ќе го играат орото на надежта...

Во мојата азбука А значи АЛТРУИЗАМ и АКТИВЕН ЖИВОТ, а не агресија и апатија.

Б значи БОРБА, а не блаботење во празно.

В значи ВИСТИНА, ВАКЦИНАЦИЈА и ВИБРАЦИЈА (позитивна, се разбира), а не валкани политички игри.

Г значи ГОРДОСТ, но не и празна горделивост накитена со снобизам.

Д значи ДОСТОИНСТВО, ДОБРИНА и ДИГНИТЕТ, без да дозволам да нè завлече кон дискриминација, уште помалку кон депресија.

Е значи ЕНЕРГИЈА и ЕМАНЦИПАЦИЈА, а не елитизам.

Ж значи ЖЕНСКА ЖЕСТОКОСТ, а не жалење и пуста желба неостварена.

З значи портокалово-жолти ЗАЈДИСОНЦА, но никако завист. 


И значи софистицирана ИНТЕЛИГЕНЦИЈА, а не „селска“, итарпејовска итроштина.

Ј значи ЈОРГОВАНИ, а не јастреби со наострени клунови.

К значи КОМУНИКАЦИЈА, а не ковид-19.

Л значи ЛОЈАЛНОСТ и ЛАЗАЊИ, вкусни, топли, но не и лаги.

Љ значи ЉУБОВ, без љубомора.

М значи МАЈКА, никако манипулација.

Н значи НАУКА, НИРВАНА, НАСМЕВКА, не нихилизам.

О значи ОБЈЕКТИВНОСТ, а не опресија. 


П значи ПРОЛЕТ, а не партиско полтронство и притисок.

Р значи РАДОСТ и РОМАНТИЗАМ, наместо ригидност.

С значи СВЕТЛИНА и СТРАСТ, но не и страв.

Т значи ТУЛУМБА, а не тврдокорност.

И така сè до Ш!!! Ш како шумолење на река, шаренило во природа, шумска јаготка, шашава шапка... Па, накриви шапка и продолжи да го наоѓаш убавото и шареното во сивилово околу нас. Надвор мириса на пролет, и покрај гнилата пандемиска реа.

Надвор мириса на лаванда, јагоди и липа...

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој