Нашата најмлада пациентка со карцином на дојка имаше само 17 години: Д-р Маја Стојчевска-Чапова

Добивај вести на Viber

Секој октомври во светот се случува годишна интрнационална кампања со цел подигање на свеста за постоење на болеста карцином на дојка. Веќе неколку години и кај нас во месец октомври се организраат различни активности, трки, модни ревии, изложби.

Маја Стојчевска - Чаповa специјалист радиодијагностичар, смета дека сите активности се одличен подсетник и ги мотивираат жените да го организираат и својот преглед.

Маја Стојчевска-Чаповa завршила  Медицински фаултет на  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, во 1995 година. Специјализирала радиологија во 2003, а во Виена, во 2013 година се стекнала со Европска диплома за дијагностика на дојка. Станала доктор на медицински науки во 2018. Таа е специјалист радиодијагностичар во Клиничката болница  „Аџибадем Систина" - Скопје.

* Превенцијата во борбата против ракот на дојката е најважна. Колку активностите што се преземаат овој месец ги поттикнуваат жените да дојдат на контрола?

- Карциномот на дојка не е модерна болест. За прв пат е спомнат уште пред 5000 год во запис откриен во Египет каде се опишуваат дури 8 пациенти со симптоми на оваа болест. Заклучокот за сите бил дека „не се лекува“. Денес состојбата е значително поразлична. Карциномот на дојка е излечлив во над 90%, доколку се открие на време и правилно се лекува. Скринингот или превентивниот преглед кај асимтоматски пациенти овозможува детектирање на малигната болест во рана фаза со диемнзии под два сантиметри. Организираниот скрининг кој активно се практикува во развиените земји веќе неколку децении, покажа исклучителни резултати. Повеќе студии кои ги анализираа резултатите од организираните скрининг програми во Шведска и  САД,  укажаа на намалување на стапката на морталитет од карцином на дојка до 40% во земјите каде континуирано се одвива организиран скрининг. Од тука од исклучителна важност е практикување на превентивните прегледи.

За жал во Македонија се уште не постои организиран скрининг иако одамна се зборува и беа направени неколку обиди за негова организација. Сепак веќе дваесетина години ние професионалнците кои се занимаваме со оваа патологија водиме опортунистички скрининг.

Едукација на популацијата за постоењето на оваа болест и нејзините карактеристики, можностите за дијагностика и третман се дел од нашите редовни активности преку организирани предавање , пишан материјал како и учество во популарни емисии. Секој октомври во светот тече годишна интрнационална кампања со цел подигање на свеста за постоење на болеста Карцином на дојка. Веќе неколку години и кај нас во месец октомври се организраат различни активности, трки, модни ревии, изложби. Сметам дека сите случувања се одличен подсетник и ги мотивираат жените да го организираат и својот преглед.

Потребен е редовен годишен преглед на асимптоматски пациенти

Во нашата земја ракот на дојка кај поголем број жени  се открива во поодминат стадиум, за разлика од другите земји во Европа. Едноставно кажано, како да ги натераме припадничките на понежниот пол да го направат првиот, превентивниот преглед и од што се состои тој?

- Кампања, едукација , разговор и мотивација.Ова се единствените начини да постигнеме промена и да ја подигнеме свеста за превентивните прегледи. Невозможно е да направиме рана детекција на карцином на дојка доколку пациентите доаѓаат на преглед само тогаш кога почувствувале проблем.

Потребен е редовен годишен преглед на асимптоматски пациенти за навреме да се дијагностицира болестта. 

Стапката на рано дијагностициран карцином на дојка во развиените земји каде се практикува организиран скрининг е над 70%. За жал кај нас само 30% од новодијагностицираните пациенти со карцином на дојка се во рана фаза, стадиум 0 и 1, или со димензии на тумор под два сантиметри без зафаќање на лимфните јазли.

Ова се поразителни факти кои укажуваат дека сеуште мораме напорно да работиме како на организрање на здравствениот систем  односно доволно машини и едуциран кадар, така и на мотивирање на поплуацијата за редовни превентивни прегледи.

Само навремено откриен и правилно третиран карцином на дојка може да се излекува. 

Мамографијата е основна дијагностичка метода која се користи во дијагностиката на оваа болест.

За популацијата со низок пресметан ризик за развој на карцином на дојка , околу 80% од популацијата, се советува започнување на редовно мамографирање меѓу 36-40 години од животот. Истото е потребно да се повторува во интервал од две години.Тоа е најдолг пресметан период што се смета за безбеден. Болеста која би се појавила во интервалот меѓу две мамографии ќе биде дијагностицирана на време во ран стадиум кај 99% од пациентите. Во зависност од други дополнителни ризик фактори кај одредени групи пациенти, како густина на гради, семејна историја, употреба на хормони , зголемена телесна тежина, дополнително во скринингот се вклучуваат и други дијагностички методи како ултразвук и магнетна резонанса.

Нов дигитален мамограф во „Аџибадем Систина“ за најбрзо и најпрецизно откривање на карцином на дојка со минимално зрачење

На удар на оваа болест не се само постарите жени , туку и помладите. Колку години има најмладата пациентка?

- Вообичано се говори дека карциномот на дојка е болест која карактеристично се јавува во петта и шеста деценија од животот. Но оваа болест навистина не почитува возрасни граници. 

Најмладата пациентка со дијагностициран карцином на дојка и извршена мастектомија е 10 годишно девојче од САД. Кај нас најмладата пациентка имаше само 17 години. Загрижувачки е фактот дека стапката на пациенти со дијагностицирана малигна болест на дојката на возраст под 30 години расте.

Немаме доволен број на стандардизирано едуцирани професионалци

Кои се факторите на ризик за оваа болест?

- Постојат повеќе познати фактори кои се поврзуваат со појавата на карцином на дојка.

На прво место секогаш се споменува хередитарниот -наследниот фактор. Околу 17% од сите пациенти со дијагностициран карцином на дојка имаат некаква семејна историја на оваа болест. 

Денес науката познава неколку генетски мутации ,за кои постојат и клинички релевантни тестови, што се поврзани со развој на малигна болест на дојката.

BRCA 1 и BRCA 2 се гени локализирани на 17 хромозом кои произведуваат тумор супресорски протеини. Овие протеини се одговорни за репарација на оштетената ДНК и овозможуваат стабилност на генетскиот материјал на секоја клетка. Кога овие гени се мутирани тумор супресорските  протеини или не се произведуваат или не функционираат правилно при што е неможна поправка на оштетената ДНК, клетките дополнително трпат измени кои можат да доведат до развој на карцином .

Ако општатата популација има ризик од 12% да развие карцином на дојка до крајот на својот живот, 70% од пациентте  со присутна БРЦА1 или БРЦА2 мутација ќе развијат карцином до нивната 80 година.

Како следна најчеста причина за појава на карцином на дојка се потенцираат хормоните. Огромен број на карциноми на дојка има хормон рецепторски систем, естроген и прогестерон. Зголеменото присуство на овие хормони стимулира развој или прогресивен раст на туморите. Зголемената употреба на хормонски препарати, контрацепција, хормон заменска терапија, Стимулирачка терапија – ИВФ, се смета за една од причините за зголемување на стапката на оваа болест во последните децении.

Зголемената телесна тежина, употребата на алкохол, стресот, физичка неактивонст и загадувањето исто така имаат значајна улога во зголемувањето на стапката на оваа болест.

Што се случува со жените ако во текот на бременост или доење се појави канцер. Со оглед на хормонските промени кои настануваат во организмот, колку тој може веднаш да се детектира и како се одвива лечењето? 

- Бременоста е специфична состојба на телото на жената . Голем дел од клетките се стимулирани на пролиферација, раст, па така и туморите доколку биле присутни макар и како предканцерски состојби во овој период имаат прилика за брз развој. Доплнително зголеменото количество на хормони стимулира забрзан развој на болеста. Малигните болести на дојката во бременост се равиваат брзо и за нив е исклучително важна брзата и точна дијагноза.

Честопати се игнорирани или погрешно интерпретирани како застојни измени во склоп на лактацијата или мастит.

Исклучително е важно да се напомене дека секоја нова состојба грутка или црвенило, мастит кое перзистира подолго од една недела и покрај дадената терапија, неопходно е да се иследи радиолоши до крај, со цел да се исклучи постоење на поинтензивна болест.

Колку е успешна Македонија во лечењето на оваа болест. Имаме ли доволно стручен кадар и лекарства?

- Во нашата земја се следат трендовите за дијагностика и лекување на карциномот на дојка.

И кај нас како и во развиените земји се достапни повеќето медоти кои стандардно се употребуваат , за жал не во доволен број. Она што навистина недостасува е доволен број на стандардизирано едуцирани професионалци. Лекувањето на болеста денес е персонализирано . Освен добро познатата зрачна и хемо терапија денес значајно улога има и хормон терапијата како и таргетираната имуно терапија. Мислам дека и на ова поле е потребно подобрување.

На пет мажи годишно им се дијагностицра карцином на дојка

Оваа болест многу поретко ги напаѓа и мажите. Има ли во земјава такви случаеви?

- Карциномот на дојка не екслузивно женска болест. 0,5-1% од сите карциноми на дојка се јавуваат кај мажите.

Симптомите, начинот на дијагноза и третман се идентични кај обата пола.

Во нашата држава бројот на мажи дијагностициран со карцином на дојка е околу 5 годишно.

Може ли да ни посочите неколку начини на самопреглед, односно проверка на дојките кои секоја жена може да ги направи сама?

- Начинот е единствен.

Систематска палпација, допирање на градите со врвови на прстите редовно еднаш месечно.

Исклучително е важно прегледот да се изведува по завршување на менструалното крварење , за жените кои имаат редовен циклус, со цел да се избенат лажни грутки и непотребна паника.

Секоја нова тврдина која не постоела предходно и се разликува од останатото ткиво потребно е да се пријави на лекар.

Како успевате да се заштите и да и дадете предност на професионалноста, а не на емоциите, кога за жал треба да и соопштите на пациентката дека боледува од карцином?

- Емоциите се дел од личноста. Станувајќи лекар не се стекнувате со автоматска моќ за исклучување на емоциите, просто и едноставно “се навикнуваш“ е невозможно. Но, она што го учиме со текот на работата е конролирање или одложување на емоциите кои не напаѓаат кога денот ќе заврши.

Соња Алексоска  Неделковска