Нашите производи овозможуваат поздрав и поеколошки начин на исхрана без притоа да се откажуваме од вкусот кој го сакаме: Интервју со Сања Трајковска Ташев

Добивај вести на Viber

„Сметам дека ние луѓето не сме доволно информирани за влијанието кое нашата исхрана го има не само врз нашето здравје туку воопшто и врз околината и планетата. Затоа и се одлучив да го преземам тој чекор и да го донесам „Вердино“ во Македонија-да му дадам до знаење на нашиот народ дека доколку некој се одлучи да престане да јаде месо не значи дека ќе останат без избор на храна.“


Сања Трајковска Ташев, директорка на Уни-Лукс, решава бизнисот кој трае веќе 27
години и се бави со производство на леб и бели пецива, да го прошири со носење на одлични вегански производи познати под името „Вердино“.

Како жена во бизнис заедницата, Сања смета дека нашиот менталитет кој најчесто ја става жената во кујна, а не на врвот на една компанија иако полека се менува е уште силно присутен, па затоа е многу важна поддршката од семејството и од опкружувањето.

Како веган кој со години не јаде месо, таа се одлучува на нашиот пазар да ги донесе „Вердино“ производите кои се 100% растителни, односно вегански и не содржат ниедна состојка од животинско потекло. Успехот со оваа линија производи ја инспирира на македонскиот пазар да ги донесе двата нови бренда „UnFished“- вегански производи како замена за риба и „GreenCourse“-вегански сосови. 

Оваа дама која има завршено Факултет за менаџмент и меѓународни односи, а во моментов има две магистратури во тек за Човечки ресурси и МБА, секојдневно успешно се снаоѓа во прехранбената индустрија, за што детално објаснува во нашето интервју.

* На почетокот би Ве замолилa да ги издвоите најзначајните моменти од Вашиот досегашен професионален пат.

- Мојата вечна самокритичност не ми остава многу простор за набројување во поглед на тоа прашање, но најголемата гордост до сега ми е убедливо успехот што го постигнавме со пласирање на „Вердино“ веганските производи на нашиот пазар. Како сосема нова и непозната категорија на производи предизвиците беа и сè уште се многу големи, но тоа го прави овој проект уште позначаен.

* Од што зависи успехот на една компанија како УНИ-ЛУКС која постои веќе 27 години на македонскиот пазар?

- Успехот секогаш е резултат на вредна и посветена работа. Јас како трета генерација имав можност да бидам присутна во развивање на бизнинсот од најмали нозе. Уште од самиот почеток бев сведок како се гради еден бизнис, колку време и труд е потребно да се вложи, кои се придобивките, но и жртвите од оваа работа. Низ сите овие години и додека бев надворешен набљудувач и сега кога сум значаен дел од процесот можам да кажам дека за успех на една компанија е потребна максимална посветеност и инволвираност во секој аспект на работењето и секако одличен тим за работа.

* Каква е положбата на жените во македонската бизнис заедницата?

- Бројот на жени кои се сопственички на бизнис во нашата држава не е за занемарување. Статистички, разликата помеѓу мажи сопственици на бизнис наспорти жени не е значително голема како бројка, но голема е разликата во големината на претпријатијата кои ги водат. Имено жените се најчесто основачи на микро и мали претпријатија и најчесто тие бизниси се основани и поради остварување на основни приходи, а не со цел за раст и развој на претприемачкиот капацитет на една жена.

Потенцијал имаме, но тој не е максимално искористен и сметам дека постојат две причини за тоа-наметнатите очекувања од општеството за позицијата на една жена и недовербата на самата жена во својот капацитет. И покрај тоа што женската бизнис заедница е постојано во подем има уште многу простор таа да расте и за тоа е потребно огромна поддршка не само од општеството и државата, туку и од семејството и околината на секоја една жена која сака да го искористи својот претприемачки потенцијал.

* Кој е, според Вас, главниот проблем со кој се соочуваат жените во бизнисот?

- Да се биде жена во бизнисот пред сè бара огромна поддршка од семејството и опкружувањето. Нашиот менталитет кој најчесто ја става жената во кујна, а не на врвот на една компанија иако полека се менува е уште силно присутен.. Додека работните обврски се еднакво поделени помеѓу мажите и жените на работното место, домашните сè уште во најголем дел припаѓаат на жените. Во време кога баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот е скоро и невозможно да се постигне, многу е важно да имаме силна поддршка и помош на приватен план додека го оформуваме професионалниот пат.

Со тоа би рекла дека една жена нема проблем да биде во бизнис светот, да постигнува, гради и да остварува, но проблемот настанува кога работните часови завршуваат, а жената се враќа дома на уште еден куп обврски и цело едно ново работно место.

* Од каде идејата од производство на леб и бели печива, до брендот „Вердино“? Може ли да ни раскажете нешто повеќе за овие производи кои направија една своевидна револуција во исхраната?

- Идејата да се донесе линија на производи од растително потекло како замена за месо започна токму овој период пред една година. Не се сеќавам точно како дојдов до таа  идеја, но јасно се сеќавам на секој чекор што го преземав од тој ден до денес. Најверојатно одлуката беше и делумно „себична“ бидејќи јас не јадам месо веќе со години.

„Вердино“ производите се 100% растителни, односно вегански и не содржат ниедна состојка од животинско потекло. Производите служат како замена за месо и производи од месо. Налик се исти, а по вкус многу слични на сродните месни производи. Се приготвуваат на ист начин и со нив може да се направат сите традиционални јадења кои може да се направат и со месо. Моментално на нашиот пазар има седум вида на „Вердино“ производи, но планираме оваа бројка да расте.

Производите се на база на протеин од грашок, а дел од нив во својот состав имаат и пченичен протеин и протеин од фава грав што обезбедува висок процент на протеини во еден оброк.

* Ваш омилен производ од „Вердино“ и зошто?

- Мојот омилен „Вердино“ производ се менува од еден период во друг. Има период кога ги обожавам ќебапчињата, па друг период кога англиските колбаси ни се најчесно на мени, па неколку недели се јадат само бургери пред да преминам на следниот омилен производи и така во круг. Сепак ако треба да одберам еден засекогаш омилен производ тогаш тоа се пикантните колбаси „merguez“. Оригиналниот рецепт за овие колбаси доаѓа од Северна Африка, по вкус се малку пикантни и доста зачинети, а јас сум голем љубител на зачинета храна и егзотични вкусови.

* Покрај „Вердино“ кој е замена за месни производи, во моментов на македонскиот пазар ги претставивте и двата нови бренда „UnFished“- вегански производи како замена за риба и „GreenCourse“-вегански сосови. Раскажете ни за што точно станува збор?

- Огромно задоволство ни е што од неодамна ја проширивме нашата палета на вегански прехранбени производи и со два нови брендови.

Брендот „UnFished“ се производи кои се веганска замена за риба односно туна и намази од риба. Моментално веганската туна-плантуна може да се најде со два вкуса-како класична плантуна во вода и плантуна во веган мајонез. Пакувањето е исто во конзерва, по изглед и текстура се скоро идентични и многу слични на вкус. Плантуната се конзумира на ист начин како и традиционална конзерва со туна-може да се стави во салата со зачин и лимон, на пица, со паста, во суши итн. Плантуната во мајонез е одлична за сендвичи, како оброк со прилог од зеленчук, во паста или на било кој друг начин.

„UnFished“ намазите се во туба и доаѓаат во три вкусови-класик плантуна, плантуна со чили и плантзалмон или намаз со вкус на лосос. Како целосен новитет на нашиот пазар многу нè радува што се одлично прифатени од страна на купувачите.

Другите производи од брендот „Green Course“ се 100% растителни мајонези односно намази со три вкусови- мајонез со лук, мајонез со сенф и рен и супер пикантниот вкус на срирача. Ги препорачуваме во комбинација со некој од „Verdino“ производите за комплетно веганско скараџиско искуство

 * Колку е поразличен начинот на производство на ваквите вегански производи, и зошто се толку специфични и вкусни, а воедно и здрави?

- Процесот на производство е истовремено сличен и комплетно различен од производство на месни производи. Главната разлика е секако самото месо кое е изоставено во производството на „Вердино“ производите, но останатото е се исто.

Најчестата рекација која ја добиваме од купувачите откако ќе пробаат некој „Вердино“ производ е дека вкусот е многу сличен и скоро ист како вкусот на месо. Причината за ова е што истите зачини кои се користат при производство на производи од месо се користат и во процесот на подготовка на растителните производи. Месото само по себе нема вкус без да биде зачинето, па така и кога ќе се замени со растителен протеин и ќе му се додадат истите зачини финалниот продукт нема голема разлика во вкусот. 

Целта на „Вердино“ производите е токму тоа-да нè овозможи поздрав и поеколошки начин на исхрана без притоа да се откажуваме од вкусот кој го сакаме.

* Каков начин на исхрана водите Вие? Која е Вашата цел со носењето на оволку голема палета вегански производи за потрошувачите? Дали Вашите купувачи се само вегани или пак производите се наменети за сите?

- Јас лично одлучив да го исфрлам месото од исхраната на одреден период кога почувствував презаситеност од него. Додека пребарував рецепти и начини да го заменам месото во исхраната научив многу за влијанието што всушност нашата исхрана го има врз околината. Откако сфатив дека тоа што го јадеме може да го промени светот едноставно не можев да се вратам назад. Дополнително љубовта кон животните си го направи своето и постено и без форсирање комплетно ги исфрлив сите производи од животинско потекло од исхраната.

Сметам дека ние луѓето не сме доволно информирани за влијанието кое нашата исхрана го има не само врз нашето здравје туку воопшто и врз околината и планетата. Затоа и се одлучив да го преземам тој чекор и да го донесам „Вердино“ во Македонија-да му дадам до знаење на нашиот народ дека доколку некој се одлучи да престане да јаде месо не значи дека ќе останат без избор на храна.

Нашата традиционална кујна вклучува месо во скоро секој рецепт, па со тоа се одлучив да донесам и една поширока палета на производи за секој да си го пронајде својот фаворит.

Потрошувачи на „Вердино“ се секако вегани и вегетаријанци, но има и многу флекситаријанци, луѓе кои постат за време на христијански празници како и оние кои се трудат да ја намалат конзумацијата на месо воопшто. Нашата цел е да им понудиме избор на купувачите, да им покажеме дека постојат алтернативи и дека растителната исхрана не е ограничена само на зеленчук. Изборот секако е на крајниот потрошувач, но секој избор е полесен кога се има повеќе опции.

* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате?

- Кога не работам енергијата ја насочувам најмногу кон семејството, но и кон сама себе. Се трудам да изнајдам барем малку време во неделата кога ќе бидам сама со своите мисли, најчесто преку долги прошетки. Кога сакам комплетно да се „исклучам” се задлабочувам во некоја книга или филм. Енергијата секогаш ја црпам од моите деца кои заедно со сопругот ми се огромна инспирација и безусловна поддршка на ова мое патување.

* Мото кое Ве води низ животот?

- Многу брзо после мојата одлука да го почнам овој бизнис се соочив и со првото големо разочарување. Тогаш си напишав порака сама на себе „Патот до посакуваното „ДА“ е поплочен со многу болни „НЕ“. Важно е да се продолжи да се оди по тој пат без откажување. Со разочарување, но без откажување.” Од тој момент, тоа е мотото кое ме води секогаш кога наидувам на препрека. 


*Даница Караташова Илиоска

*Фото: Вангел Тануровски