Наташа Бабулова Ангелеска за борбата со канцерот: „Црвената течност која течеше низ моите вени, ми даде живот и можност да бидам покрај моите најмили“

Добивај вести на Viber

Наташа Бабулова Ангелеска по професија е дипломиран технолог конфекциски инжинер и сопственик на модно ателје повеќе од 13 години. Вели, благодарение на оваа професија таа го открила својот нов партнер во животот, канцерот. Покрај сите искушенија со која се соочила изминатите 2 години, таа никогаш не и „потклекнала„ на болеста. 

- Покрај сите препреки во овие 2 изминати години никогаш не реков јас сум болна. По завршувањето на секоја хемотерапија првата недела неможев да станам од кревет, неможев да се движам, но после тоа станував и работев, кроев шиев, изработував и се уште изработувам креации за моите клиенти. Нај голема благодарност за сите нив, затоа што тие ми го продолжуваат животот, тие ме тераат да одам напред тие се мојата инспирација а јас нивната за тоа дека и ракот може да се победи. Најубавото чувство е нивната насмевка додека се гледаат во огледало и прегратката која ќе ми ја пружат и ќе ми речат благодарам.

Вели, почеткот на една нова етапа од животот, соочувањето со новата дијагноза не била воопшто лесна, а истата ја открила сосема случајно.

- Дијагнозата ја открив сама седејќи на машината за шиење го осетив топчето на мојата десна града. Беше Корона и прва мисла што ми дојде е да го побарам мојот гинеколог. Ме виде на ехо и ми рече дека е воспаление па ми даде антибиотик со што мислам дека ја направивме најголемата грешка. Антибиотикот само го сокри туморот кој за неколку месеци пак се појави во малку по зголемена форма. Кога го напипав вториот пат, знаев дека е нешто по сериозно и од тој момент почна целата моја приказна со канцерот на дојка.

Кога ќе се сети на голготата низ хотниците на Државна болница, вели и денес ја лазат морници, но едноставно тоа беше неизбежно и мораше да се помине целиот тој процес.

- Голготата по ходниците на радиологија торакална хирургија и онкологија почна веднаш. Се се одвиваше многу брзо благодарение на еден мој многу близок доктор кој што ми организираше во два дена и мамографија и биопсија па дури и закажување на операција. Во тие моменти немав време да мислам што се се случува и што ќе се случува трчав од клиника до клиника за да ги направам сите испитувања и знаев да застанам и да пуштам некоја солза но мојот доктор само ќе ми кажеше „не се грижи се ќе биде во ред“. Откако дознавме дека се работи за канцер следуваше најтешкиот момент -  како да им соопштиме со сопругот на децата посебно на ќерка ми која тогаш имаше само 12 години и која влегуваше во пубертет. Со мене беше и мојата втора половина мојот ветар во грб,  мојата сестра на која сум и бескрајно благодарна бидејќи кога и кажав низ што ќе треба да поминувам во животот, само ми рече не се грижи, ќе биде се во ред, ќе победиш.

И тогаш, од тој момент почна борбата за Наташа. Борба за нов живот без канцер.

- Заврши оперативниот зафат и тој беше најлесниот дел од лечењето. Оперирана сум квадрат тоа е одстранувате само дел од градата . Мојот тумор беше само 9 мм. Ги чекав резулатите со помисла дека можеби не е канцер дека можеби нема да примам хемотерапија но за жал не беше така . Добив 8 хемотерапии и 15 зрачења. Дојде моментот за примање на првата хемотерапија никогаш нема да го заборавам тој ден, иако насмевката на моето лице ни тогаш ни сега не се тргнува, надежта ни тогаш ни сега не е згасната, ниту пак ќе дозволам да згасне. Само и ја дадов раката на сестрата која ме гледаше во очи ми се насмевнуваше и покрај тоа што се носеа маски зошто беше Корона, можев да прочитам од тие очи само едно - не плаши се се ќе помине. Почна да тече таа надеж, почна да тече црвената течност која ќе ми даде живот, течност која ќе ми го продолжи животот за да бидам покрај моите најмили покрај моите деца. Почнав да чувствувам како таа црвена течност поминува низ моето тело почнаа да трчаат солзи како река не дека се плашев, туку течеа зошто во себе си ги повторував зборовите ќе успееш ќе успееш.

Иако Наташа не ја симнуваше насмевката од лицето и желбата за живот и беше „погласна“ од се, по првата хемотерапија почнаа и физичките промени.

- Пред втората хемотерапија почна да ми паѓа косата само и се јавив на другарка ми Светле и и реков: ,,ќе може ли да дојдам до твојот салон да ме ишишаш на нула". Никогаш не ставив перика ниту се криев од тоа што го поминував. Одев без коса, одев без трепки и веѓи зошто знаев дека тоа е само еден период од мојот живот кој морам да го поминам. Денес се поминати две години од мојата дијагноза но јас и понатаму сум истата личност како и пред дијагнозата насмеана, позитивна и полна со енергија и живот. Најголема поддршка низ овие две години е моето семејство, но ќерка ми е таа што од првиот момент па до денес секогаш најцврсто ме држи за рака. За секоја мајка децата се најголемото богатство но кога ќе имаш дете со само 12 години кое ги поминува сите тие препреки во животот и кога ќе сфатите дека наместо розево детство таа поминува лавиринт низ својот живот, си велам ти благодарам Господе за овој скапоцен дар.

Денес нејзината ќерка е дете какво би посакала секоја мајка голема поддршка. Зрела за своите години но исто толку силна и одлучна. Таа вели дека, работите со кои се соочила многу мала, денес се „виновни“ за тоа каква во стабилна личност се изградила.

- Кога видов колку е силна мајка ми, без веѓи, перика... дека не се криеше и беше постојано позитивна, сватив дека во животот секоја препрека мора да се издржи. Оние детските „глупости“ кои ги имаат моите соученици мене не ме интресираат. Кога ќе се соочиш со нешто толку тешко, овие мали проблеми се ништо, всушност сфаќаш дека немаш никаков проблем. И едвај чекам да го завршам средното училиште и да се посветам на нешто посериозно. Верувајте, кога ќе поминете нешто толку тешко со родителот и кога ќе поврзеш твојот родител со канцер, смрт... тоа што го доживуваат децата од мојата генерација па и оние малку постарите, се смешно, едноставно сфаќам дека се тоа сум го надраснала многу порано.

Наташа вели дека секоја борба во животот треба да биде потсетник за тоа колку треба да внимаваме на себе. Најбитно е да останеме присебни да бидеме свесни за се тоа што го поминуваме и никогаш ама никогаш не треба да ја тргнеме насмевката од нашето лице, зошто ние не сме само жени, ние сме мајки сопруги и воини кој го движат светот.

Според статистиките, бројот на заболени од карцином на дојка во моментов во нашата држава е застрашувачки, а истите секојдневно растат. Затоа Наташа има посвети осебна порака на сите читателки на Женски магазин.

-  Жени правете си барем еднаш месечно самопреглед. Што и да осетите не оставајте на случајност, одете на ехо и мамографија кај вашите гинеколози . И задолжително одете кај радиолог. ЗАтоа што не треба само да се направи преглед, треба стручен лекар кој знае да чита резултати. Ракот на дојка се лекува доколку навреме е откриен. Секоја борба во животот извојувајте ја со победа, како што јас го направив тоа, и никогаш не се откажувајте туку чекорете напред со насмевка на лицето, свесни дека само така сигурно ќе успеете.

Елеонора А.