Наутро кафето го пијам сама - тоа се моите 30 минути уживање и планирање на обврските: Утринско кафе со Лепосава Т. Анѓеловски

Преку недела утринското кафе го пијам сама откако ќе го однесам синчето во градинка. Тоа се моите утрински 30 минути уживање и планирање на обврските кои ме чекаат во текот на денот. Додека пак за време на викендите со сопругот го уживаме тој момент заедно. Не беше личност која пие кафе, но покрај мене почна и тој, затоа што утринскиот разговор со кафе ни е нешто кое што во бурното секојдневие покрај милион обврски, е момент само за нас.

Ме мотивира моето семејство. Поддршката која што ја добивам од нив, мирот кој што ми го овозможуваат со цел да успеам во тоа што сум најдобра. Немам зборови со кои можам да искажам колку поддршка добивам од сите мои најблиски. Почнувајќи од синчето, сопругот, родителите и брат ми, јас навистина немам што друго да посакам освен да се тука и покрај мене зошто така сум посилна. 

Покрај обврските околу синчето, работата од дома на @magnolia.glamour е 15/7 моја преокупација. Домашните обврски исто така се оставени на мене, со оглед на тоа дека сопругот е ангажиран поголем дел од работната недела и викендот, бидејќи е професионален спортист чии што утакмици се задолжително за време на викендите.

Најчесто денот ми започнува со подготовка на синчето за во градинка, а после тоа останувам сама со обврските околу домот и како што кажав, мојата работа од дома која ме исполнува максимално. 

Денот најчесто ми завршува со подготовки за наредниот ден. Со оглед на тоа дека работам многу во текот на денот, многу ми е битно од вечерта да ми се завршени многу работи кои ќе ми овозможат полесно да функционирам наредниот ден. А јас полесно функционирам во чиста и средена околина, така што најчесто вечерта кога сите ќе заспијат јас средувам низ дома. После тоа следува скоро задолжително туширање и уште еден добар час пауза само за мене. Моите 5 минути (во еден час) од вечерта. 

Да бидам искрена, немам време ниту за книга, ниту за филм. Од книги, сѐ уште сум на стручна литература со оглед на тоа дека се дообразувам без прекин, додека пак за филм немам време. Можеби некоја серија која спонтано може да ја гледам епизода по епизода, со паузи, ама да одвојам два часа за филм не се случило во изминатите, скоро 6/7 години. Ако треба да бирам, секако ќе се задржам на книга. 


*Лепосава Тупеска Анѓеловски  - мр. Фармацевт, спец. Козметологија/Фармација Mr. Pharm