Не биди фикус

Добивај вести на Viber

Немој да пишуваш, ќе те стават на листа. Немој да зборуваш, не е време. Внимавај. Ова се реченици со кои постојано се среќавав долго време. И? Што со тоа? Која е целта, сакам понекогаш да им вреснам во фаца, да ги разбудам од соништата во кои удобно седнале.

Никогаш не ги сакав луѓето кои мислат како што некој од „горе“ им кажал. Не сакам луѓе без став, без свое јас. Тоа не е прифатливо за мене. Па дури ни моите деца не сакам да мислат како мене, затоа што можеби моето мислење е погрешно. Затоа и не ги сакам безрбетниците. И да, знам дека сега тие ќе бидат најгласни дека не сум во право. Е ако де. Затоа сме различни.

Никогаш нема да ги разберам тие луѓе кои за да поминат, ќе ја сменат кожата ако треба. Ги гледаш, припаѓаат секаде. Вчера биле ВМРО, најгласни и најупорни во бодрење на партиските цели. Денес се веќе друго. Секаде припаѓаат. Добро, не баш секаде. Припаѓаат онаму каде „треба“. Јас сум за нив прегласна, многу емотивна, а тие се за мене празни и безлични. Понекогаш си мислам дали пак ќе го сменат мислењето, ако треба. И ќе го сменат. Затоа што тоа не е нивно. Тоа не е оној внатрешен порив кој пулсира во тебе. Тоа е неприфатливо за нив.

За жал во нашево општество се намножија таквите. Од нив не можат да пркнат оние кои навистина заслужуваат место и шанса за докажување. За сметка на луѓето кои глумат фикус и се смеат заедно со шефот, во Македонија сè повеќе се разочаруваат луѓе кои во секоја друга земја би биле алатка за многу успешни решенија во низа професионални области.

Се прашувам кога ќе ја прекинеме оваа фарса. Кога на оние кои газеле по лешови, ќе им кажеме дека не може тоа веќе. Без разлика што и сега знаат, кога и пред кого да се смешкаат. Не заради друго, туку заради фактот дека Македонија губи. Сè повеќе и сè посилно. Луѓето се разочаруваат. Ама оние со став, со свое јас. Голем дел од нив имаат знаење и вештини кои треба да се искористат. Сега. Затоа што времето забрзано тече. Враќање назад нема.

Не е проблем да имаш став. Не е проблем да имаш политичка определба. Не е проблем да имаш свои видувања. Не е проблем да чувствуваш и одредена припадност кон некоја група, етничка, верска…каква и да е. Не е проблем ни да смениш став. Проблем е кога немаш став, но сакаш да „докажеш“ дека припаѓаш кон некоја група. Притоа газиш сè пред себе. Проблем е кога твоето камелеонско претопување го продаваш како став. Во реалноста тешко успева она „И волкот сит и овците на број“.

Затоа едноставно е. Сите сме различни. Не треба да делиме исто мислење. Не ги гледаме работите со исти очи. Конечно, тоа мора да се почитува. Само така ќе ја смениме проекцијата на она што долги години вирееше во земјава. Само така ќе се случат промени кои така силно беа барани.

На крај, тоа што кажуваме свој став, не треба да биде лошо. Напротив, тоа укажува дека сме општествено одговорни. Дека сакаме вистински промени, ама не за поединци, туку за цело општество. Секогаш треба да ги почитуваме оние луѓе кои се на спротивната страна од нас, но се искрени и го кажуваат својот став. Со тие луѓе можеш да градиш сè што ќе посакаш. Тие релации во кои секој е свој на своето, ќе не врзуваат посилно и ќе ни овозможат да растеме над сè, политиката, спортот, музиката, религиите… Тие луѓе лесно се распознаваат. Не зборуваат со јазикот на мнозинството. Зборуваат од човекот во нив самите. Е нив треба да ги чуваме и наградуваме, за поубаво општество на нашите деца во иднина.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска