Не сакам да пропуштам ниту еден прекрасен момент што го подарува денот: Утринско кафе со Јасмина Трајческа

Денот се гледа и започнува по утрото, со убава мисла, со некаков план за завршување на некоја обврска или најчесто патување. Пиејќи го првото кафе сама и во опуштена атмосфера, си дозволувам на себе си да уживам во тој момент и искрено тоа ми е многу важно за моето расположение.

Ме мотивира се што ми прави позитивен адреналин, плановите за во иднина, концертите во моментов и во иднина, решавањето на ситуации или несекојдневни случки од  животот, ме мотивира планот на денот или неделата кога треба да завршам се во определено време, кафето со пријателите и прошетките во природата во последно време, таму го наоѓам мојот мир и спокој.

Не пропуштам ниту еден момент од денот. 

Прво и основно е да се одморам и разбудам со убав сон. Јас сум човек со силна ментална енергија и предизвик ми се: завршувањето на работните обврски и часови со моите ученици од ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј’’, слушање на музика, свирење на пијаното(тоа е задолжителен процес од уживањето) нa некоја нова композиција или импровизација, припрема на ручек со нов рецепт и задолжително кафето на сонце со драга личност.

Без овие обврски не поминува работниот ден, а за викенди времето го поминувам истражувајќи нови предели, таму се чуствувам многу среќна и блиску до се‘ што е природно. Во последно време не сакам да пропуштам ниту еден прекрасен момент што го подарува денот. Го сакам животот со сите предизвици и моето мото е: „Сега и овде, утре е друг и нов момент, да се живее во секој момент што ни е подарен од Универзумот“. 

Работниот ден завршува како што почнува, секогаш различно и интересно. Викендите се посебни и посветени на посебна дружба во ресторан или на кафе во вечерните часови со добро избрано расположено друштво.

Некои работи дискретно ќе ги задржам за себе, за да следен пат биде нешто ново и интересно.

Најчесто денот го поминувам во кругот на фамилијата, посетен концерт на Филхармонија, со мала забава, случка или разговор за нешто ново и непознато, како би било кога би било, гледање на добар филм или читање на книга со топол чај и темно чоколадо, а некогаш и чаша црно вино.

Мојот живот е мојот сон, за да живеам морам да сонувам, за да уживам морам да креирам и да патувам. 

Читањето книги ми е пасија, доаѓаат на ред особено после завршена сезона за концерти бидејќи подготовките бараат труд и поголем ангажман комплетно од секој аспект. После секој сладок крај  им давам  приоритет. Читам книги од бестцелери, стручна пијано литература, псиохолошки книги, а еднаш во неделата особено за викенд си пуштам добар филм, по можност романтичен и со хеппи енд. 


*Јасмина Трајческа - Пијанистка*