Не сум жртва, ниту грешница

Очи ми истекоа од ова компјутериве. Пишување, читање, на работа сум цело време пред монитор, а и мазохистички дури (демек) се одмарам, играм шах на телефон за да вежбам мозок. И нормално, кога тоа трае подолго време се фатив себеси како и со наочари почнав да подзамижувам за да ја изострам сликата. Ок, знаев дека е време да си појдам на очен лекар и фино, културно си закажав преглед. Башка, наочарите што ги носев ми беа веќе крш направени оти некогаш заборавав оти ми се на глава, па при облечи-соблечи од ова климаксов, ми паѓаа цело време и кутрите беа како од бојно поле излезени, ем разлабавени, ем изгребани. Одам во закажано време (лажам, појдов 10 минути порано оти сум неарна во главава кога е времето во прашање и ич не сакам да доцнам) и додека ги гледам очилата кои се изложени, доаѓа докторката (друг пат ќе ви кажувам колку имам мака да си одберам рамки, оти скоро со сите личам на мува).  

Ми се погоди една љубезна, насмеана (уште во 9 сабајлечки) докторка и ме седнува на тоа апаратите. Очен притисок немам, си велам добро е Ано, едно гајле помалку. Алергии јок, инфекции јок. И додека зјапам во тоа сината точка од која после гледам светки, и’ кажувам дека наутро имам чувство како да имам песок во очите и ги чешам до црвенило. Бидејќи ги исклучивме алергиите, жената најкултурно ме прашува колку години имам. Велам, “педесет и две, ама сега ги наполнив” (пуста суета, како да се правдав оти тазе ми се, како да сакав да потенцирам дека сум само со една нога во 52), а таа ми нишка со главата.

“Знаете (ми вели), на овие години кога веќе почнува и менопаузата (си велам, кај мене како е залауфана, тешко дека почнува сега) почнува и слузницата да се суши”. Молчам и чекам, оти потсвесно знам дека нема да заврши на толку. “Ете, ќе заприметите дека и кожата ќе ви се суши, дури и сувост во устата може да настане, а и (значајно ме погледнува) ќе се јави и сувост на вагината”.

Ок, ок....оооооооок доволно е докторке, сфатив. Се сушам целата и однатре и однадвор. Почнав да се замислувам сета пергаментосана, како есенски лист што се рони во рака и чувствувам како ме фаќа малку паника, жештина и станувам свесна дека се препотувам дур да речете “пиксла”. Е како бе се сушам цела, а вода тече од мене ама баш секогаш кога не треба?!!! Логика нула, а уште помалку е пријатно чувството. Знаете, во моментот кога ме фаќаат тие бранови на жештина, од што знам што следи уште повеќе се вознемирувам и си го појачувам чувството. И ај некако се стабилизирав, кога доаѓа уште еден удар (наивно од мене што мислев дека на толку ќе заврши). “Диоптријата за далеку е добра, минус еден, нема големо отстапување. За блиску ќе ви дадам +1,25 на двете очи”. Багаууууууууууу! Значи, дефинитивно стасав кога сум со очила и за блиску и за далеку, како бабите мои што носеа (реков, суетата ме мавна на најсилно). Се издишав и си реков, Ано, тоа е тоа...не е ништо страшно, само ќе е малку стратешки напорно со два пара наочари.

Се враќам на работа со нови наочари (тие за далеку што ми се, другите требаше подоцна да се готови) и цела наапана си ќутам и шмркам од кафето. Денот си поминува, седнувам конечно да здивнам и кој ѓаол ме тераше да отворам фејсбук и да налетам на пост дека “сопругот ја остави Драгана Мирковиќ за 15 години помлада девојка”. И нормално, неминовното прашање кое е секогаш исто и нималку инвентивно, која ли е таа што го “украде” дотичниот бивш сопруг на Драгана? Не знам дали ми беше насобрано од тоа дека сум се сушела сета во менопаузава или дека сум ќора ем за блиску ем за далеку, ама се извадив од такт. Не дека беше Драгана во прашање (сега и јас како овие шо се правдаат со “не ја слушам, ама.....”) оти за неа знам само дека одамна не живее во Србија и дека е ултра богата, туку преку глава од наслови во кои жените се прикажани како жртви. И ај што се едните прикажани како жртви, туку другите се прикажани како Содома и Гомора што крадат (пазете изразов) туѓи мажи. Па уште и кога се потенцира дека некоја била оставена за помлада ми се наткрева желудник, оти излегува дека повеќе боли тоа отколку самата разделба. До кога ќе сме ние жените од 40+ прикажувани како беспомошни жртви кои се оставани, прелажани, напуштани? Истото беше и со Данијела и оној Грашо(к) кога се разделија, а од чија разделба медиумите направија циркуз. Како никому не му паѓа на ум дека можеби жената била таа која рекла “еј, абе не оди, дај да се разделиме”. Зарем сме уште со идеја дека на 40+ сите наши шанси за нова љубов се отидени по ѓаволите оти се сушиме (ова со сушењево ме погоди ептен, признавам). И зошто побогу секогаш вперуваме прст кон новата жена? Зошто сите вакви ситуации ги носиме во онаа точка од која почнува натпреварот меѓу две жени?

Додека размислував за ова, сфатив дека ваквиот начин на гледање на работите е подеднакво навредлив и за мажите и за жените. Жената која останува сама е демек за жалење, оти ете, некој ја “шутнал” после 100 години брак (како да е тоа најголемото достигнување во нејзиниот живот). Таа која стапува на сцена обврзно е ставана во рангот на кршачка на семејната идила, неморална (има и други изрази, ама во последно време и ќерка ми ме чита, па ќе се воздржам) и сето тоа пропратено со теорија дека “гарант е со него заради парите”. Мажот излегува дека е теле кое е наивно заведено од некоја си таму (замислете) мнооооогу помлада од него и нема моќ на расудување, ниту знае што прави оти се води исклучиво од нагони и сексуални побуди (!). Како и да ја завртите работата, во целава приказна сите страни се подеднакво лошо прикажани, нереално и потценувачки.

Кога веќе не оди во бракот, јака штикла дали таа после мене ќе е помлада или постара. Битно е да се заштитат децата (макар биле и поголеми) заради кои, родителите имаат должност и одговорност да останат во коректни односи, што за жал, ретко се случува. Распадот на еден брак е тежок сам по себе, колку и да е со взаемна согласност, уклучен разум и пријателски. Едноставно, не е лесно за затворите една етапа од животот и да почнете нова. Можеби не е ни толку тешко или драматично, но секако бара период на прилагодување особено ако сте биле долго време заедно. А понатаму, како секој од довчерашните партнери ќе си го продолжи животот не е ич важно. Некому треба време за да си ги собере мислите, некому треба нов партнер и се’ си е тоа ок оти нема универзална формула за тоа кој како си го наоѓа чарето. Некогаш нема виновници за разводот, едноставно се случува разидување и тоа е тоа. Некогаш и има, но не дека е секогаш прељубата во прашање. Поентата е во тоа дека повозрасните жени на кои им се случува крај на бракот, не се жртви и не се за греота. Особено ако имаат финансиска стабилност, кариера и се имаат себеси. Другата поента е дека “оние помладите што крадат мажи” никогаш не се виновни за разводот, оти ако еден брак има здрав темел тогаш и Моника Белучи да дојде, џабе е (претерав со Моника, знам). Впрочем, ако веќе сакате да го ставиме беспомошниот маж во рангот на “заведен и маѓепсан” (пак ќе речам дека е оваа дефиниција навреда за мажите), да имаме на ум дека тој се заколнал на она “во добро и зло” и “додека смртта не не’ раздели”.

Ако нешто научив во моиве 52 години (иако ми се тазе-ова е сарказам на сметка на мојата суета) е следново: за добар брак треба двајца, за развод исто (иако некогаш е доволен и само еден). Кога ќе дојде моментот за кажување збогум, поарно е да се собере сила и да се разделите, отколку да си го арчите животот. И не барајте виновници, ниту да прифатите да бидете жртва. А најмалку од се’, да се потресувате дали партнерката на вашиот бивш е поубава, помлада или пооптегната од вас. Ваше е да си го спастрите животот, да си ја најдете смислата и она што ве исполнува и прави среќна, но и да им посакате се’ најдобро на луѓето од вашето минато. Од каде знаете, можеби некогаш, во некоја друга ситуација вие ќе бидете на местото на онаа која дошла после вас. Како и да е, никогаш не знаете што ќе ви донесе животот а тој знае да биде прилично непредвидлив. Но, најважно од се’ е да знаете дека ќе бидете жртва само онолку колку што ќе дозволите да станете (од ова исклучете само физичко и ментално насилство).

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам старо-нова песна, која ја имам напишано многу одамна и која ми била една од оние кои сум ги чувала љубоморно само за себе...сега е и ваша.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Од сон се разбудив

Да ти посакам добредојде

Дома

Во моиве мисли

Во мене кога се всели

Во одаи тазе стокмени

Со распослан мирис на копнеж

Твоите раце се протегаа

Држејќи ги силно ѕидовите

На моите бело варосани песни

Послужени со црно кафе

И бел локум од ружа

Се кандисав да бидам куќа

Твоја куќа да се сторам

Засолниште од немирни времиња

Завет да ти држам од бури и премрежија

Демек јас толку силна и цврста ќе сум

Демек јас двајцата врз плеќи ќе не’ носам

Години минаа

А можеби и векови беа

Не знам, не броев и не бројам

Но малтер од ѕидишта почна да се рони

Греди да цвилат под нашата тежина

Духови куќни да шепотат

И без сон да не’ оставаат

Што ли ни се случи

Еве, не знам и не умеам да кажам

Ама изгледа куќа в куќи не бива

Та те посакав до мене

Крововите да ни се допираат

И еден оџак да си имаме

Исти визби да делиме

Оти во нив темелот ни е

А различни дворовите да ни се

Исти градини да имаме

А различно насадени

Исти желбите да ни бидат

Ама душите свои да ни останат

Оти куќа в куќи не бива

За широчина проплакавме обајцата

Ќе ти посакам добредојде

Кога столбови заедно ќе изградиме

Кога куќи сами ќе закуќиме

А наш

Твој и мој чардак ќе имаме