Ана Бунтеска: До следното зачнување на љубовта
Си ја распорив утробата,
ете така, од ќеф, од што ми се можеше,
со мало, тенко, остро како жилет-ноже ,
засеков од гркланот па надолу, до долниот дел од стомакот,
онаму каде што ми е лузната од царскиот рез.
Не ме болеше, имав точно зацртан план,
сакав да те пронајдам каде си, каде ми преспиваш,
од каде ми клука болката низ телово на помислата за тебе,
од каде ли доаѓа проклетата,
кој дел ми е затруен со желбата по тебе.
Внимателно лежев, мирно дишејќи,
за случајно да не ми се избуричка се’ внатре
и со раката се напипував,
полека и смирено небаре доктор сум,
небаре знам како преглед да извршам.
Леплива ми е утробава, леплива и влажна,
и еве кај грлото ништо не ме боли,
ниту срцето ми реагира на допир, цревата се на место,
малку ми се наткрева дур нив ги чепкам,
па набрзина се спуштам надолу.
Матката, јајниците, се’ е тука, без јадеж, без бол,
туку наеднаш таму долу, веднаш зад нив,
чувствувам остра болка, како бодеж
и пофаќам нешто што знам дека тука не припаѓа,
нешто што не треба, не смее да е таму каде што е.
Ахам, си велам, ете си, ете каде се криеш,
во делот каде што се зачнува, од кај што се раѓа живот,
ете си, онаму каде што моите јајце клетки умираат,
онаму каде што ми абортира љубовта,
ете таму ме болиш, таму си скриен.
И да, го правам она што морам за да не те мислам,
те корнам од себе, со стиснати заби,
со стегната вилица и оковано срце во болка,
те вадам од себе и внимателно, многу полека,
со игла и конец се зашивам, небаре гоблен везам.
Те завиткувам нежно во свилено платно,
и те закопувам надвор, кај корените на една бреза,
пролетниот дожд да те напои,
па можеби ќе никне нешто убаво, можеби така требало да биде,
да живееш и цветаш некаде, било каде, но надвор од мене.
Ете, љубов нека порасне, нека вивне,
нека биде слободна, а не во човек заробена,
нека не боли, нека не ми го труе телово,
а јас, јас ќе сум сосем во ред, спокојна,
до следното нејзино зачнување во мене.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска