Не знам дали ќе го дочекам утрешниот ден: Тоде Новачевски искрено и емотивно за борбата со ракот и разводот со Маријана
Вонсерискиот македонски композитор и музичар, Тоде Новачевски, синоним за најпопуларниот сестрински дует кај нас „Признавам“, испеан од ненадминливите Маријана и Росана, кој повеќе децении беше во брак со Маријана, во искрено и емотивно интервју за Свет Австралија открива дека веќе две години се бори со карцином, но зборува и за подемите и падовите во бракот со Маријана и како дошло до тоа да се разведат.
Новачевски за откривањето и борбата со карциномот:
-Иако мојот карцином на белите дробови нема никаква врска со ковид-19, почетокот на проблемот пред две години и развојот на болеста беа скоро исти. Од страшна инфекција стекната заедно со грип и по лошо поставена дијагноза, за неколку месеци достигнав внатрешно крварење, карцином на крв и метастази кои максимално ме потресоа и физички и психички. Сепак, засега, барем низ оваа последна епизода од мојот живот, поминувам како да ми е почеток на нов, поубав и попросперитетен период, иако сум свесен дека е многу можно да не доживеам подлабока старост.. За да биде тоа уште потешко и поемотивно, дојде и веста за влошување на здравјето и смртта на татко ми Владе. Ова е редоследот на работите низ кои поминав во последните 2 години, заедно со мизеријата со Ковид-19, која ни ги поремети животот на сите нас. Јас сепак не го пишувам сето ова за да се жалам, туку напротив да се пофалам со фактот дека во овој тежок период од животот, кога со моето нарушено здравје, дојдов до тоа да не знам дали утрешниот ден ќе ми биде последен, да сум сепак позитивен, весел, смирен, мотивиран и со желба за живот како никогаш досега во последните две децении.
Најсреќни вести во најтешкиот период од животот:
-Токму во најтешкиот период на живот, ми стигнаа и најубави вести, најпрво за моето мало дедино срцуле Ива, ќерка на мојот син Филип и снаата Анастасија, па веридба на моето големо срцуле, ќерката Магдалена и Ерик. Можете да замислите со колкава радост и гордост сме исполнети Маријана, јас и најбликите од двете страни на нашите семејства “- оптимистички и со искреност истакна композиторот.
Тој е благодарен на Маријана што не дозволила нивното разделување и развод да влијаат негативно на врската која ја имаат со децата.
-Свесен дека децата се најмалку виновни за недоразбирањата кои во кризниот период на нашата врска, не успеавме да ги надминеме. Денес, две децении по разводот, јасно ги гледам моите слабости и во тој однос, во периодот на првите неколку години од разводот, нормално испровоцирани од негативни емоции, кои не се победуваат така лесно кога ќе се случи тоа што никој нормален да не го сака.
Тој зборуваше и за причината за разделбата и разводот со Маријана, потенцирајќи дека е невозможно да стигне до одговорот, без да ги наброи сите настани и тешкотии низ кои поминале во периодот што довел до крај на нивната врска.
-Факт е дека животот во Австралија ме промени лично до толкава мера, да се чувствувам како губитник на кој не му успева апсолутно ништо, дури ни да си најде работа во својата професија, ниту да го заштити своето семејство од разно разни глупости кои доаѓаа од примитивци, кои не принудија да одиме дури до австралиските судови, ниту од заканите по живот кои ни стигнуваа напишани на наш, македонски јазик, ниту од стравот дека целата работа и нашиот скромен имот, ни висат на конец од истите тие луѓе, кои ни доаѓаа на кафе и ни изигруваа пријатели... Ете тоа мене лично ме направи неспособен за компромис и за пребродување на кризата во нашата врска, а јасно е дека без компромис врски не постојат.
За крај Тоде открива дека неговите желби и планови да се врати во Македонија и да остане овде подолг период ќе зависат само од неговото здравје, „ги имав куферите спакувани пред 2 години, но судбината и „среќата“ не ми дозволија да тргнам натаму.“
извор: svet-australia.com
Поврзани вести:
Ива е весела, сака да крши наочари, а особено моите: Внуката на Маријана наполни една годинка
(ФОТО) Маријана за ќерката: Кога и да почувствуваш дека животот е нефер само запамети дека мама е тука
Ќерката на Маријана ќе се мажи, Росана од Македонија порача: Во исто време чувствувам радост и тага