Нема поубаво нешто од тоа да ја откриваш својата земја: Пере Нокаут за македонските природни убавини

Добивај вести на Viber

Како вистинско освежување за оваа година во која короната го застана светот и сите случувања, групата Нокаут промовираа нов видео запис, работат на новиот албум, а покрај сето тоа Пере стана татко по трет пат.

Од убавини никогаш доста, а Нокаут веќе 25 години ни носат убавини во нашите домови преку нивната музика. Одржаа и прекрасни концерти во Античкиот театар во Охрид и Хераклеа во Битола, со почитување на мерките за заштита, концерти со многу љубители на нивната музика, желни за добар звук, кои ги пееа познатите стихови на Нокаут во еден глас.

Тука е и победата на фестивалот за забавни мелодии Макфест, со песната ,,Сакам да живеам”, за која го пормовираа и видео записот, сниман на две прекрасни локации во Македонија- Охрид и Маврово.

Оваа 2020 година сепак не била толку лоша

Победата на Макфест доаѓа во можеби најсложениот, но и најсреќниот период за НОКАУТ. Победа, која пред сè им ја посветуваме на оние за кои живееме, за кои твориме, од кои ја добиваме најголемата поддршка и љубов повеќе од 25 години - нашата публика! Ве сакаме од срце!-истакнаа на својата фејсбук страна.

Дека Нокаут се и промотори на македонските природни убавини, докажува и снимањето на дел од нивните видео записи токму на преубавите македонски места.

* Пере е чест посетител на Охрид. Но не само што ги полни батериите токму во овој македонски бисер, туку и често своите впечатоци ги забележува преку своите фотографии.

- Охрид беше моето прибежиште последниве неколку месеци. Делува многу смирувачки на мене. Толку е убав и богат со природни и културни богатства, што секое ново доаѓање како да доаѓам прв пат. Ако морам да одберам една локација во Охрид, тоа би бил Античкиот театар, каде што летово го имавме вториот концерт на таа историски бесценета сцена. Не знам дали некогаш ќе најдам зборови кои ќе можат да го опишат чувството кое го имам кога настапувам таму. Кога сум во Скопје, “бегам” на Водно или одам кај моите родители во Волково и од високо гледам како мојот град се дави во магла и смог. Скопје не го заслужува тоа.

* Како го поминувашe периодот на изолација?

-  Пред се креативно. Работам на новиот албум на Нокаут, кој е во завршна фаза и кој се надеваме дека ќе излезе на почетокот на следната година. А, кога не сум во студио, поминувам време со моето семејство и пробувам да го надокнадам времето кога сум бил далеку од нив. Тешко е да живееш изолиран и со успорено темпо, посебно за нас музичарите. Без настапи животот ни е многу празен. Но, кога е во прашање безбедноста на нашите фанови, мораме да се стрпиме и да ги почитуваме сите мерки.

* Колку ти недостигаа концертите во живо, таа интеракција со публиката?

-  Како што веќе спомнав во претходното прашање, навистина е празно и тешко. Музиката е за да ја споделуваш и да гледаш во реално време како публиката реагира на неа. Ќе мора да издржиме ако сакаме што поскоро да се вратиме на сцената и на тоа што се нарекува нормален живот.

* Дури и на последниот концерт на Антички Пере порача-корона оди во бестрага.

-  Камо да можев со песна да ја пратам короната во бестрага. Сакале или не, пандемијата стана дел од нашето секојдневие, ни го смени животот. Не можеш, а да не ја спомнеш. Се уште не ми се верува што се случува. Како во некој нискобуџетен холивудски филм. Едвај чекам да го видам крајот. Се надевам дека ќе биде среќен, а не долг и развлечен.

* Да се навратиме на македонската природа. Колку истата е инспиративна за снимање видео записи, пишување песни?

- Неколку од нашите спотови се доказ колку е прекрасна македонската природа. Колку е инспиративна и воодушевувачка. Речиси да нема песна која таа не може да ја надополни, да им даде дополнителна тежина на стиховите. Пуштете си ги видеата за “Ноември”, “Позитивно”и “Сакам да живеам”, и сами ќе го најдете одговорот на прашањето.

* Последните месеци вниманието ни го привлекоа фотографиите од прекрасните пејсажи во Охрид, Дојран и други места. (мора да признаеме дека се навистина профи). Како започна таа фото приказна?

- Благодарам за убавите зборови. Убаво е да слушнеш дека некому му се допаднало тоа што си го направил за душа и си го споделил без некаква претенциозна намера. Не мислам дека сум нешто професионален во тоа. Сакам само да ги уловам и замрзнам убавините кои ги гледам, за да можам да си се потсетувам кога надвор ќе биде сиво.     

 * Езеро или планина?

- Езеро на лето, планина на зима. Уф колку ми фали скијањето.

 * Кои места во Македонија би ги препорачал на твоите пријатели од другите држави, а кои на пријателите од Македонија?

- На пријателите од надвор, прво би им препорачал да ја пробаат македонската храна. Сигурен сум дека ќе бараат повеќе. А, потоа би ги пратил во Охрид, нормално и би им рекол да одвојат еден ден за Галичица. На “must see” листата би ги ставил и Берово, Дојран, Маврово, Галичник, Шар Планина, Козјак, Осоговски планини, Солунска глава, а посебно местото Долна Бабина Дупка, потоа манастирите Јован Бигорски и Јоаким Осоговски... Истиов список важи и за пријателите од Македонија. Нема поубаво нешто од тоа да ја откриваш својата земја.    

* Интересна авантура низ некое македонско туристичко место? 

- Можам книга да напишам за ова прашање. А, можеби и ќе пишам нешто за ова во мојата автобиографија. Секое место е своја приказна. Тешко ми е да одвојам една авантура, а верувајте ги има многу, особено ако знаете дека со бендот сме биле на сите туристички места во Македонија. А, секое патување со бендот е посебна авантура.

* Песните на Нокаут се инспирација за оние кои ги запросуваат своите девојки, колку ти значи ова?

- Има ли поубаво чувство кога знаеш дека наша песна била “саундтрак” во сцена на запросување. Дека нешто ново, нешто убаво и љубовно почнало со наши стхови. Емоции до небо. Замислете само кога ќе им раскажуваат на своите внуци, па и правнуци, како ја запросиле нивната баба на “Би се викал те сакам”, или на “За нас”. Се надевам дека и тогаш ќе се слушаат нашите песни и нема да добијат одговор: “Би се викал, како???” .

* Во едно интервју неодамна ја најави автобиографската книга „Би се викал Нокаут“.  Да проговориме нешто за неа.

- Уште е рано да откривам многу. Само ќе кажам дека ќе остане да биде сведок на едни убави, но и на некои не толку убави времиња. Немам намера да се “пикам” во писателските кругови и да се нарекувам себеси писател, далеку од тоа. Само добив желба да ја раскажам приказната за бендот во кој сум повеќе од половината од мојот живот, и кој навистина ми значи живот.

* Би се испробал ли во некој адреналински спорт како параглајдинг, зип лајн, качување по карпи и слично?

- Претпочитам да останам цврсто на земја.

* Со Хепар центарот од Битола имате 10 годишна соработка, па на концертот ви доделија благодарница. Што ова значи за Пере?

- Соработката со Хепар центарот ми е можеби најдрагата соработка во мојата кариера. На нив повеќе гледам како на семејство, околку како на соработници. И прекрасно е кога знаеш дека си дел од една екипа која вложува време и искуство и знаење за да им помогне на сите оние кои имаат потреба од тоа. Да ја направат оваа нација поздрава и поодговорна за своето здравје. Јас сум секогаш тука за нив, да помогнам да се пренесе нивната порака и да стигне до што е можно повеќе луѓе. Посакувам Македонија да има повеќе такви посветени луѓе.

Неда Маретиќ