Немам ни за леб, а камоли за млеко на ќерка ми: Приказната на Силвана од Куманово која очајно бара помош

Добивај вести на Viber

Судбината на 41 годишната Силвана Јовановска од кумановски Бабин дол е тажна. Уште како мала родителите ја оставиле, а пораснала со нејзините баба и дедо.

Од пред два месеци таа е самохрана мајка, бидејќи сопругот ја напуштил и заминал со друга. Сега таа сама се грижи за двегодишната ќерка Леонтина. Невработена е, и преживуваат од собирање шишиња.

Приказната за ова сиромашно семејство јавноста ја слушна во февруари во емисијата „Срце на дланка“, но истата недоволно допре до ушите на многумина, па Силвана се обрати за помош и до редакцијата на Женски магазин.

Ова е „домот“ во кој живеат

-Живееме во подрумска соба, во куќата на мојот свекор. Тој прво нѐ бркаше од тука, сакаше да ја издава собата на ќираџии, но не успеа и сега не нѐ брка. Сопругот ме остави, сега сама се грижам за мојата ќерка Леонтина. Немаме прозорци, залепивме најлони да не ни дува, а и вратата е во многу лоша состојба. Навечер ставаме ќебиња за да не ни биде ладно, раскажува низ солзи Силвана.

Оваа очајна мајка сега е и без приходи. Откако ја оставил сопругот Томислав од кој е постара 10 години, а со кој се омажила во 2013 година, преживува благодарение на собирањето шишиња и од помошта на хуманите граѓани.

Таа вели дека немаат ни струја поради неплатени сметки кои со години не ги плаќал нејзиниот свекор, па се снаоѓале со електрична енергија преку комшиите. Она што е најтрагично имаат шпорет ама немаат дрва за да се топлат на него.

-Некогаш земаме струја од соседите, на нив им плаќавме, но некогаш тие ја исклучуваат, кога немаме како да им платиме.

Дневно едвај заработува по 500 денари, некогаш ни толку,а институциите ја игнорираат.

-Живееме од собирање шишиња, дневно може ќе заработам 500 денари, некогаш помалку а кога е студено па воопшто не заработувам зошто нема кој да ја чува ќерка ми-вели низ солзи оваа мајка, додавајќи дека се обратила за помош до повеќе институции но никој не сакал да и помогне зошто сите мислеле дека живеат во големата куќа на нејзиниот свекор кој воопшто не се грижи за неговата внука.

Силвана имала тежок живот, а нејзините сестри и брат се срамат од неа.

-Моите сестри и брат не се интересираат за мене, тие велат дека им е срам што јас сум нивна сестра, ни кажа Силвана по телефон.

Бара финансиска помош, пелени за девојчето и материјал за уредување на собата.

-Она од што најмногу ми треба помош во овој момент е финансиска и материјална. Ни требаат врата и прозорци, а за ќерката ми требаат пелени. Храна и облека од хуманите граѓани засега имам, вели оваа мајка која животот воопшто не ја милувал, а која често пати нема пари ни да му купи млеко на детето.


Силвана вели дека би прифатила било каква работа доколку некој би ѝ понудил, но не се обратила до надлежните во Куманово за помош бидејќи нема кој да и го чува детето.

-Јас би прифатила работа, се ќе работам за да му обезбедам на моето дете барем лепче, да можам барем неа да ја израснам. Но, нема кој да ја чува Леонтина, јас би ја пуштила во градинка но незнам дали ќе ја прифатат, а сега проблем е и корона вирусот зошто градинките не примаат деца и бројот е редуциран, искрена е Силвана.

Сите кои сакаат да му помогнат на ова семејство, може да го направат на овој број и трансакциска сметка.

(Трансакциската сметка за финансиски средства - 250-0070011899-66 - Шпаркасе банка)

(Контакт телефон - 078-652-784 БРОЈОТ НЕ Е ОТВОРЕН ЗА ДОНАЦИЈА туку само за контакт на Силвана)


Ирена С.