Никогаш полесно: Ако аплицирањето за европските универзитети некогаш било проблем, денес постои одлично решение за вас

Добивај вести на Viber

Македонските студенти кои сакаат да студираат надвор од државата, а имаат потешкотии или пак не се доволно информирани како да го направат тоа, од неодамна имаат голема помош. Марија Кулебанова (24) и Елена Божиновска (22) поучени од лични искуства и искуства на други студенти, кои го имаат поминато овој процес дојдоа до идеја да помогнат на идните студенти кои имаат желба за аплицирање на европските универзитети.

- Приказната на Study Abroad Macedonia, започна сосем случајно и многу интересно, преку телефонски повик. Следното утро веќе ја отворивме инстаграм страната studyabroad.mk. Тргнавме од мотивот да создадеме полесен пат за македонски студенти да студираат во странство, поучени од нашето искуство, преку стипендии и/или работа во студентски сервис. Секако, се надеваме дека потоа овие студенти кои ќе стекнат европско образование ќе се вратат во нашата држава и ќе создадеме идни генерации на академски граѓани. 

Инаку, и двете сме студентки на различни универзитети. Јас сум студент во Словенија на универзитетот во Љубљана, а Елена е на Универзитетот Сапиенца во Рим во Италија. Поучени од лични искуства и искуства на други студенти, кои го имаат поминато тоа ни се појави желба да им помогнеме на идните студенти кои имаат желба за аплицирање на европските универзитети, да им го олесниме патот со тоа што нудиме услуги за помош при аплицирање на европските универзитети. Имаме разбирање дека овој процес е доста стресен и честопати има доста збунувачки работи и ете од таму ни дојде идејата за овој формат на помагање, ни раскажа Марија.

Како што веќе е добро познато, во последните години е зголемен трендот на младите кои своето образование го продолжуваат на некои од странските универзитетите, па со тоа се зголемува и побарувачката на услуги од ваков вид.

- Имаме голема заинтересираност за услугите кои ги нудиме. Не очекувавме. Уште во првите денови од нашата работа имаше, и се уште има огромна заинтересираност. Како што доаѓаат роковите за упис на студентите/средношколците и како тие привршуваат со своите студии така и заинтересираноста расте. Меѓутоа со добра временска организација и желба сѐ се постигнува. Она што ние го правиме бара многу посветеност и внимание, но дава и одлични резултати за оние кои одбираат да аплицираат заедно со нас. На некој начин ние сме тука да им помогнеме и да им го намалиме стресот при вакви апликации бидејќи самите имаме поминато низ целиот овој процес и знаеме дека воопшто не е лесен, ниту пак интересен, вели Марија.

Иако работат и студираат овие две девојки имаат огромна желба да им помагаат на студентите и сите оние кои се одлучни своето образование да го продолжат надвор од земјава.

-Соработката со секоја индивидуа е различна и секако многу зависи од какава позадина доаѓаат, кои им се желбите. Мислам дека од секого може да се научи по нешто и секое ново искуство е добредојдено. Секако, голема улога има и фактот што јас уживам во работата со луѓе и посебно сакам да помагам, па така ми причинува задоволство да работам. 

Сами започнавме и сами се трудиме да работиме, попатно се едуцираме и си помагаме една со друга, со тоа учиме работи една од друга. Морам како помош да издвојам советите од родителите и одредени пријатели. Како и поддршката од нашите блиски, тоа дополнително нѐ мотивира, заврши Марија.

Во однос на деталните понуди кои ги нудат, тие ги советуваат студентите дека може да ги контактираат во секое време контакт е-меилот  studyabroadmacedonia@gmail.com. Велат, првата сесија е бесплатна каде сите заинтересирани можат да добијат повеќе информации, да се посоветуваат во однос на програми и стипендии, а воедно да ги разгледаат пакетите кои се нудат. Најдобриот начин да изградиш подобра иднина за себе – е да вложиш во својата едукација!