Никша Братош, аранжер и продуцент: Тоше беше најголемиот вокал на Балканот, песните ги снимаше од прва

Никша Братош важи за еден од најдобрите аранжери и продуценти на Балканот, кој соработува со најголемите музички ѕвезди од екс ЈУ просторите. И покрај неговата големина во професијата со која се занимава повеќе од две децении, приватно е едноставна личност, со која лесно се воспоставува комуникација.

Причина за неговата посета на Македонија, беше настапот на Златна Бубамара на популарноста, како гитарист на бендот, кој на сцената го придружуваше хрватскиот пејач Џибони.

- Тоа што Ранко Петровиќ го прави е прекрасна работа и за музиката и за Македонија. Во 80-тите години се случуваше да претстојувам во Македонија еден месец. Со групата „Црвена јабука“ доаѓавме да свириме во Скопје и во другите градови. Мислам дека во некои подрачја Македонија многу напредуваше. Деновиве бевме во неколку винарии кои сега се на некое светско ниво. Сѐ што гледаме, како државата оди напред, многу ме радува. Од хотелот, во кој што сме сместени и кој е прекрасен, па натаму. И од друга страна се надевам дека наскоро ќе влезете во Европска Унија, па повторно да бидеме заедно. – вели Братош..

Основно училиште завршил во Загреб, а подоцна со родителите се преселил во Сараево. Почетоците на неговата музичка кариера се врзани за бендот Бонтон Баја, но неговиот мултиинструменталистички талент доаѓа до израз кога во 1985 година кога станува дел од Валентино, една од најпопуларните групи во поранешна Југославија. На нивната втора плоча, која постигнува голем тираж, тој свири на електрична, акустична гитара, клавијатиури и саксофон. Неколку години подоцна станува дел од екстра популарниот бенд Црвена јабука. Денес живее во Загреб и се занимава со продукција на албумите на многу познати музички имиња. Моментално работи со Здравко Чолиќ, Џибони и со Горан Каран.

- Секогаш најголемите се и наједноставни. Од некој регуларен работен ден, од 8 до 10 часа, поминуваат 2-3 часа во некои нормални разговори и шегување за да биде добра атмосферата. Никому не му се брза, за да може оној дел кој го работиме, да биде навистина добар. Конкретно, со Здравко Чолиќ веќе две години работиме на нов албум. Боже мој, кога ќе биде – ќе биде. – открива продуцентот.

Скромноста, како негова најголема доблест, особено е препознатлива кога зборува за успешноста во својата работа, која бара многу жртви.

- Пред сѐ требаше многу да пропати моето семејство. Затоа што многу малку ме има дома, со оглед на тоа што ја сакам својата работа. Малку повеќе сум на работа отколку што би требало. А од друга страна, секогаш кога си повеќе на работа, резултатот ќе биде подобар. Имаше многу непроспиени ноќи и некои можеби пропуштени пријателски моменти. Но, Боже мој, тоа е цената на успехот. – открива тој.

Никша соработувал со неколку македонски пејачи, но средбата со Тоше Проески и создавањето на проектот „Игри без граници", ќе му останат во големо сеќавање.

- Тоше Проески веројатно беше најголемиот талент, барем колку што знам. А сум работел практично со сите. Кога е вокалот во прашање, беше дефинитивно најголем. Кога некој ќе влезе и ќе почне да ја пее песната, сфаќате дека сѐ она што можеби сте планирале да му го кажете како би требало да ја донесе, тој веќе во старт го прави. А да не зборуваме дека дополнително се издадени три песни од некои демо снимки кои тој ги испеал. Ќе дојдеше во студио, ќе ја слушнеше песната и ќе речеше: „Дај кога сум веќе тука, да ја испеам демо веризјата за да ја слушнеш интонацијата.“ И ќе ја испееше еднаш и тоа е тоа. Немаше потреба за повеќе – потенцира Братош.

Соња Алекососка Неделковска

Фото: Јутуб- принтскрин