Нов постхумен албум, пријателите сѐ уште тешко зборуваат: Една година без Влатко Илиевски

Добивај вести на Viber

На градските гробишта во Ѓорче Петров утре (сабота 29 јуни) ќе се соберат фановите на прерано починатиот музичар и актер Влатко Илиевски. Едногодишниот помен е закажан во 10 часот, информира неговото семејство.

Илиевски трагично го загуби животот на 6 јули минатата година. Планираше големо враќање на музичката сцена, а „Женски магазин“ дознава дека веќе е во подготовка цел албум со досега необјавени негови песни.

Неговиот долгогодишен пријател и соработник Владимир Дојчиновски-Дојчин кој лани ни потврди дека има необјавен материјал со Илиевски, ни изјави дека уште е рано да се откриваат детали за проектот и порача фановите да бидат трпеливи.

- Не ми се верува дека помина цела година без Влатко - ни изјави докажаниот автор.

Во интервјуто кое Дојчин го даде за „Женски магазин“ веднаш по смртта на Илиевски, за својот другар зборуваше во суперлативи.

- Имаше срце какво што малкумина имаат. Се грижеше за сите нас кога нешто не беше како што треба. Влатко беше икона на градскиот живот, икона на Скопје, икона на „Златно славејче“.. Македонски пејач кој прв ја наполни големата сала во „Борис Трајковски“, човек кој учестуваше на секој хуманитарен концерт, човек кој што ќе фали многу. Имаше музика во себе најмногу од сите нас. Знаеше историјат за поп-музика многу повеќе од мене. Мислам и дека ретко кој друг знаеше толку многу - ни откри Дојчиновски.

Стапивме во контакт и со Тамара Тодевска на која сѐ уште ѝ е тешко да зборува за нејзиниот најдобар другар. Жали што утре нема да биде во можност да присуствува на поменот, поради претходно договорен ангажман.

- Тешко ми е да зборувам за Влатче. Тешко ќе ми биде цел живот. Нема ден да не помислам на него - искрена е Тамара.

Илиевски во неговата кратка, но исклучително плодна кариера, во повеќе наврати експериментираше и со стилот и со звукот, но беше самокритичен, па во една прилика призна дека тие негови излети во музиката не поминале баш најдобро. 

Пред трагичниот настан подготвувал класичен поп-рок албум, рефрени кои најмногу одговараа на неговиот сензибилитет. Најавуваше дека на проектот потпис ќе стават и неколку звучни имиња од поранешните ју-простори. Јавноста допрва ќе дознае дали е реализирана некоја од овие соработки. 

Ѓ.С.