ОД БРАНОВИТЕ НЕ МОЖЕВ ДА ЈАДАМ ВО ЕЗЕРО: Малиот херој Марко Пејчиноски за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Откако вчера за девет часа го преплива Охридското езеро, дванаесетгодишниот Марко Пејчиноски вели дека воопшто не изморен. Во телефонскиот разговор, малиот охридски херој ни изјави дека повторно би се нафатил на истиот предизвик.

„ Кога почнав да пливам водата беше многу студена. Но, ниту еден момент не помислив да се откажам. Додека пливав ми студеше и си мислев како да си олеснам. Си реков дека како што пливам, ќе ми станува сѐ потопло и потопло. Така и беше“, изјави Марко за Женски магаизн.

И покрај здравствените проблеми, некроза на еден дел на коската од ногата кој му ја забавува моториката, малиот херој  тргна од Свети Наум тргна во 9.20 часот, а на охридското пристаниште, по испливани околу 25 километри, стаса во 18,20. 

„Ногата не ме болеше. Не сакав воопшто да правам пaуаза. Кога огладнев, сакав да јадам во вода, но тешко ми одеше поради брановите“, ни раскажа Марко. Главниот мотив за неговиот ентузијазам вели дека му го дал татко му, Тони.

„Јас сакав да се пријавам на маратонот, но за жал, ја немам брзината поради проблемите со ногата. Затоа, кога татко ми ме праша: дали сакаш да го препливаш езерото, јас веднаш му кажав: да ,сакам“, додаде Марко. 

Денеска, и покрај големиот пречек вчера на охридскиот кеј, и покрај тоа што јавноста го нарекува херој, е сосема обичен ден за седмооделенецот од основното училиште „Григор Прличев“.  „Бев да се видам со другарите од училиште, ми недостигаа. Сите ми рекоа, браво, алал да ти е, тие многу ме поддржуваат“, додаде Марко.

Изминатиов период, тој интензивно се подготвуваше да ја оствари својата цел во охридскиот хотел „Тино“. Откако во следниве неколку денови ќе се одмори, Марко продолжува со тренинзите и со плановите за својата следна пливачка цел. 

Милица Џаровска 

Фото: А. Момироска- „Охрид њуз“