ОД ЛЕТЕН КАМП НИ ВРАТИВТЕ НОВО ДЕТЕ: КОГА ДА ГИ ПРАТИМЕ ДЕЦАТА САМИ НА ОДМОР?
„ Најмалото дете што сме го носелe имаше пет години. Тоа е за голем поздрав, за храброста на родителите. Имало и такви кои знаат да заплачат, да ги бараат родителите, но затоа сме ние таму и "мајки ,татковци,баби и дедовци". За Женски магазин, своите искуства за летните детски кампови ги споделија детски психолог, спортски тренер и одделенски наставник.
„ Дали да го пратам моето дете на летен камп, кога е вистинската возраст, ќе се снајде ли без мене?“. Ова се најчестите прашања на мајките и воопшто на родителите кои се во дилема дали да се одделат од децата на неколку дена, и грижата за време на летувањето да им ја препуштат на спортски тренер, едукатор или наставник. На оваа тема разговаравме со детскиот психолог Христина Стефановска, одделенскиот наставник Елица Атанасовска- Стојаноска и спортскиот тренер Мишко Мартиновски.
За да работиш со деца треба да им бидеш и другарче, а сепак да бидеш и авторитет. .- Мишко Мартиновски
„ Кога е вистинско време родителите да ги пратат децата сами на одмор, со наставник или со спортски тренер ќе зависи од многу работи. Една од нив е тоа дали детето посетувало предучилишна установа, во колкава мера е социјализирано или не итн. Додека насекаде во светот Монтесори школите органиираат летни кампови за деца од 2 години нагоре што е сосема здраво и педагошки издржано, генерално кај нас децата се подготвени за летен камп веќе од својата навршена седма година т.е по завршување на прво одделение“, вели за Женски магазин детскиот психолог и психотерапевт Христина Стефановска. Според неа, придобивките кои едно дете ќе ги добие со посетата на ваков камп се најразновидни: социјалиација, поттикнување на независност, самостојност и грижа за себе, развој на моторика, креирање на самодовербата, издржливоста на надворешни влијанија, истражувачкиот дух и способноста за снаоѓање во простор која воедно ја зголемува и интелигенцијата на детето.
Со Стефановска, разговаравме и за тоа дали претпазливоста на родителите и претераната грижа е оправдана.
Родителите ги обземаат мисли од типот: “Моето дете е во опасност” или “Јас не сум добар родител ако не внимавам на моето дете”. - Христина Стефановска
“ Летните кампови се одличен материјал, а поттикнување на личен раст и равој кај детето , што всушност ги прави и поразлични од кампувањата и летните одмори со родителите. Непречениот равој на детето бара слобода во израувањето и движењето кои родителите честопати свесно или несвесно им ги забрануваат на децата, а тоа е најчесто поради мислите кои ги обземаат од типот: “Моето дете е во опасност”, “На моето дете може нешто да му се случи”, “Јас не сум добар родител ако не внимавам на моето дете”. кои всушност предивикуваат чувство на страв па таквата психоемоционална состојба ќе се рефлектира со пораки кон детето како на пример: „Не оди подалеку„, „Биди тука“, „Не влегувај длабоко во водата„, „Барај придружба“, „Не оди сам“, што повторно укажуваат на одземањето на чувството на слобода“, додава психологот и советува: “ Не плашете се да ги пуштите децата уште од најрана возраст да го осознаваат светот и околината. Не заштитувајте ги, бидејќи во спротивно како возрасни нема да бидат во хармонија со неа“.
Елица Атанасовска- Стојановска 13 години работи како одделенски наставник во основното училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров во Скопје. Според нејзиното искуство од летните кампови и наставата во природа која се организира во петто одделение, вистинска возраст за осамостојување на детето не постои.
Нема ништо поубаво и поголема награда од тоа, кога по враќањето родителите се воодушевени од т.н. "нови" деца.- Елица Атанасовска-Стојаноска
„ Сѐ зависи од подготвеноста на детето само да се справи со дадените моменти. Во тие моменти важна е подготовката од страна на наставникот, но најважна е домашната поддршка. Пред секое одделување од родителите треба добра подготовка на детето, која ќе биде од самото негово раѓање, за негова самостојност, а не една недела пред одмор. Затоа што подготовката за толку кратко време е стрес за детето. Сите навики кои ги нема стекнато треба наеднаш да ги стекне и со самото тоа се јавува одбивност и страв од непознатото. Во моето искуство годините не играле голема улога. Деца од помала возраст многу поубаво се прилагодувале, за разлика од деца кои биле повозрасни и кои воопшто не биле самостојни и обратно“, ни изјави Атанасовска- Стојановска и додаде оти при одделувањето најважна е поддршката и довербата која родителите му ја даваат на наставникот. „Со нивната сплотеност и посветеност целта е постигната“, вели наставничката.
Според неа, секој човек има момент кога му недостасуваат најмилите. Таква е и ситуацијата со децата. Во такви ситуации најчесто прво разговара со детето, потоа се труди да го вклучи во повеќе активности со другарчињата. „ Тоа се активности кои му помагаат за негова социјализација, но најважно истите му помагаат да го преброди дадениот момент. Сѐ на сѐ, мислам дека тоа е прекрасно искуство. Нема ништо поубаво и поголема награда од тоа, кога по враќањето родителите се воодушевени од т.н. "нови" деца. Социјализирани деца со стекнати нови навики кои ги практикуваат во секојдневниот живот“, изјави одделенскиот наставник. Во нејзиното досегашното искуство, најмалите имале деца кои оделе со неа на летен одмор, имале 9 години.
Милица Џаровска