Од „Војна на ѕвездите“ до букви од глаголицата : Приказната на филигранистот Младен Стојановски

Во филигранските предмети на Младен Стојановски можете да го препознаете ликот на Дарт Вејдер од „Војна на ѕвездите“, буквите од глаголицата, стилизирани животни и растенија, но и формите на традиционалниот филигран каков што носеле нашите баби и прабаби

Кога носам парче филигран, го имам чувството дека на себе сум ставила капка носталгија и зрнце магија што ѝ дава малку поинакво заокружување на облеката што  секојдневно ја носам. Тоа мало светкаво парче ме враќа наназад - во скутот на баба ми и мирисот на нејзиниот ковчег каде ги чуваше „скапоценостите“ и ми шепка дека целата моја „модерна“ матрица е намотана околу тој калем.

Нежност, хармонија но и многу авантуризам и сосредоточеност се сублимирани во едно парче свремен филигран. 

Таков  е и филигранот на Младен Стојановски. Додека ги купував сребрените асиметрични обетки од неговата некогашна кујунџиска работилница, не можав да го одлепам погледот од блескавите белезици, гердани, прстени сплетени од сребрена жица, некои прошарани со полускапоцени камења,  со мислата - ги сакам сите!

Неговите дизајни и изработки се доказ за тоа дека филигранот не е само еднаш изучена и ограничена техника која му припаѓа на минатото. Неговото дваесетгодишно искуство и уметничкото образование го прават вешт во истражувањето и креирањето на нови модерни парчиња кои ѝ припаѓаат на сегашноста.

Она што е необично за овој филигранист (инаку дипломиран вајар, апсолвент и магистер по вајарство) е што оваа професијата го одбрала токму него уште на негови четиринаесет години.

- Тоа се случи благодарение на еден промотивен флаер за средното училиште во кое се запишав и го изучив златарството. Првото парче накит го изработив во 1997 година. Станува збор за приврзок со моето име напишано со ракописни букви, а првото парче филигрански накит е сребрена бразлетна за мајка ми, модел кој до ден денес го изработувам - вели Младен.

Изработката предмети во филигранска техника има свој континуитет и силен печат низ времето. Денес филигранот ја живее својата втора младост - само филигранската техника е стара, а дизајните и идеите се модерни. Суштина на филигранскиот накит кој се изработува од благородни метали, е да биде безвременски. Изработката на накитот ги вклучува и скапоцените и полускапоцените камења и тој накит многупати се пренесувал од колено на колено.

- Голем дел од тие филигрански парчиња се оставаат како подарок, аманет и спомен за поколенијата. Факторот време не му пркоси на филигранскиот накит, напротив, накитот и дизајните се доосовременуваат, па интересот за нив не се губи - тврди Младен.

И сребрениот и златниот филигрански накит во минатото имале улога на украс на телото, косата и облеката и најчесто се носеле по повод традиционални свечености како што се свадбите. Со филигран се кителе подеднакво и мажите и жените.

- Традиционалните македонски носии се сведоци за тоа дека женскиот, но и машкиот свечен изглед бил збогатен со златни или сребрени филигрански игли, колани, укосници, копчиња (петлици), саати, обетки, ѓердани, белегзии, брошеви и слично. 

Во едно парче филигран е вткаено мајсторството и искуството на изработувачот. Како што вели Младен, неопходно е филигранистот да биде вешт проценувач на идеите кои се нафаќа да ги изработи. Изминативе десетина - петнаесет години, интересот за изучување на филигранските техники се зголемува. Бројот на обучени филигранисти сигнализира за  хиперпродукција, но таа хиперпродукција никому не штети. Секој филигранист го пласира својот накит пред сопствениот аудиториум.

- Филигранистот треба да биде креативен и квалитетен, прецизен и пред сè опитен, а не само визуелно декоративен. Една од поважните ставки во изработката на филигрански накит не е да се долови некоја необична форма за парчето да биде уникатно, туку напротив, мајсторијата е во вештината да се преповтораат некои веќе создадени форми и дизајни, што е мошне тешко.

За тоа колку државата вложува во развивање и одржување на овој занает Младен вели дека поддршка има, но дека тој не сака да биде дел од стадото. 

- Има две крајности - задоволни и крајно незадоволни изработувачи на накит. Програми и грантови за субвенционирање на старите занаети постојат, но неинформираноста и административните сопки се тие што го создаваат незадоволството кај изработувачите, односно занаетчиите. Не сакам да бидам дел од ваквите планови и програми и убеден сум дека тој начин не би имал никаков ефект – вели тој. 

Во наредниов период  Младен ќе продолжи со работа на новоодбраната локација - во модерен изложбен и продажен простор за накит во Т. Ц. Зебра - сосема поинаков од традиционалниот занаетчиски изглед на неговата кујунџиската работилница во некогашното Македонско село. 

На мојата констатција дека не само што тешко се изработива, туку и тешко се живее од изработка и продажба на филигрански накит во време кога девојките повеќе сакаат да се китат со конфекциски накит, Младен ентузијастистички одговара дека неговата егзистенција не е определена од неговата професија, туку од неговиот упорен  карактер. 

- Со што и да се занимавав, ќе тежнеев да бидам посветен и успешен. Што се однесува до тоа колку може да се заработува и да се опстои од рачно изработен накит во време на сериско производство, го прифаќам тој факт како таков, трудејќи се да им понудам поинаков квалитет на моите купувачи - завршува тој.

Мимоза Петревска Георгиева