Оливера Јовановска Гарбин за животот во Италија: Почнав од нула, сега го имам еден од најпосетуваните дуќани во Венеција

Ви се раѓа идеја, направете ја свој живот. Мислете на неа, сонувајте и живејте таа да се оствари. Пуштете го мозокот, нервите, мускулите, секој дел од своето тело да биде полн со таа идеја. Тоа е патот кон успехот. Оваа флоскула на индискиот филозоф Вивекананда, го опишува успехот на скопјанката Оливера Јовановска Гарбин, кој го остварила по многу животни искушенија. 


Животниот пат ја однел во Венеција во 2006 година, на постдипломски студии по меѓународна соработка, преку праксата во канцеларијата на УНЕСКО. И покрај тоа што како новинар во ТВ Сител обработувала теми од дипломатијата, членството на Македонија во ЕУ и НАТО, имала желба праксата да ја помине или во Европската Унија, во одделението за комуникации или во некој од медиумите како Ројтерс, Би-би-си, Асошиејтед прес.

- Се случи тоа да биде УНЕСКО, каде што останав 7 години по магистрирањето. Работев во одделението за комуникација, пред сѐ со земјите членки од Југоисточна Европа, со посебен акцент на земјите од бивша Југославија. Првите три месеци како стажист ги посветив на истражување од областа на комуникациите, кое го преточив во мојата магистерска дисертација наречена „Комуницирајте го Балканот“. Магистерската беше израз на моето десетгодишно искуство како новинар, но и комуникациски експерт и истражувач во областа на институционалната комуникација меѓу Европската Унија, меѓународните организации и Македонија. Мојот ментор од УНЕСКО беше посебно изненаден од трудотПоследниот ден кога отидов да се поздравам со сите колеги, ми даде еден документ и ме замоли да го прочитами да му одговорам во рок од три дена. Почнав веднаш да го читам и не сфаќав што е, бидејќи документот содржеше делови од мојот труд, а имаше и работни часови и цена, односно плата. Го погледнав и го прашав дали е понуда за работа? Ми рече: „Дали би сакала да останеш со нас и тоа што го препорачуваш во твојот труд да го имплементираш во оваа канцеларија? – вели Јовановска Гарбин и појаснува дека била тотално збунета, бидејќи токму тој постојано ѝ велел дека не се во можност да вработуваат нови луѓе.


- Не се надевав, немав никаква визија да останам и да работам таму. Сакав само да магистрирам и да се вратам во Скопје и во ТВ Сител, бидејќи работата ме чекаше. Тоа ми беа три најтешки денови. Не знаев што да правам. Од една страна едвај сакав да се вратам во Македонија, бидејќи самотијата ме убиваше во Италија. Немав пријатели, луѓето околу мене не зборуваа англиски, јас не зборував италијански, живеев на периферијата од Тревизо, а израснав во Карпош и Центар во Скопје. Имав 30 години. Предложениот договор беше за 6 месеци. Тоа значеше да го раскинам договорот на неопределено време со Сител и да прифатам договор на одреден период. Во главата ми се вртеа многу прашања: Што потоа, што ќе се случи со мојата новинарска професија, ќе успеам ли да ја надминам носталгијата, како ќе живеам без пријателите, без колегите, без дневниот ритам на кој што бев навикната? Немав емотивна врска, но се прашував и дали ќе успеам да најдам момче и како ќе се разберам со него и дали воопшто сум спремна за вакво нешто? Никому не кажав за понудата, ниту на мајка ми, ниту на сестра ми, бидејќи имав доволно конфузија во глава. Една вечер пред да си легнам си реков: „Прифаќам, не вреди да се малтретирам повеќе - открива таа.

Нова можност, за едно ново меѓународно искуство кое од секогаш го посакувала. Од 6 месеци, нејзината авантура со УНЕСКО траела 7 години. Првите две години ѝ биле тешки од повеќе аспекти: емотивно, пријатели, финансии. Не можела да дојде во Македонија кога ќе посака поради административните ограничувања кои странците ги имаат во тој период, додека ја чекаат дозволата за привремен претстој.

- За среќа сега е многу полесно. Живеев под кирија во Тревизо, во куќа со уште три девојки, кадешто прво делев соба со една Италијанка. Кога почнав да заработувам, си дозволив соба само за мене. Секој ден патував час и пол од Тревизо до Венеција. На крајот од 2008 година се доближив поблиску до Венеција, во стан во кој живеев сама. Таа година го запознав Марко, кој ми стана иден сопруг. Во УНЕСКО работев и по 10 часа. Не се штедев, сакав да се докажам, да ѝ помогнам на канцеларијата, но и на Македонија. Среќна сум што во 2009 година бев дел од тимот што лобираше и го организираше концертот за мир во театарот Ла Фениче со македонски уметници. Во таа пригода го запознав и Благој Нацоски, но и Борис Трајанов, Јордан Плевнеш, хорот Злата Мегленска и Летка Димовска Полизова, истакнати новинари и сниматели, но и Клаудија Кардинале. Марко беше сведок со колкава љубов работам во организацијата на концертот. Ги запозна уметниците и гостите од Македонија – посочува Јовановска Гарбин.

- Со Марко се венчавме девет месеци откако се запознавме. Прва му ги кажав искрено, од срце моите чувства за него. Едноставно не можев да ги сокријам и ми беше важна емотивната искреност и стабилност, за да знаеме во која насока ќе одиме. Сакаше семејство, исто како и јас и одлучивме да не чекаме и да го почнеме заедничкиот живот. Тоа е еден од најсреќните моменти во мојот живот. Две години подоцна станавме родители на Габриел. Мајчинството влијаеше врз мене да направам радикални промени во животот, пред сѐ здравствени: преку исхраната, козметичките производи, динамичниот стил на живеење и се префрлив на пола работно време. Светот го тресеа финансиски кризи, во 2007, па во 2011 година кога Обединетите Нации го признаа Пакистан како земја членка и 2013 кога Италија влезе во економска криза. Сето тоа влијаеше и врз буџетот на канцеларијата во која работев. Додека го очекував мојот втор син, Валентин, иако бремена, договорот не ми беше продолжен – вели таа.

Големата неправда - да ги ужива бенефициите како секоја родилка, требало да ја бара по судски пат. Немала енергија за тоа, бидејќи имала критични бремености. Не сакале со сопругот да го жртвуваат животот на бебето што растело во неа.

- На УНЕСКО му се заблагодарив за сѐ што ми имаше дадено, а ми даде многу. Себеси си реков: „Една работа и сама ќе си ја измислиш“. Наредните две години максимално се посветив на децата и семејството. Не ни беше лесно, бидејќи бевме на една плата. Но тоа беа две прекрасни години како родител, во кои откако се одморив од професионалниот ангажман со УНЕСКО, почнав да се прашувам што сакам да работам во иднина? За да продолжам како новинар јазикот ми беше пречка, па се обидов и аплицирав на два конкурса како експерт за комуникации при Универзитетот Ка Фоскари од Венеција. Добро се пласирав, на едниот бев втора, а на другиот трето место. Иако не ги добив работните позиции, бев задоволна од постигнатиот резултат. Во меѓувреме завршив и два курса по италијански јазик на Универезитетот Венеција. Сѐ уште трагав по одговорот што би сакала да работам во иднина. Децата веќе потпораснаа, имаа 2 и 4 години – појаснува Оливера.

Еден пролетен ден почнала да ги продава бебешките работи на интернет. Додека ги ставала фотографиите, го прашала сопругот дали би можела да ги изнајми на некого и за тоа да биде платена? Почнала да истражува на Интернет дали такво нешто постои во светот и како функционира.


- Марко ми помогна во создавањето на првата интернет страница, а јас ги пишував текстовите на англиски и се погрижив за фотографиите. На 23 јули 2015 година се роди МамаРент - услуга за изнајмување детски артикли во Венеција. Најмалите бебиња што биле во Венеција, а нивните родители изнајмиле количка, креветче или столче за во автомобил, веќе имаат 8 години. МамаРент се развиваше полека, како растеа моите деца, така имав повеќе време. Додека беа во градинка или училиште, прифаќав нарачки и ги организирав доставите. Имаше и моменти кога децата требаше да ги носам со мене, или пак сите четворица да одиме заедно. МамаРент во центарот ги става потребите на децата и на семејството, почнувајќи од моите и мислејќи на другите. Динамична е и лесно се адаптира. Најтешко ми е кога ќе треба да одбијам некој родител. За жал и тоа се случува. Овие 8 години ни покажаа дека Венеција има потреба од МамаРент и тоа нѐ охрабри со Марко да купиме простор во градот. Таму да изложиме еден дел од нашите производи и да им овозможиме на родителите да ги подигнуваат од Венеција. Го имаме еден од најпосетуваните дуќани во градот – вели Јовановска Гарбин.

Паралелно со работата, таа несебично се вложува во развивањето на културната соработка меѓу Македонија и Италија. Неодамна ја поддржа и хуманитарната акција „31 македонски уметници за Венеција“. По нејзина иницијатива песната „Уште ми фалиш“ на Александар Митевски и Дац, беше препеана на италијански јазик во изведба на оперскиот пејач Благој Нацевски.

Соња Алексоска Неделковска