Она што нè истакнува од околината е нашата уникатност и оригиналност: Утринско кафе со Мимоза Рајл

Утрата посебно ги сакам и затоа станувам што е можно порано. Сакам да ја почувствувам тишината, утринската роса, проѕирниот воздух на годишните времиња. Порано пред да дојдам во моите сериозни години пиењето кафе сама без пријателки ми беше ужасна замисла. Сега, обожувам да поминувам време самата со себе си и да се дружам пиејќи кафе со Достоевски, Еткарт Тол, Нил Доналд Волш. Се прашувам како најхармонично да го поминам денот, кого да израдувам, на кого да му подарам љубов, како да поминам радосен ден, се прашувам кој заради мене денес полесно да дише.

Искрено, иако можеби ќе звучи доста интровертно мислам дека човекот сам на себе секогаш е најголема мотивација и инспирација. Доколку знае каде сака да оди, која цел да ја исполни  тој ќе застане и ќе се запраша - што денес да направам за да бидам подобар од себе си вчера?  Иако апсурдно, човекот е една и неповторлива индивидуа и залудни се конкуренциите со другите луѓе, затоа што она што нè истакнува од околината е нашата уникатност и оригиналност, а никако ако наликуваме на другите. 

Како самохрана мајка на две деца од 12 и 13 години ми треба голема организација. По утринското кафе што за мене претставува ритуал и посебна медитација, гледаме заедно тројцата на кои приоритети во денот да се посветиме  и што треба заеднички и поединечно да завршиме. Како професор по Естетика на Универзитетот “Еуропа прима”, обожувам да контактирам со моите студенти и да се подготвувам за моите предавања кои гледам да бидат интересни и да ги поттикнат и мотивираат да создаваат големи уметнички дела.

Искрена да бидам, карантинот воопшто не ми падна тешко. Можеби затоа што сакам да поминувам време сама со себе, моите книги, моите деца и семејство. Напротив, мислам дека карантинот требаше да не научи дека одговорите по кои трагаме не се надвор туку тие се внатре во нас. Во овој период на изолација требаше секој од нас да застане и да се запраша, што сака, што му е важно, за што вреди да се живее и како сака да го помине остатокот на животот, што му е приоритет, што е неговата тврдина за одбрана кога доаѓаат тешки денови во неговиот живот, дали тоа е семејството, бог, сопствената креативност, децата... 

 Лично овој период ми помина одлично затоа што ја создадов мојата нова книга „Светлината на убавината и уметноста”. Мојот стил на живеење не е вообичаен, така што можеби секогаш на тој стил можам да се прилагодам, дури и во невозможни услови. Значи нема ново нормално, ниту старо ненормално, се се сведува на нашиот избор, како сакаме да живееме и со кого сакаме да го поминуваме времето. Но, сепак ако ме прашувате што ми недостасува е одењето на тетарски претстави со моите пријатели и студенти и долгите ноќни разговори со нив за вечните прашања. 

Многу сакам да поминувам време во природа и настојувам во текот на мојот идеален ден да одам до Водно, Скопска Црна Гора, Матка да ги прошетам манастирите или едноставно да гледам во некоја река  - природата е мојата најголема инспирација и се радувам кога гледам дека се повеќе млади луѓе го согледуваат тоа. Освен ова одам на теарска претстава или концерт, гледам некој инспиративен филм, а вечерта секогаш ја завршувам со добра книга или инспиративен разговор...

Јас сум поборник на Гутенберговата галаксија од стариот ков, или со други зборови секогаш предност и давам на книгата. 


Фото: Приватна архива

(* Др. Мимоза Рајл - Директор на институт за сценски уметности на Универзитетот „Еуропа прима“*)