Онлајн-промоција на книгата „Основен тренинг за живот“ од светски познатиот тренер Марино Башиќ

Добивај вести на Viber

Онлајн-промоцијата на книгата „Основен тренинг за живот“ од Марино Башиќ ќе се одржи во четврток (22 април) во 19 часот на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Авторот на изданието е меѓународно признаен фитнес и кондициски тренер, ментор, предавач и автор. Оваа книга на читателите, меѓу другото, им порачува дека со своето тело можат да направат сè што ќе посакаат, разликувајќи „тешко“ и „невозможно“. Книгата – во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина публикации“ – нуди уникатна и необично делотворна стратегија за постигнување на посакуваните резултати, но и за остварување на желбите во конкретни временски рамки.
 
Разговорот со Башиќ, кој живее и работи во Хрватска и е чест гостин на најугледните светски тренинг- и фитнес-институции, ќе го води уредникот во „Арс Ламина“ Филип Видиновски. Гостин ќе биде Даријан Трајанов, кој пред три години во Загреб ја завршил обуката „Бејзик про“ (Basic Pro) на Марино. Така Даријан се здобил со статусот „Бејзик про тренер“, што значи дека е обучен и овластен за спроведување на програмата „Основен тренинг за живот“ во Македонија.


 
Системот „Основен тренинг за живот“ е едноставен, применлив и може да се изведува долгорочно без последици – што е, како што објаснува авторот, еден од можните проблеми со другите програми за вежбање. Откако со системот на вежбање „Основен тренинг за живот“ ќе се подобрат здравјето, физичките способности и изгледот, ќе се подобрат и самодовербата, успесите на деловен план и во приватниот живот. Она што секој треба да го направи е да преземе одговорност и да почне. За секој неуспех не е виновен никој освен самите ние, поради што Башиќ посочува: „Преземете ја контролата врз сопствениот живот!“

Книгата може да се најде во сите книжарници на „Литература.мк“ или да се нарача преку интернет-страницата www.literatura.mk.


ПР објава