Основци од Гевгелија ги украсија ѕидовите од училиштето со цртежи - користеа поликолор, капачиња од шишиња, тастатури и глувчиња од стари компјутери

Украсувањето со цртежи по ѕидовите односно мурали, не е новина во ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија. Повеќе од десет години учениците со своите наставници ги менуваат и освежуваат ѕидовите со нови идеи и креативни цртежи, кои имаат значење за периодот и местото на кое се наоѓаат. Ружица Икономова, која по професија е специјален едукатор и рехабилитатор и една година е в.д директор на училиштето,  вели дека оние цртежи кои низ годините го изгубиле своето значење и автентичност се заменуваат со нови, кои го следат времето и новите стилови на креативно изразување.

- Сепак некои ѕидни цртежи се безвременски поради својата вредност и местоположба и никогаш нема да бидат заменети со нови. Таков е муралот на просторот на скалите, кој е направен во времето кога бев ученичка во ова училиште, односно во 1993 година, под раководство на тогашниот наставник по ликовно образование, Боро Петров. Истиот е обновен од сегашната наставничка по ликовно образование, Адриана Манчева. Има и многу уметнички слики кои се авторски дела на наставниците по ликовно образование, кои го поминале работниот век во ООУ „Владо Кантарџиев“ и тие никогаш нема да изгубат од својата вредност. – посочува Икономова.

Идејата потекнува од наставничката по француски јазик, Магица Николовска, која ја води и библиотеката во училиштето. Од библиотеката, како некој позитивен вирус се раширила по целото училиште. 

Сите предметни наставници заедно со наставничката по ликовно образование, истражувале што најдобро го отсликува наставниот предмет кој го предаваат и одбрале мотив за сликање цртеж на ѕидовите околу нивните кабинети.

- Има многу талентирани ученици во училиштето и со задоволство учествуваа во ова дело, кое денес со гордост го покажуваме. Цртањето беше различно распоредено секој ден, поради обврските на сите. Најчесто на часовите по ликовно образование, проекти од ликовна уметност, после часови, на ликовна секција. Учествуваа повеќе од 20 ученици, од шесто до деветто одделение во изминативе два  месеци. Се уште има цртежи кои се цртаат или се во фаза на подготовка. Најдолго ја цртаа картата на светот, затоа што не е едноставно да се нацрта цел свет со детските раце. – вели в.д. директорката на училиштето, според која поедноставно и впечатливо е ако визуелно ги доловите, отколку да ги опишувате со зборови.

- Кабинетите по македонски јазик се оплеменети со цртежи на дрво, кои го претставуваат коренот на нашиот јазик и гранките на кои се дели. DNK во човекова фигура, хемиски молекули, атоми, елементи, карта на светот, сите особености на англиската и француската култура, гледам, истражувам и учам физика, спортски силуети, дрво со отпечатоци од рацете на учениците, тематски столбови, патокази за кабинетите и многу други. Во еден простор под скалите имаме етно катче кое е впечатливо и автентично и ја претставува македонската традиција. Користени се најразлични материјали, почнувајќи од обичен поликолор, акрил, стари керамички плочки, капачиња од шишиња, неупотребливи компјутерски елементи, тастатури, CD-а, глувчиња, свичови, стари весници и друго. – вели таа.

Сѐ што не довршииле годинава, ќе го продолжат следната. Секој цртеж има своја приказна и носи белег на една генерација. Но, училиштето има и други активности за пофалба.

- Оваа година излезе во печат третиот број на училишниот весник „Бубалки“, за кој исто така имаше голем интерес од учениците и од другите граѓани на Гевгелија. Се подготвува и ново издание за сите активности од второто полугодие. Исто така организираме Научен базар, на кој ќе можат сите креативци и млади умови да ги презентираат своите дела. Изработивме многу флаери за ненасилство, за другарство, за инклузија, како и промотивно видео од учениците и наставничката по информатика, Борка Јанчева. Затоа што секогаш е убаво да евоцираме спомени, имаме посебни катчиња во кои објавуваме фотографии од априлијади, спортски натпревари, ликовни и музички настани, ученици на генерацијата итн. Нашето училиште следната година ќе слави 80-годишен јубилеј на постоење како основно училиште во Гевгелија, а исто така ќе одбележиме и 100 години од раѓањето на патронот. Владо Кантарџиев бил млад револуционер - партизан од Гевгелија, кој загинал во НОБ на 21 година. – открива Икономова.

(С.А.Н)

Галерија: