Отец Михаил - за постите, силата на молитвата, гревот, мигот кога атеиститите стануваат верници

Добивај вести на Viber

Отец Михаил служи во скопската црква Св.Јован Крстител, во Капиштец. Верниците го опишуваат како свештеник на 21 век со исконските вредности во него. Не постои човек што се обратил кај него, а да го одбие. Кога ќе го запознаете забележувате аура на мистичност. Тоа е она, божјото, исконското, што не се опишува со зборови. Но, кога ќе се предадете на неговите молитви, сфаќате дека сте на вистинскиот пат.

ЖМ:За сите православни верници пред извесно време започнаа неколкунеделните големи Велигденски пости, кои завршуваат со празникот Велигден. Кои се правилата на верниците кои постат?

-Велигденските пости, покрај Божикните, се најголема чест за секој верник. Да се пости не значи само воздржаност од одредена храна без животинско потекло, туку да се пости и од сите лоши мисли, упатени зборови, дела. Постиме за да се приближиме кон Бога. Правилото според нашата вера е секој верник да се упати кон својот духовен отец и најпрвин да се исчисти духовно преку светата исповед, со цел со мирен дух и ум да се подготви за Велигденските пости. Велигден, како најголем празник по Божик во православното христијанство, е најголемиот потсетник дека смртта не е крајот. Овој празник нѐ потсетува за најголемата жртва во постоењето на човекот, сѐ со цел и на живите и на мртвите да им се отвори можноста за живот по смртта. Исус е тој кој според каноните и според верувањето по распнувањето, влегол во Адот и го ослободил првосоздадениот Адам и заробените души. Воскресението е победа и над гревовите и е ветување за Царството небесно. Исус со својата љубов и телесна кон оние кои го распнаа ја победи смртта затоа што и самиот Тој е љубов. Велигденските пости нѐ учат токму на најголемата лекција за човештвото - љубовта.

Сте слушнале дека е кажано - Љуби го својот ближен и мрази го непријателот.

А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат,

за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните.

Матеј 5:43-45

ЖМ: Која е духовната димензија?

-Духовната димензија на Бог е линеарно поврзана со спротивностите на гревовите и ниските земјени вредности. Гревот е лошото најлесно го оддалечуваат човекот од изворот на постоењето и од Божјата љубов. Духовната Божја димензија е еднаква на љубовта, смирението, но најмногу на пожртвуваноста. Самиот Христос, односно третата страна на Бог и третиот дел од Светото Тројство, ја направи најголемата жртва, каде свесно се помири со крајот на својот телесен живот предавајќи му се целосно на Бог, а притоа простувајќи им на оние кои скандираа да го распнат на крстот. Да си верник значи да одиш во Црква, но да имаш љубов во секоја мисла, во секој збор, во секој поздрав, во секоја прегратка, во секое дело. Посетата во Црквата и самоуверувањето за одлика на добар верник не е доволна, доколку во срцето се негуваат зли мисли, пакостливост, гнев, алчност, себичност.

ЖМ:Што е грев?

-Грев е рана на душата и плач на Бога и ангелите за брзоплетите одлуки на човекот кој со секој грев се оддалечува од Бога и од смирението Господово. Во нашата вера се верува во седумте смртни гревови: сладострастие, завист, дрчност, мрзливост, алчност, гнев и гордост. Сите седум и заедно и поединечно креираат инвалидитет на духовноста и заматување на чистината на самата душа. Гревот има безброј форми - дело, збор, мисла, а самите 10 Божји заповеди се јадрото на верата и освестувањето да се избегнуваат похотните мисли и грешењето. Сепак и самиот Бог вели дека на Судбоносниот ден сите - и живите и мртвите ќе се најдеме пред големиот Суд да одговараме за секој грев, за секое добро дело. Верата во Бога и смирението на молитвата, нѐ потсетуваат на колку многу љубов и молитва ни се потребни секојдневно, за да сме подобри луѓе и верници.

ЖМ:Во ова време на нестабилна економија и политичка раздвоеност, кое резултира со разочараност и тешко секојдневно битисување, дали луѓето повеќе се ориентираат кон црквата и кон вербата во Бога?

- Вербата во Бога и Црквата, како земјен дом на Севишниот, никогаш не се намалува кај верник, кој и покрај сите животни предизвици одлучува да се потпре целосно кон Божјата милост и кон убавината на духовноста која се чувствува во секоја православна Црква. Луѓето се ориентираат кон Бога, а најголемиот предизвик е истата таа посветеност и љубов да се пренесе на природен начин и на младите генерации, чија што заштита на чистина на детскиот дух, треба да биде најголем приоритет за сите црковни лица и за родителите и згрижувачите.

ЖМ:Вербата постои, но колку луѓето се подготвени да ги применуваат нејзините вредности?

-Да се верува и да се биде дел од православното христијанство, е првиот чекор поблиску до Бог. Но за да можат луѓето правилно и со љубов да ги применуваат вредностите на верата, потребно е духовните отци да се можеби уште повеќе посветени кон комуницирање токму на тие вредности со верниците кои доаѓаат во црквите и манастирите. Сепак, животните несреќи, имаат моќ да ја разоружаат и разнишаат верата на луѓето, но довербата и љубовта во Бога се обновува со силата на искрената молитва. Во модерната доба во која живееме треба да најдеме можеби и нови начини како да допреме полесно до срцата на луѓето и до младите генерации и да ги потсетиме дека Бог е секогаш со нив, и во добро и во зло.

ЖМ:Кој профил на луѓе најмногу доаѓаат кај Вас? Што најчесто ги мачи?

-Најчестите посети се од луѓе со секојдневни маки од тешки болести и трауми од гневни семејни расправии, несреќи, разводи... Добро е што светлината ја восприемаат и поврзуваат со посета во Црквата и со враќање кон молитвата и исповедта пред својот духовен отец. Само на тој начин душата се олеснува од духовниот товар на искусените маки каде полека се враќа во состојба на смирение и прифаќање на Божјата љубов.

ЖМ:За решение на проблемите постојат стручни лица, како психолог, психотерапевт. На кој начин вие им помагате, особено на младите луѓе?

- Научните експерти се од големо значење и помош за телесното здравје на луѓето. Црквата, православието и духовните отци се лекот за душевното здравје на верниците. Моќта на молитвата и љубовта кон Бога е неспоредлива затоа што довербата која постои помеѓу духовниот отец и верникот, е неспоредлива и незаменлива со цел надминување на сите душевни бариери за сузбивање и ослободување од алчноста, гневот, развратот, самоволието, себичноста... Доколку како дел од детството и домашното воспитување е љубовта кон Бог и Црквата, младите кога ќе достигнат соодветна возраст за самостојна посета во Црквата, самостојно и со своја волја доаѓаат и имаат потреба од исповед и од восприемање на заштитата која ја чувствуваат на премисите во Црквата.

ЖМ: Бог да, црква не! Дали е тоа одраз на конзервативниот имиџ на црквата или на некој вид на револт?

-Одредени ситуации и поединечни примери низ годините, за жал имаат создадено негативен стереотип за Црквата, кој ја опишува со спротивностите на она кое што треба да е симбол на Црквата и христијанството. Изборот на вера во Бог, но не и вера и посета во црква е исто како да велиш дека си му пријател на Господ, но дека не сакаш да дојдеш како гостин во Неговиот дом на земјата - Црквата. „Бог да, црква не“ е вид на револт од секојдневието на луѓето кои се разочарани повеќе и од општествените случувања, а за жал, ги поистоветуваат и со Црквата. Делумната причина е и дел од засебни изолирани случаи на одредени црковни лица со ставови и дела кои не треба да се поистоветуваат со Црквата и Бог, но причината за револт е и од големата слобода на осудување кај новите генерации, нешто кое дефинитивно им е дозволено на децата во текот на развојот и детството од страна на околината. Доколку револтот и осудувањето кон Црквата и црковните лица е присутно кај родителот, истото секако ќе се реплицира и во ставот на детето, а тоа е исто како родителот да одлучил да ја заклучи вратата кон Бога во својот дом. Осудувањето и етикетирањето на Црквата како „неважна“ и „недоволно вредна“ во очите на поединци на Црквата, е разочарувачко, затоа што доколку тие решиле да го напуштат домот на Бог, Бог никогаш нема да ги напушти нив. Љубовта од Бог кон човекот никогаш не пресушува. Црквата и духовните отци се каналот за комуникација на Божјите вредности и заповеди на земјата и тоа не треба да се заборава со доаѓањето на новите генерации.

ЖМ:Постојат ли повеќе примери кога атеист станува голем верник и кога најчесто тоа се случува?

-Има повеќе примери. Атеистот, кој иако е навидум неверник, тој или таа дефинитивно верува во целосното непостоење на Бог. Значи сепак верува во нешто. Но најчестиот пример кога атеист станува голем верник, е присуството на чудо каде навидум необјаснива и неочекувана и непобарана (небесна) помош ги избавува од животните маки со духовното и телесно исцеление, и тоа во моменти кога воопшто и не верувале во Господ и во моќта на молитвата и во убавината на христијанството. Божјата љубов и помош се постојано присутни, а Она кое му преостанува на човештвото е да го сврти своето срце кон Бог и да го исполни со љубов. Затоа што и самиот Бог е љубов, а истото е ветување дека Тој секогаш ќе биде со нас, и во добро и во зло. А што со таква големина на вера и доверба? Едноставно е, човекот заедно со Бог може да направи сѐ.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: Вангел Тануровски