Од кажаната молитва над каменот во Св. Никита, Алексеј оттогаш нема зајдено од плачење“: Сведоштво за Женски магазин од мајка која спасот за своето чедо го нашла во нашиот манастир
За чудата во манастирите кои се случиле низ земјва се
зборува многу помеѓу верниците, па токму едно такво сведоштво ни открива и
39-годишната мајка Николина, која спасот за своето чедо го нашла во манастирот
Света Никита во селото Горњане, Скопска Црна Гора.
„Помалото дете, неколкупати додека плачеше ми имаше зајдено, остануваше без здив неколку секунди - минути... јас како мајка во тие моменти полудував од грижа. Во една ситуација, додека плачеше, зајде, но и се онесвести па повикав и Брза помош.
Оваа мака ме натера да побарам помош насекаде, па во една група на социјалните мрежи, една мајка ме советуваше да одиме во село Горњане, во манастирот Свети Никита и таму на така наречениот „љубовен камен“ да го замолиме отецот да му прочита молитва на Алексеј.
И во првата прилика, бидејќи сопругот е на работа до 16:00 часот, а за жал јас не знам да возам, отидовме во попладневните часови во манастирот и таму му ја кажавме својата мака на домарот, а тој не‘ спои со отецот.
Отецот набргу дојде, не‘ сослуша и тргнавме кон внатрешноста на манастирот. Јас со Алексеј стоев над светиот камен, а отецот му прочита молитва.
Откако заминавме дома, јас како да бев со сосема друго дете. Да плачеше сепак беше мал, но не како порано до зајдување. Оттогаш кога можеме одиме во Света Никита да се заблагодариме за се‘. За мирот и за детето кое оттогаш е здраво и живо и без никакви проблеми.
Му благодарам на Бога за се‘, на отецот и домарот, но и на жената која ме советуваше да отидеме во манастирот за молитва.
За светиот камен т.н љубовен камен кој се наоѓа во манастирот сум слушнала од верници дека помагал на жени кои се помолиле за рожба, помогнал и на други верници за други проблеми, но вечно ќе сум благодарна што и нас ни помогна и ни донесе мир дома“, вели оваа благодарна мајка.
Инаку, манастирот во село Горњане, Света Никита е средовековна црква. Градбата на црквата има облик на впишан крст во правоаголен простор, со купола врз висок тамбур. А дворот во црквата верниците особено во потоплите денови го користат за излет и дружба. Најчесто во недела дворот на манастирот е полн со народ.
Н. Миланова