Партнери со исти предизвици, но и исти проблеми
Брачен другар од иста професија може да биде предност, но и кочница, особено ако и двајцата се јавни личности. На македонската естрада има повеќе такви двојки кои и покрај пожртвуваноста и суетата кои се составен дел од уметничкиот живот успеале да ја сочуваат хармонијата во меѓусебниот однос.
Тања Кочовска и Предраг Павловски
Докажани актери, до пред некоја година и двајцата вработени во Театарот за деца и младинци. Кочовска во една прилика раскажа дека особено интересни биле нивните службени патувања. Секогаш спиеле во посебни соби, дури се случувало колегите од странските театри и да не дознаат дека се маж и жена.
- Кај нас олеснителна околност е максималната слобода која меѓусебно си ја даваме. Имаме приватен живот независно еден од друг. Не сме суетни и максимално си веруваме. Тоа е тешко остварливо во една просечна заедница, но нашиот брак по многу нешта е специфичен – појасни Тања.
Зуица Лазова и Наум Петрески
Две големи имиња на домашната фолк-сцена кои делат ист покрив веќе десетина години. Кога се дома со децата музиката е последното нешто за кое разговараат. Така барем изјави Зуица во едно интервју.
- Предност е да имате човек покрај себе кој искрено ќе критикува кога имате лош настап или кога без скриени мотиви ќе советува која композиција е полн погодок за кариерата. Она што никогаш не е во наша полза е кога сме конкуренција на фестивал, а во таква позиција сме се нашле неколкупати – раскажа таа.
Јулија и Благоја Маротови
Со децении се дел од домашната музичка сцена. Пред три години и двајцата се натпреваруваа во популарното српско шоу „Никогаш не е доцна“. Во едно од нивните излагања открија дека доаѓаат од различни средини и дека за нив е нормално за многу нешта да имаат различни ставови, но никогаш не се доживувале како конкуренција.
- Токму спротивностите не‘ одржуваат, ако се земе в предвид дека монотонијата знае да биде фатална за една врска. Можеби и ѕвездите ни се наклонети. Јуле често знае да се пошегува дека олеснителна околност е што сме рак и скорпија кои важат за компатибилни знаци - изјави познатиот музичар.
Силвана и Влатко Плевнеш
Од макфестовскиот евергрин „Ангели ме носат“ до последниот албум со цигански романси поминаа 25 години, а тие минимум 25 пати ја имаат раскажано својата љубовна приказна. Нивната тајна е љубов, разбирање и компромис.
- Се случува да се искараме половина час пред настап, но лутината да трае до втората песна. Не за џабе е кажано дека музиката е мелем за душа - нагласи Влатко во едно интервју.
Ѓ.С.