„Песталоци“ оди на Јеил, огромен успех на учениците Сара, Лука и Виктор: Горди и среќни сме

Добивај вести на Viber

Од 13-ти до 17-ти декември 2021-ва година, во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати се одржа глобалниот натпреварот во дебатирање и општи знaeња „World Scolar’s Cup”.

Сара Кнежевиќ, Лука Вајевиќ и Виктор Јакимов од VIII – 2 во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – Скопје, во конкуренција од 500 ученика од 23 земји ги бранеа националните бои на Глобалниот зимски круг 2021 година. Тимот се врати побогат за 28 медали и два трофеја.

Виктор Јакимов во индивидуалните натпревари освои три сребрени медали.

- Подготовката за ваков натпревар можеби изгледа комплицирана, но материјалот кој што треба да се научи е поделен во неколку предмети. Така што, слично како што на училиште имаме предмети кои ги учиме во текот на целата учебна година, така се подготвувавме и за предметите на овој натпревар. Една од категориите во кои се натпреваруваме (покрај креативното пишување и тестовите со прашања од материјалот) се и тимските дебати. Поради тоа, подготовките вклучуваат и дебати на различни теми со тимови кои исто така се подготвуваат за учество на овој тип натпревар. За натпреварите во Скопје и во Дубаи се подготвувавме со Никола Ѓелинчески, наставник по англиски јазик и книжевност во Yahya Kemal College-от во Скопје. Среќни сме што ја имаме привилегијата да работиме со него. 

На натпревар од ваков тип  прв пат учествувавме во 2019 година. Тогаш, наставничката по англиски јазик во нашето училиште, Билјана Стојановска, не праша дали сакаме да одиме на натпревар по општо знаење и ни кажа дека ако постигнеме добри резултати, би можеле да одиме во Холандија. Сите тројца се согласивме и така во 2019 година за прв пат учествуваме на регионалната рунда на „Светскиот ученички куп" во Скопје. Многу сме ѝ благодарни на наставничката Билјана за тоа што ни отвори прозорче со огромни можности и перспективи. Тогаш имавме 11 години и се натпреварувавме со деца на возраст до 14 години. Се пласиравме на 5-тото место и со тоа се квалификувавме за учество на глобалната рунда во Хаг, Холандија. 

Оваа година повторно учествуваме на регионалната рунда на „Светскиот ученички куп " во Скопје и бевме најдобар тим во категоријата јуниори. Со тоа, по втор пат се квалификувавме за учество на глобалната рунда, која оваа година се одржа во Дубаи. Се надевавме на успех, но на овие натпревари неизвесноста е огромна до последниот момент. Натпреварувачите кои доаѓаат од други земји исто така се подготвуваат и не можеме однапред да знаеме какви ќе бидат финалните резултати - објаснува детално Виктор за подготовките и искуството со натпревар од ваков тип.

Лука Вајевиќ во индивидуалните натпревари освои три сребрени медала. Тој е импресиониран од Дубаи.

- Импресиите од Дубаи се чудесни. Градот е микс на различни култури. Високи, модерни облакодери кои навечер даваат прекрасна светлина на градот, а од друга страна ориенталниот арапски стил ме воодушеви. Си купив сувенири од прекрасните и огромни молови во Дубаи.  Запознавме многу деца на наша возраст, од многу земји во светот. На натпреварот се сретнавме со поконкурентни тимови, кои ме потикнаа да се подготвувам повеќе за следниот натпревар. Натпреварот беше организиран безпрекорно, професионално. Овој натпревар ме поттикна дека имаме обврска и одговорност за презентирање на нашето училиште и нашата Република Македонија. Ние бевме единствен натпреварувачки тим од државно основно училиште - раскажува Лука.

Директорката Катерина Атанасова и колективот на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци"

Учениците велат дека многу им значи поддршката од училиштето и од наставниците, а пред сѐ од директорката Катерина Атанасова, која многу им помогнала за да го реализираат патувањето во Дубаи и ги поддржуваше во текот на целиот натпревар.

Директорката пак на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – Скопје, Катерина Атанасова е особено горда на своите ученици.

„Пандемијата нѐ соочи со нови предизвици при реализација на целокупниот воспитно-образовен процес. Во овој период наставниците и учениците успеаја брзо да се снајдат и да продолжат успешно при реализација на наставата и совладување на наставниот материјал. Особено горда ме прават успесите на учениците кои и покрај пандемијата успеаја да учествуваат и на меѓународни натпреварите и да освојат медали и трофеи, со што достојно ги бранеа боите на нашата татковина.“

Најуспешна беше Сара Кнежевиќ која освои шест златни и еден сребрен медал во различни категории со што беше прогласена за еден од шампионите на натпреварот. Таа беше во групата почесни осум дебатери кои ја водеа последната дебата пред целиот аудиториум.

„Нема доволно зборови да се опише ова искуство. Освен добрата организација и целосна атмосфера на натпреварот, навистина сум благодарна на можноста да се запознаам со ученици ширум светот и да размениме  мислења. Морам да ја споменам и раскошната убавина на Дубаи. Самите градби и туристички атракции ни ја раскажаа историјата на местото. 

За мене највпечатлива беше финалната дебата. Ова беше дебата во која дебатираа осумте најдобри натпреврувачи. Беше возбудливо кога чув дека сум избрана, но дефинитивно многу повозбудливо додека се припремавме да говориме.“

Ваквиот успех ги квалификува на Турнирот на шампиони, на престижниот Јеил Универзитет во САД, на кој се натпреваруваат десетте најдобри тима од шесте Глобални рунди на годишно ниво.

- Најинтересен момент од натпреварот ми беше тимската работа на дебатите, каде што секој од тимот еднакво придонесува кон успехот. Јас , Сара и Виктор вешто умееме да се надополнуваме во тимското дебатирање и многу ги сакам и почитувам како другари. Темите на дебатите беа наука, уметност, литература, историја, граѓански права. Контактот со другите учесници, како и запознавањето со нив ми остави впечаток за пошироко спознавање на светот и добрината на сите деца за создавање на подобро утре во целиот свет. Имав огромна желба да се пласирам понатака на натпреварот и да ја посетам Америка - раскажува Лука, среќен што неговата желба се исполнила.

Среќна сум да кажам дека успеавме да стигнеме до Јеил, каде ќе се одржи турнирот. Покрај адреналинот, го очекувам и напорот бидејќи ова е нешто кое многу ни знаши на тројцата и би вложиле сѐ што можеме. Кога доаѓа нашиот успех во прашање, морам да кажам дека сите сме пријатно изненадени. Горди сме и среќни, и се надеваме дека овој пламен во нас нема да замре - вели задоволно Сара.

- „Турнирот на шампиони“ е голем настан/натпревар, многу поголем од глобалната рунда, како што беше оваа во Дубаи. За илустрација, во 2019 година, кога беше одржан последниот „Турнир на шампиони", на натпреварот учествувале околу 600 тима или 1.800 ученици од преку 60 земји од светот. На овој турнир, кој е завршница од натпреварувањето, можност да учествуваат имаат само оние кои се квалификувале за учество преку резултатите постигнати на глобалните рунди. За овој финален натпревар е потребна уште поголема подготовка. Ќе работам на деловите од материјалот, коишто мислам дека можев подобро да ги спремам. Мојот впечаток е дека секое дете има потенцијал. На натпреварите од овој тип може да се откријат вистинските вредности кај секој од нас. Освен што учиме многу нови работи на интересен начин, на овие натпревари имаме можност и да се дружиме и да стекнуваме нови пријателства. Тој дел ми е многу важен и дефинитивно би ми било интересно да се запознаам со многу ученици од различни места од светот со различна историја и култура, со кои можам да разговарам на најразлични теми - заклучува Виктор.

За својот постигнат успех учениците Виктор Јакимов, Сара Кнежевиќ и Лука Вајевиќ ја добија и општинска награда „Феникс" за истакнат успех и постигнати знаења од областа на науката, културата и уметноста.

Д. Караташова Илиоска