Писмо на една вештерка
Одамна се знае дека е скап данокот на убавината. Примери на оваа тема колку сакаш низ историјата.
Од вештите жени, во средниот век, кои биле наречени вештерки, па сходно на тоа и третирани така и спалувани на клада, па преку моќните и влијателни жени, низ историјата кои морале мајчино млеко да проплукаат за да се изборат и да издржат секаков вид општо-народен линч, па потоа глумици, пејачки, манекенки… од кои добар дел од нив завршија осакатени и напуштени како кучки.
Не можат, не можат луѓето да ја издржат убавината. Ги боли, ги мачи, ги јадосува одвнатре.
Сакаат да ја грабнат, крволочно да ѝ се насладат, за на крај да ја уништат. Таа „радосна одвратност“, која што таквите луѓе во тој момент ја чувствуваат ја храни нивната осакатена душа. Ѓаволски добро се чувствуваат кога ќе уништат убавина.
Жените одма ќе речат курва е, бидејќи единствено така можат да се справат со маката што тие немале среќа да се родат убави. А згора на тоа и ништо не прават за да се разубават. Чмаат во својата рамнодушност, која најчесто произведува пакост и лошотија.
Мажите пак, ќе ја демнат како ненаситни животни, на кои лиги им течат од устата.
Би го свртеле светот наопаку, само да можат да ја грабнат, да ја имаат, за потоа не знаејќи што да прават со неа да ја осакатат.
Мораше ли баш Мерлин Монро да му пее Хепи Брдеј мистер президент на Кенеди.
Мораше ли баш Моника Белучи да ја глуми „Малена“.
Мораше ли Марија Калас да ја грабне Оназис.
Да точно, Каласка не беше толку многу убава, но никој не беше поубав од неа на оперската сцена. Светот ја обожаваше. Ја славеше нејзината најубава, божествена гласовна убавина. Немаше поубава од неа во тој момент.
И!? Што се случи. Оназис ја посака за себе. Точно толку, колку да се исперчи пред светот. Не повеќе.
Ја згужва, ја осакати и ја напушти.
Таа замина точно така, како напуштена кучка.
Нема овде мегдан за другата тема- „а што бараат вакви убавици, со вакви „ѕверови-демначи“!?
Не е сега тоа темата. Друг пат за тоа, како и зошто убавите жени многу често завршуваат во рацете на уништувачките машки, или животни канџи. Имам и за тоа приказна. Ама не сега!
Сега зборувам само за скапиот данок на убавината.
Всушност зборувам за сите оние кои не знаат што да прават со убавото покрај себе и околу себе.
Всушност за тој опак горчлив крволочен сок, кој им прави киселина во желудникот. Се додека не ја уништат убавината. За душата да им се наслади и да се смират.
Потребата да се „скрши“ убавото е апче против киселина во желудникот.
Не е ова секогаш до оваа мера. Има и помалку. Иако прашањето на мерата, не се однесува до степенот на убавината, туку до степенот на тоа колку таа загрозува некого. Колку повеќе го загрозува, толку е поголема потребата таа да биде уништена.
А загрозувањето!? Тоа е чист, примитивен страв. Ништо друго.
Предметот на загрозувањето е многу лична, и многу интимна работа. Тука има комплекси, кои не ретко веднаш се активираат штом убавото ќе застане пред нас.
И тоа е секако обратнопропорционално.
Некој ќе рече убавината е релативна работа. Тоа што е за тебе убаво, не мора да е и за мене. Манемој!
Не зборувам јас тука за релативната убавина. Зборувам за „апсолутната“. Боже-Господе сите знаеме што е многу убаво, што е помалку убаво, релативно убаво, така-така и конечно сите знаеме и што е неубаво.
Некој друг пак, ќе рече „па што ако е толку убава“!?
Ништо! Едноставно убава е. Толку!
„Па мора ли да се прави толку важна“!?
Хм…
Можеби се прави, можеби не се прави, можеби само тебе така ти се чини.
Таа и само така да стои простум, тебе ќе ти се чини дека се прави важна.
Мерлин Монро во вреќа за ѓубре ја облекоа и ја ставија на насловна страна на Вог.
Ете затоа се насобраа грди луѓе и кај нас и во поголем дел од светот во речиси сите свери на општеството и во речиси сите институции, лека полека уништувајќи го сето убаво што им се „испречува“ на патот.
Убавината се повлече и си тухува зад седум мориња, седум планини и ридови.
И знам дека им е тешко кога секој ден гледајќи се во огледалото и прашувајќи го „огледалце, огледалце, кој е најубав на светот“, тоа секое сабајле им одговара.- „таму далеку зад седум мориња, планини и ридови…“
Не постои магично огледалце, кое можете да го купите со сите пари што ги имате, кое ќе ви рече „Ти си најубав на светот“. Не постои.
А убавината си тихува и го чека денот, кога којзнае кога, можеби за сто години, можеби порано, ќе дојде принцот на бел коњ и ќе ја спаси.
Бидејќи убавината и само убавината може да го спаси светот.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазинКолумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: