По 44 години работен стаж во МРТ, си излегов од куќата сам, како улично кутре-немаше кој да ме испрати во пензија: Љупчо Мирковски

Добивај вести на Viber

„Пензија. Велат дека е трето доба. Ако е така, барем 30 години да поминам во тоа трето полувреме. Од 4 мај сум на терет на Државата“, со овие зборови Љупчо Мирковски, еден од најплодните музичари кај нас ја извести јавноста дека го завршува работниот век во МРТ, долг 44 години. Од 1978 работеше во Музичката Продукција на МРТВ како трубач и диригент во „Биг Бендот“ и во ревискиот оркестар.

Мирковски е композитор, аранжер и инструменталист. Беше уметнички директор на „Макфест“ и „Скопски фестивал“, на националниот избор за детска и сениорска Евровизија. Во неговиот авторски опус запишани се преку 200 композиции од областа на популарната, народната, инструменталната и детската музика. Направил 360 аранжмани, повеќе од 200 џинглови, химни и музика за рекламни спотови,   за две телевизиски серии, за 28 театарски претстави и за филмот „Пусто турско“. Бил Придружен вокал на албумите и сингловите на Тоше Проески, Владо Јаневски, Дарио, Верица Пандиловска, Тања Кочовска, Зорана Павиќ,„Силви Бенд“, Лидија Кочовска, Искра Трпева, „Студени нозе“ и многу други. Учествувал на концертите на ѕвездите на поранешна Југославија. Напишал повеќе хитови за нашите пејачи. Важи за најголем поборник за опстојување на продукцијата и оркестрите во МРТВ.

* Дали фактот што не го одбележаа вашето пензионирање, значи и крај на  Музичката Продукција на МРТ, а македонската телевизија ќе биде единствена на Балканот која ќе остане без овој важен сегмент за нашето творештво?

- По осамостојувањето на Македонија, РТС стана Македонска Радио Телевизија, Танцовиот оркестар стана „Биг Бенд“ на МРТ. Еден по еден постарите колеги почнаа да се пензионираат, некои за жал починаа. На нивно место не се вработуваа други музичари, туку само хонорарци. Никој од нас не ни сонуваше дека тоа е почеток на крајот на оркестрите на Музичката Продукција на МРТ. Останавме само десетина музичари од сите оркестри. Не можев да се помирам со новата ситуација и почнав да “копам” наоколу. Пишував писма до министри, претседатели, пратеници. Залудно. Измислував топла вода, па правев невозможни комбинации од инструменти. Со Гордана Куновска успеавме да ја направиме емисијата „Беше еднаш“ мислејќи дека некого ќе натераме да почне да размислува на тема оркестри во МРТ. Ни случајно. Ниту на еден од директорите, а рака на срце се сменија доста имиња од Гордана Стошиќ па се до Марјан Цветковски, око не им трепна за тоа што лулката на македонската музика, музичката продукција едноставно ја снемува. Дури, Сајовиц бараше укинување на продукција и на репортажните коли. Велеше, нема потреба од нив, ако ни треба ќе рентаме. За греота. 

* Во еден период сепак постоеше надеж нешто да се смени на подпобро?

- Марјан Цветковски на крајот на возобновениот „Скопски фестивал“ во 2012 година излезе пред цела македонска јавност и кажа дека ќе се возобновуваат и оркестрите. Ние кутрите се израдувавме. Си рековме „му благодариме на Бога, што дојде на чело на куќата еден паметен директор“. Арно ама, немаше вработувања. Во МРТ тие години се вработија многу потребни и непотребни кадри, но никако музичари. Радоста кратко траеше и последната свирка на оркестрите беше „Скопски фестивал“ во 2015 година . Ни кажаа и причина – нема пари.

* Потомок сте на петта генерација на музичари од вашето семејство. Трубата беше ваш или наметнат избор?

- Кога се запишував во средно музичко училиште, сакав да свирам флејта за подоцна да научам и саксофон. Обично тоа така одеше. Директор на музичкото училиште беше Илија Николовски Луј, кој веднаш ми рече “Не може флејта, ќе свириш труба. Јас сум бил директор на четири генерации од твојата фамилија, ти си ми петта и последна пред пензија, ќе ти предавам труба”. Тоа беше големо разочарување за мене. Веднаш ми дадоа една школска труба, која беше цела исчукана и искривена, а да не кажам колку беше валкана и со некој многу страшен мирис на истрошено автомобилско масло. Си го сфатив тоа како наредба и судбина. Така почнав да учам да свирам труба, незнаејќи дека подоцна толку многу ќе ја засакам како инструмент и дека тоа ќе ми биде дел од животниот пат. 

* Како се одвиваше вашата кариера?

- Почнав да свирам труба по групи, состави дури и во џез оркестар во „Мирче Ацев“. Мојот за жал прерано починат другар Боби Мицев во тоа време свиреше во ноќниот бар во „Гранд хотел“ и често го придружував. Многу страшно и апсолутно несоодветно место за 16-17 годишни момчиња, колку што имавме тогаш. Подоцна не најде Џаро и не прибра како состав да ги придружуваме во тоа време нај битните југословенски пејачи како Здравко Чолиќ, Нада Кнежевиќ, Лео Мартин, Боба Стефановиќ, Алма Екмеџиќ, Тереза Кесовија, Драган Мијалковски, Цветанка Ласкова, Момо Николовски. Во декември 1977 само што се вратив од четири месечна свирка на бродот “Истра” кој пловеше низ Медитеранот, ми се јави Славе Димитров и ме викна на состанок во „Гранд хотел“ Скопје. Таму беше и Благој Чешларов, кој исто така беше одличен трубач, но сега во улога на Извршен музички продуцент во Музичката Продукција на Радио Телевизија Скопје. Се смрзнав кога го видов од трема. Се запрашав кој сум јас за да седам на иста маса со две величини на македонската забавна музика мои идоли. Чешлар ми рече „Дете, на 28 јануари Танцовиот оркестар се враќа од Раденци, ти на 30 да бидеш на проба кај нив во осум часот изутрина”.

* Како ве прифатија во Танцовиот оркестар на РТС ?

- Прв ме пречека Кире Костов. Ми рече „Свирам прва труба, седи до мене и учи и само да знаеш, овде четвртина нота не е исто како во класична музика”. Се што научив за свирење беше благодарение на Кире Костов. Подоцна станав стипендист на РТС, а во водите на компонирањето и аранжирањето ме воведоа пред се Славе Димитров, подоцна Кире Костов, Илија Пејовски и Живоин Глишиќ. Доживотно сум им благодарен. Сите музичари ме примија како да сум бил одсекогаш со нив, а сите беа врвни имиња на македонската музика кои сум ги гледал само на концерти и на телевизија. Атмосферата беше прекрасна, на пробите, на снимањата, на концертите. Имав особена привилегија да свирам во оркестарот со кој диригираа Драган Ѓаконовски Шпато и Александар Џамбазов, подоцна Илија Пејовски. Кога Џамбазов отиде во пензија оркестарот го превзеде Кире Костов, а мене ми се исполни сонот да свирам прва труба. 

* Вашиот син Бобо е преставник на шесттата генерација од вашата музичка  фамилија. Колку сте задоволни од неговите успеси?

- Да бидам нескромен, Бобо е одличен пијанист, магистер по пијано со постојано работно место во ДМБУЦ Илија Николовски Луј. Тој си има некој свој филм во врска со неговата концертна кариера, ги обожува композиторите од 20 век особено Хачатурјан, Шостакович, Прокофјев. Но, во исто време музиката на групата „Квин“. Последен концерт му беше трибјут во спомен на Фреди Меркјури по повод 30 годишнината од неговата смрт. Прекрасен концерт со прекрасни професионални музичари и пејачи. Бобо е многу пргав, но во исто време и сентиментален како во карактерот така и во музицирањето. Прифаќа мои сугестии, но морам да признаам повеќе јас прифаќам негови.


Соња Алексоска Неделковска