По најубавите есенски рути низ Македонија со Lexus UX

Добивај вести на Viber

Lexus првпат конструираше кросовер и веднаш постави нова и многу јасна дефиниција за овој вид возила. Вообичаено за престижната марка, Lexus UX не го сочинуваат бројки и податоци, туку доживувања, импресии, генерално чувства. Ваков автомобил заслужува нешто посебно, а тоа ќе бидат неколкуте рути што ги избравме и по коишто возењето наесен преставува посебно задоволство.

Со секој нов модел на Lexus, секогаш досега имало нешто ново да се дознае или открие за оваа марка што се поставува како Toyota за Toyota. Така и најсвежово откритие. Возењето Lexus UX е како гледање филм со силен режисерски потпис. Додека трае филмското дејствие, сето внимание е сосредострочено на големото платно, целиот свет во тие моменти е филмот. Клучниот момент следи малку подоцна, кога некој ќе праша „ииии… што се случуваше во филмот?“ Таквите филмови не се раскажуваат, тие се доживуваат.

Во редакцијата ни пристигна Lexus UX. Кросовер е, не е СУВ. Долг е 4.495 и висок 1.540 милиметри. Со хибриден погон, стандард. Со убав дизајн, налик на NX и RX, со детали што укажуваат на неговото заедничко потекло со LS или LC. Системската моќност му изнесува 184 КС, а растојанието од подлогата е 160 милиметри… кој, побогу, по ваквиот опис би поверувал дека станува збор за посебен автомобил?

Бројки и информации ниту приближно не го прикажуваат карактерот на Lexus UX, тука се работи за доживувања и впечатоци, кои не се произведуваат во фабрика и не може да се купат како дополнителна опрема

А, таков е. UX сепак е премиум модел, и плус е Lexus. Исто е како по филм на Манчевски, Митревски и на сите наши актуелни и историски режисерски великани. Исто како што е невозможно нивните филмови да се раскажат, така и колава е тешко да се опише со зборови, а тоа пак да биде веродостојно. Не се опишува со зборови, зашто станува збор за чувства, мисли, такви работи, а тоа ниту се произведува во фабрика, ниту пак се нуди како дел од сериската опрема, или можеби како екстра-додаток.

Тоа го дозволува концептот на кросовер на Lexus UX, со комфор и релаксираност на лимузина да се пристапи до најубавите предели што ги осликува есента, без да се привлекува вниманието на средината со скап и масивен СУВ · Фото: Дарко Антоновски

Опис што би бил барем блиску до реалноста: Ова е дефинитивно најголемото изненадување од Lexus, по IS 200 од 1999-та година и, дефинитивно е најверодостојната демонстрација на сржта на марката досега! L-finesse, односно целата култура што се создава околу јапонскава марка, во знаменосецот LS и во неговата дрско благородна купе-изведба LC се покажуваат во помала мера, отколку во UX. Апсолутно не можеше да се насети дека ќе следи толку радикална промена во гледиштето кон овој автомобил.

Вистина е дека сцената уште нема научено да ги препознава кросоверите, нивните вредности. Најгрубата, но доволно точна оцена е дека кросовер во изминативе години нуделе марките што во моментот не можеле да се појават на пазарот со СУВ во целосна големина, било да им недостигала платформа што ќе овозможи разумна цена за негово производство, било таквата сорта на автомобил да не одговарала на имиџот на марката. Затоа во извесна мера трпи имиџот на кросоверите.

Пробивот на кросоверите на пазарот мора да се должи на заминувањето на некоја друга сорта возила; Lexus UX точно покажува кои се тие возила, овој кросовер доаѓа на местото на фините и елегантни купеа за секој ден, кои пазарот повеќе не ги нуди во некогашниот обем

Lexus првпат излегува со кросовер и уште од старт ја поставува дефиницијата, што излегува дека недостигала во овие можеби дваесетина години, откако се спомнува поимот. Конечно станува јасно. Тоа што беа славните купе-модели во 1970-те и уште малку во 1980-те години, сега се кросоверите. Секако дека оваа аналогија не важи за формата, туку за смислата. Пазарот на купеа за возење секој ден, настрана од суперспортските и од егзотичните марки, денес е речиси исчезнат. Но, тоа не значи дека возачките и возачите денес немаат потреба за индивидуалност и стил. СУВ, моделите, сепак не се решение за сé. Затоа се тука кросоверите, вистинските од својата сорта, како Lexus UX.

Lexus има причина да се гордее со наполно различниот пристап во конструирањето на својот прв кросовер; Одеднаш станува јасно што е идејата кај кросовер-изведбите · Фото: Дарко Антоновски

Деталите ја сочинуваат посебната појава на овој „малечок“ Lexus од 4,5 метри. Не е само до формата. Задните светла, на пример. Црвената лента по целата ширина на опашот ја сочинуваат 120 светлечки диоди. Како што се оди кон логото во средината, така лентата се стеснува. Во најтенкиот дел, светлечката лента е дебела само три милиметри. Такви детали има и внатре, иако тука се многу покрупни и посуштински. Дебелиот и висок гребен меѓу предните седишта потсеќа токму на старите купеа што пазарот повеќе не ги нуди. Така уште повеќе се нагласува ниското седење.

Еден кус пасус за звукот при затворањето на вратите. Консултирани биле невролози, со кои се истражувало како точно звуците во автомобилите влијаат врз чувствата на човекот. Врз основа на резултатите, инженерите на Lexus избрале материјали што одговараат најмногу, по што следело перфекционистичко дотерување на механиката на бравата, за звукот што ќе се слуша при затворањето на вратата да влева доверба и да претставува уживање. Такуми-мајсторите, кои се врвни занаетчии избрани да работат посебно во Lexus, го дотеруваат овој звук, со зафати во подрачјето на толеранција од десетина милиметар, за секој UX што излегува од фабриката во Кјушу.

Секојдневието на Lexus EX е урбаниот метеж, кадешто се добредојдени неговите компактни димензии и добрата прегледност, поради седењето неколку сантиметри повисоко од обичен компакт

Тука веќе станува сосем јасно дека ова не е автомобил што се пројавува како „странец“ во моделското портфолио на Lexus, туку е автомобил што го заслужува името до последната завртка. Секојдневието на UX е во градската средина, по булеварите, пред кафулињата, мошне веројатно и пред некој фин-фитнес клуб. Во секој случај, кросоверот има привилегија при паркирање во центарот на Скопје, бидејќи е хибрид. Ја откривме тајната зошто веројатно третина од автомобиите што паркираат на „Ленинова“ и околу се Lexus или Toyota со сина заднина на логото?

UX или Urban Crossover (X = Cross) не мора да биде највисок, најдолг и најгласен, за улицата да го забележи и да го препознае како Lexus · Фото: Дарко Антоновски

Можно е UX да ги освои симпатиите на возачки и возачи кои не сакаат средината да им ја доделува етикетата дека „возат џип“, а притоа сакаат да се издвојуваат од главната струја и да уживаат во сета комоција што ја нуди премиум марка од рангот на Lexus. Факт е дека кросоверот е помалку впечатлив од СУВ-моделот NX, но само минимално. Колава има впечатлива појава и најмалку може да сокрие дека е Lexus. Нема ниту потреба за тоа, имиџот на убер-марката на Toyota никогаш не се товарел со негативна конотација. Човек сака да покаже дека вози Lexus.

Ние ќе го возиме овој Lexus малку поразлично од нашите редовни тестови. Како за автомобил што конечно ја доловува смислата на кросоверите, на UX му доделивме посебна мисија, почесна улога. Со колава поаѓаме по неколку рути низ Македонија, за кои во редакцијата проценивме дека нудат посебно уживање при возење во есен. Ова се најубавите есенски рути за возење низ Македонија, според изборот на редакцијата на Аутомедиа.

Избраните рути не се преоптоварени со сообраќај, патот е квалитетен и има можности за запирање и уживање во природната средина; Со секое продолжување на патот, Lexus UX „прикажува“ нов филм, ова е како автомобил со доживотна претплата на „Дискавери“ или „Национална географија“

Првото одредиште на поаѓање од Скопје ни е Пониква, добро познат центар на Осоговските Планини, кој секогаш е вреден да се посети и да се почувствува единствената природна кулиса на целиот тој регион. Сабота е, уште е рано утро, кога поаѓаме во спротивна насока од врвулицата што ќе се создаде тука за само неколку часови, за на крајот целосно да заглави. Додека цело Скопје во викендите се упатува да го мине попладнето на „чист воздух“ во Градски Парк, чекајќи во колони пред семафори, со нервозно „свирење“ и неуспешна потрага по слободно место за паркирање, ние заминуваме од градот.

Почесна ложа во киното што го приредува првиот кросовер на Lexus; Со ротирачките бирачи што во стилот на LC се поставени на стреата околу инстурментите се префрлува во најштедлива или во најспортска програма · Фото: Дарко Антоновски

За рекордно кусо време, веројатно неколку минути, веќе сме на автопат. Ќе возиме по новиот автопат до Штип. На клучката кај Миладиновци пак се уверуваме, дека некој или не ги консултирал вистинските експерти при означувањето на правците или од некоја причина пропуштил да ги постави знаците, што е пропишано со стандарди кои само треба да се следат. Возачите веќе ја познаваат рутата, но пропустите остануваат.

Темпоматот е наместен на темпо 120, радарот препознава кога има побавно возило напред и потсопира, следејќи ја неговата брзина. На вакви делници е уживање работата на системот за следење лента, кој е стандард во UX – возилото само ја следи лентата, возачот буквално треба единствено да ги држи рацете на волан. Во проекцискиот дисплеј се прикажуваат десетина најразлични информации „на ветробранот“, па и активирањето на безбедносните системи.

Приближувањето до одредиштето никогаш не радувало помалку: Човек сака да вози и да се вози во овој кросовер; Посакуваме да имаше уште некој километар до Кочани

Осумдесетината километри до Штип се минуваат неосетно. Се потврдува забелешката од претходно: UX е исто како луксузната лимузина LS да се спакува во каросерија покуса за половина метар. Во топ-моделов со ниво Luxury Premium, кој промотивно чини 43.190 евра и со тоа е за речиси 10.000 евра над „основното“ ниво на опрема Business, дополнително работи приспособлива амортизација, којашто ги препознава тековните услови на возење и соодветно реагира.

Пониква се одликува со спектакуларни панорами; При посета, сметајте дека неколку часови на пат до врвот ќе минете само во уживање во овие единствени глетки · Фото: Дарко Антоновски

По Штип остануваат уште триесетина километри до Кочани, а потоа и неполни 20 километри до Пониква. Тоа е делницата што ни е потребна. Возење за уживање. Во близина на Кочани се наоѓа и езерото Гратче, со неколку добри ресторани и можности за сместување. Ние сепак имаме друго одредиште. Горе, на Пониква, се стасува за половина час. Но, патувањето дотаму ретко трае толку, обично минуваат неколку часови во истражување и уживање во природните убавини на овој крај.

Патот е квалитетен и добро е одржуван, доволно е широк да се ужива во возењето, без постојано стравување дека ќе наиде некое залетано возило од горе. Тука воедно се одржува и ридската автомобилска трка. По помалку од десет минути веќе се појавуваат спектакуларни панорами, кога ретко кој ќе одолее да не запре. Тука вистински започнува работата на специјалниот член на нашата „есенска експедиција“, познатиот режисер и фотограф Дарко Антоновски, кој меѓу другото ги има потпишано спотовите „Бистра вода“ на Тавитјан Брадерс, анимираниот спот „Скандал“ и „Во мој стил“ на Тони Зен, „Шила“ на Тамара Тодевска, „За век и векови“ на Александар Митевски и Хавана Бенд, „Сјај“ на Бени Шакири.

Зад воланот, возачот речиси заборава дека управува со автомобил што во основата припаѓа меѓу компактите; UX е комфорна лимузина на автопат, исто како што може да биде темпераментен спортист по кривулести патишта

Главната одлика на овие планински предели се постојаните промени во крајоликот, динамичното сценарио на мајката природа. На моменти се вози покрај карпи како во американски вестерн, потоа се отвора погледот до неколку десетици километри далеку, па одненадеж човек се наоѓа среде висорамнина, за со неколку направени чекори да собере од позитивната енергија што природата ја создава тука.

Како што се менува крајоликот, така и дизајнот на Lexus UX постојано прикажува по некоја нова карактерна линија или страна што претходно не е забележана · Фото: Дарко Антоновски

Во исто време, нашиот Lexus UX секако дека не останува незабележан. Разиграноста на рабовите и површините по целата каросерија прави возилото да оддава различен впечаток во секоја средина во којашто запираме за сликање. Дизајнов е како жив организам, автомобилов буквално се вовлекува под кожа. Секогаш има некој нов детал што се покажува, било да е тоа шемата на маската, чијшто изглед е производ на сложена математичка формула, било да се пластичните облоги по арките на крилата кои внесуваат теренски карактер.

Како што напредуваме по патот, контрастите стануваат сé поизразени, а спектарот на бои поширок. Есента ги бои шумите во црвена, зелена, жолта боја, во сите нивни нијанси кои по име умеат да ги разликуваат само сликарите. Тоа се слики што се врежуваат во помнењето, за некогаш подоцна човек потсвесно да се врати тука, за пак да ја почувствува атмосферата. Секако дека сликата и комбинацијата од бои секогаш е различна, тоа е волшебството на ваквите есенски излети за уживање во природата, пред зимата да ги повлече боите и сé да прекрие во својата единствена боја, белата.

На Lexus UX секогаш му е рамно, луксузот меѓу другото се состои во тоа што погонската спрега никогаш не оддава впечаток дека се напрега; Хибридниот погон дава дополнителна смисла на турите низ нашата најубава природа

Како во учебник по географија, јасно се забележува линијата по којашто завршуваат густите дабови шуми, за потоа да преземат иглолисни шуми. UX? Ужива и тој. Со 190 њутнметри од дволитарецот, плус 202 њутнметри од електромоторот, кои се испорачуваат со истиот интензитет секогаш кога интелигенцијата на погонот ќе повика електро-асистенција, на кросоверот на Lexus секогаш му е рамно, за него нема разлика дали се вози по стрмна угорнина или дали треба да се извлече од полјана со влажна трева – има и погон на сите тркала, тука ништо не смее да недостига.

На половина пат до туристичкиот центар на повеќе од 1.600 метри има скршнување в десно, за комплексот Осоговска Куќа. По уште неколку километри, врвот веќе е близу, тоа го знаеме по широките насади со четинари. Горе има неколку ресторански комплекси, тука може спокојно да се минат неколку часови, во автентичен амбиент и со добра храна, вклучувајќи и дивеч, од ловиштето „Полаки“ во непосредна близина.

Следна рута што е на нашиот есенски избор е Дојран, кој всушност е добар избор и за секое друго годишно време. Делницата што нé интересира особено е онаа од Валандово до Дојран. Целата рута е долга околу 170 километри и без пауза се минува за околу час и половина. Исклучувањето од автопатот за Гевгелија е на клучката пред Смоквица. По скршнувањето в десно следи надвозник по којшто патот продолжува за Марвинци, а потоа уште десетина километри до Валандово.

Во околината на Дојран се покажува истражувачкиот карактер на кросоверот; Со малку зголеменото растојание од подлогата, на 160 милиметри, плус со заштитата на подвозјето и на арките, возењето на луксузниот UX по земјени патишта не остава скапи траги врз возилото

Делницата од 16 километри од Валандово до Дојран можеби не е толку долга, но е вредна за возење, затоа што при напредувањето кон одредиштето сé повеќе се чувствува влијанието на медитеранската клима. Тоа важи и за вегетацијата, за миризбите од природата, за целото доживување на овој навидум кус пат. Тука се вкрстувале многу цивилизации и култури низ историјата и љубителите на историјата и археологијата можат да ги посетат неколкуте села покрај патот, особено Дедели, кадешто меѓу другото има и траги од полска болница за време на првата светска војна.

Енергијата што пристига од Медитеранот прави доаѓањето во Дојран секогаш да биде ново доживување · Фото: Дарко Антоновски

Уште повеќе историски поглавја се поврзуваат со Фурка, неколку километри подолу, коешто според историските записи постои повеќе од 1.000 години. Дервенџиите од овие краишта своевремено ја чувале Дервенската Клисура, по којашто минува патот до Дојран, од нападите од башибозукот.

Понатаму се вози по широка и плодна рамнина, којашто граничи со последните ограноци од Беласица. До главниот пат се спуштаат многубројни земјени патишта, кои без проблем може да се извозат со кросоверот. Тука се покажува истражувачката страна на UX, односно предноста што не е нападен како класичен СУВ и нема цело село да го крене на нозе кога ненадејно ќе се појави насреде. Во такви ситуации е добро автомобилот да не биде толку впечатлив – што со Lexus во принцип е малку потежок предизвик.

Тишината и спокојството на местата на кои запираме наполно одговараат на атмосферата што владее во кабината; Во возењето дури се случува музиката да се потстивне, место да се попушти

Без штета од возењето надвор од асфалтот, што воедно е поентата на концептот на кросовер, со Lexus се враќаме на асфалтот и продолжуваме право за Дојран. Тоа е веќе класика: Крап, перкија на трска, богати порции од што и да се нарача, мека клима со воздух што лечи и смирена атмосфера за душата. Секако, можност да се направи куса прошетка по крајбрежјето и задолжително до старите јасени кои секогаш имаат да раскажат некоја нова „приказна“.

Третата рута е во близина на Скопје. Многумина имаат слушнато за Патишка Река, но малкумина го посетиле тој крај. Се доаѓа од две страни. Доколку се вози од Маркова Сушица кон езерото Козјак, скршнувањето е веднаш пред површинскиот коп во Говрлево. Оваа рута е долга 38 километри. Другиот пат води низ Соње и покус е за околу пет километри. На клучката над Говрлево се продолжува в лево, се минува покрај копот и се скршнува во десно. По стотина метри има уште едно двоење, на коешто се продолжува во десно.

Се вози низ клисура, со променлива ширина, во почетокот тесна, за непосредно пред Патишка Река да се развие во широки долини на неколку места, кои поради богатото присуство на влага создаваат впечатливо бујна вегетација. Патот е тесен и потребно е внимание во случај ако наидува возило отспротива. Тоа што остава посебен печат наесен е богатиот колорит и контрастот меѓу карпите и зеленилото.

На неколку потези се изградени убави викендички, за уживање во мирот и чистата природа; Доаѓањето до Патишка Река е најмногу вредно поради глетката што се отвора кон Караџица, веднаш на влезот во селото

На пат назад кон Скопје, Lexus UX повторно се претвора во луксузен и престижен кросовер. Тоа е неочекуваниот талент на овој автомобил, што не требаше толку да одушеви. Додека по планините и тесните патчиња, кросоверот беше доволно компактен и не премногу впечатлив, назад на широкиот асфалт тој пак се чувствува како петметарска лимузина и сјае на сите страни.

По овие неколку куси излети по избраните есенски рути, се стекнува впечаток како UX да е седечка гарнитура од дневната соба што се качува на тркала и се пренесува точно до местото што човек го замислил и посакал. Како автомобил со неограничена претплата за „Национална географија“ или „Дискавери“, со таа разлика што тука човек се чувствува како учесник, место како гледач.

Уште една благородна страна на Lexus што се покажува кај UX е чесното постапување на марката. Кросоверов можеше да биде смалена изведба на NX или „надувана“ верзија на CT и пак ќе привлекуваше внимание – оти е Lexus. Место тоа, Јапонциве го развиваа кросоверот исто толку темелно и сериозно како LS или LC. Некогаш е подобро да не постои хиерархија, како што е случај тука.

Колава е како придружничка без којашто повеќе не може да се замисли секојдневието; Lexus има поим и за тоа, станува збор за принципот на омотенаши кој е применет во осмислувањето на UX и се однесува на способноста да се насетат желбите на другите, уште пред тие да се искажат

UX е развиван со идеја да се создаде кросовер на Lexus, а не само уште еден кросовер на пазарот. Затоа и автомобилот функционира толку добро во секојдневието, во секоја ситуација. Тоа е како омиленото ноже дома, што го користите за сé. Едноставно, секогаш е при рака и секогаш ја завршува работата.

Има уште неколку детали, по пример на пасусот со звукот на вратите. Бришачите, на пример, престануваат да работат кога ќе се отвори врата, за да не се испрска возачот или совозачот при излегување од возилото. Секако дека и за посебниот начин на шиење на кожата на седиштата има приказна. Тоа е сашико, 1200 години стара техника, со бод на секои два милиметри, што поради издржливоста се користи за шиење на костумите на борачите во џудо или кендо.

На моменти буквално фрапира грижата за нештата да се сработат совршено. Ако постои градација натаму, ова би било суперсовршено. Задниот капак се изработува од олефински полимер, поставен врз алуминумска рамка. Целиот капак се состои од четири делови. Кога тие ќе се состават, такуми-мајсторите проверуваат 200 точки, заради гаранција дека капакот ќе затвора правилно и по многу години.

Буквално уште при отворањето на вратите се чувствува лексус-ефектот, фамозниот L-finesse: Вратите „лизгаат“, во шарките на вратите се вградени посебни лежишта

Lexus првпат зеде да направи кросовер и веднаш постави нови законитости. Сега, по UX, сцената добива многу поконкретна претстава за кросовер. Тоа не е евтино додавање ставки што ќе направат автомобилот повеќе да личи на теренец, туку било сериозен концепт, завлегување во самата конструкција на возилото.

Посебноста на Lexus UX е во способноста да го менува карактерот, според условите или по желба. За возачот, тој може да биде спортски компакт за уживање по кривулести патишта, со моќен погон и подготвено подвозје, за веднаш по динамичната проба да се покаже релаксираната и отмена страна на UX, со приспособливата амортизација, фантастично тивката звучна кулиса и опремата којашто почнува од луксузно и завршува со ултралуксузно ниво.

Во град, кросоверот не се издвојува со масивноста и неговата појава не предизвикува револт, како што може да биде случај со крупните СУВ-модели. Средината, кога ќе го забележи, го препознава како Lexus, но обично е свесна и за посебниот карактер на автомобилот, особено за неговата цена. UX не може да сокрие дека е луксузен автомобил, што се издвојува за класи над компактите, меѓу коишто се вбројува принципиелно. Затоа е најмногу верен описот дека ова е всушност LS или LC, спакувано во малку покомпактно издание. Сепак, станува збор за возило долго 4,5 метри.

Lexus направи широкограда промоција за својот прв кросовер и топ-изведбата ја нуди за повеќе од 10.000 евра под редовната цена

Електромоторот во погонската спрега и погонот на сите тркала се дел од „опремата“ на секој UX што се нуди на македонскиот пазар, било да е тоа основната изведба од 33.990 евра, или апсолутниот топ-модел од нашава есенска тура, со своите 43.190 евра. Тоа што Lexus првпат влегува во сегментот на кросовери се покажува како предност, токму во поглед на цената. Без промоцијата, редовната цена на UX 250h Luxury Premium изнесува 53.990 евра. Но, пак испадна дека кросоверот се промовира и самиот. Концептот е погоден, месечната продажба на UX на европскиот пазар веќе надминува 3.000 примероци и сосем е извесно дека луксузната марка на Toyota ќе ја исполни целта, продажбата во Европа да надмине 100.000 возила до 2020 година.

Технички податоци · Lexus UX 250h E-Four

Димензии и тежини

Должина

4495 mm

Ширина

1840 mm

Висина

1540 mm

Меѓускино растојание

2640 mm

Ширина на трага напред / назад

1560 / 1560

Висина на простор за глава напред / назад

947 – 908 / 923 – 924

Простор за нозе напред / назад

1068 / 841,5 mm

Ширина внатрешна напред / назад

1398,4 / 1344 mm

Должина на кабина

1830 mm

Растојание меѓу редови седишта

870 mm

Отпор на воздух

0,33

Растојание од подлога

160 mm

Агол пристап / излез / рампа

14 / 25 / 16

Празно возило

1600 – 1680 kg

Дозволена тежина

2110 kg

Багажник

283 / 401 L

Резервоар

43

Тежина на приколка

750 kg

МОТОР

Конструкција

4, во линија

Погон на вентили

16 вентили, dohc, VVT-iE (всис.), VVT-i (изд.)

Пречник х Од

80,5 х 97,6 mm

Зафатнина

1987 ccm

Компресија

14,0:1

Впрскување гориво

EFI, D-4S

Турбонатполнење

Не

Издувна норма

Euro 6d, Euro 6

Моќност

152 КС при 6000/min

Вртежен момент

190 Nm од 4400-5200/min

Потрошувачка на гориво

4,4 L/100 km

Емисија на СО2

101 g/km

ЕЛЕКТРОМОТОР

Тип

Синхронен мотор со перманентна побуда

Моќност

109 КС

Вртежен момент

202 Nm

БАТЕРИЈА

Тип

Никел метал хидрид

Напон

216 V

Батериски ќелии

180

СИСТЕМСКА МОЌНОСТ

184 КС

ПЕРФОРМАНСИ

Крајна брзина

177 km/h

0-100 km/h

8,7 s

80-120 km/h

6,5 s

ПРЕНОС

Менувач

Електронски регулиран безстепен менувач

Погон

На сите тркала, E-Four

Преносен однос

3062

Пренос во диференцијал напред / назад

3,605 / 10,487

ПОДВОЗЈЕ

Сопирачки напред

305 х 28 mm

Сопирачки назад

281 х 12 mm

Паркирна сопирачка

Електричен прекинувач

Водење на предни тркала

Мекферсон

Водење на задни тркала

Оска со повеќе водилки

Вртежи на волан меѓу крајни положби

2,76

Пречник на круг на вртење

10,4 / 11,2 m

Сервоуправување

EPS

Тркала и гуми

17 х 6,5 инчи, 225/50 RF18 95V

КАРОСЕРИЈА

Материјал на предни крила, предни врати, задни врати, рамка на заден капак и хауба

Алуминиум

Облога на заден капак

TSOP (Toyota Super Olefin Polymer)

Висина на тежиште на возило

594 mm (најниско во класа)

Останато

Електромоторот може самостојно да го движи возилото на подолги надолнини со брзина до најмногу 115 km/h

Дополнителен електромотор (7 КС)  на задната оска помага при поаѓање и забрзување, како и при возење во свијоци на лизгава подлога

UX 250h нема спојка, стартер и алтернатор, со што се исклучува веројатноста за дефект, а нема ниту потреба од замена на овие потрошни делови

Гаранција 6 години или 200.000 километри

Според искуствени податоци на Lexus, предните дискови кај хибридните модели издржуваат просечно 90.000 km, а пред тоа треба само еднаш да се сменат сопирачките облоги; Рамномерната распределба на тежината кај хибридните модели помага и за намалено трошење на гумите

Извадок од списокот на сериска опрема во врвното ниво Luxury Premium:

  • Предни стакла со дополнителна звучна изолација
  • Диодни светла за сите функции на осветлување, предни светла со три посебни модули
  • Сончев покрив
  • Активно подвозје AVS
  • Дигитални инструменти
  • Средишен дисплеј од 10,3 инчи
  • Проекциски дисплеј
  • Приказ на возило од горна перспектива при паркирање
  • Кожени седишта
  • Греење на волан
  • Посебна облога на арматурна табла Washi (првпат во Lexus, личи како хартијата во традиционалните домашни врати во јапонската архитектура)
  • Вентилација во предни седишта
  • Автоматско вовлекување на волан и враќање на седиште при излегување
  • Клима уред со јонизатор, за пречистување на воздухот и отстранување миризби (стандард во целата гама)

Извор: automedia.mk