По свадбата со Ѓорѓи станавме уште поблиски: Новогодишно во домот на Викторија Лоба
За Викторија Лоба, годинава што изминува беше најубава од многу причини, најмногу поради тоа што беше година на свадби во нејзиното семејство. Таа и Ѓорѓи прво организираа романтична венчавка во црквата Свети Јован Канео во Охрид, потоа и свадба во Скопје, каде што Лоба запеа песни од нејзината родна земја, Русија, специјално за пријателите. Во Охрид се омажи и нејзината мајка Татјана, за која убавата пејачка вели дека ѝ е најдобар пријател. Викторија низ фотографии ни долови мал дел од нејзиниот новогодишно украсен дом, и ни раскажа за сите нешта и луѓе кои ја прават среќна- музиката, милениците, мајка ѝ и сопругот. За него, Вики вели дека по свадбата, станале уште поблиски.
* Романтична венчавка на Канео, весела свадба потоа, претпоставувам дека ако те прашам што ти ја одбележа 2022 година ова би бил твојот одговор. Би додала ли уште нешто за годинава што изминува?
- Да, токму тој е одговорот. Многу радосни моменти, многу волшебни зајдисонца, многу драги луѓе ми ја одбележаа оваа 2022 година која иако заминува секогаш ќе ми остане во сеќавање.
* Како сега, неколку месеци потоа гледате на венчавката и на свадбата, какви чувства и спомени ви буди?
- Многу топли нежни чувства ми буди сеќавањето на венчавката, додека свадбата беше многу весела, но ми помина во еден здив. Сè, беше одлично така како што сум посакувала, би рекла свадба за мерак. (се смее)
* 2022 година беше година на свадби во вашето семејство. Се омажи и твојата мајка, исто така во Охрид. Како падна изборот за деверуша токму на тебе, во какво сеќавање ти е овој настан?
- Така е, мислам дека ни тргна на сите после периодот со Ковид, и многу мои познаници исто така го чекаа овој период за да направат свадба. Мајка ми имаше интимна, но сепак неверојатна свадба и секако јас бев една од деверушите затоа што ние не само што сме мајка и ќерка, ние сме најдобрите другарки. Мама ми е сè !
* Имаш млада и убава мајка, многу пати имаш кажано дека ти е голема поддршка - кој е највредниот совет што ди го добила од неа, особено последниве месеци?
- Мајка ми ми има дадено многу совети, но тоа не е она што ми останува во сеќавање, сите имаме свој пат и секако дека ги вреднувам советите, но можам да кажам дека некогаш сум доста тврдоглава. Тоа што е највредното што сум го добила од неа е нејзината бескрајна љубов, топлината на нејзината прегратка. Е тоа е тоа што не може да се објасни со зборови зошто премногу величествено! Една е мајка!
* Колку потписот може да смени еден однос помеѓу двајца партнери кои веќе живееле заедно, како што е твојот случај со Ѓорѓи?
- Па, не знам, може и не менува ништо, а од друга страна станавме уште поблиски.
* Имаше забележителен настап на „Макфест“ и модерна песна. Колку фествалите спред тебе останаа соодветно место за промоција на нов материјал, ги сакаш ли како изведувач?
- Јас ги сакам фестивалите, но не ја сакам натпреварувачката атмосфера која ја имаше во последниве години, некако можеби ги преминуваше границите на она што за мене претставува музика, тоа е ЕДНО обединување, а не натпревар. Оваа година тоа го немаше на „Макфест“ и навистина имаше топ организација, мислам дека сите останаа задоволни.
* Со твојот тим на музичари, продуциравте анплагд матине со кој го претставувте албумот „Мојот свет“ минатата година. Дали се нови песни во план?
- Да секако, работиме на нов материјал и наскоро ќе можете да слушнете нови песни од мене.
* Како ти поминува еден обичен ден кога не работиш - колку имаш време да се посветиш на домашни обврски, дали готвиш, имаш ли време за женски ритуали, салон за убавина, спорт, кафе со пријателка?
- Се будам околу 8:30 часот и секако прво нешто што правам е прошетка со моите кученца, а потоа им давам доручек. После овие обврски можам и јас да се напијам едно кафе или чај и да ги прецизирам обврските за претстојниот ден. Секој ден е различен, некогаш имам фотосесија, некогаш само лежам и гледам Netflix, а некогаш уживам во прошетка на Водно или низ Дебар Маало. Секој ден - своја приказна.
* Новата година ќе ја пречекаш работно, кој репертоар го подготвуваш за настапот во хотелот „Мериот“, ќе биде ли сопругот со тебе?
- Посебна чест е да ја дочекам новата година со музика и гостите во Мериот Хотел. Секако дека сопругот ќе биде со мене како и друштвото, а ние сме веќе спремни и нестрпливо очекуваме забавата да започне!
Милица Џаровска
Фото: Антонио Станков (трета насловна фотографија) / Приватна архива