Почина кралицата Елизабета Втора
Англиската кралица Елизабета Втора почина на 96-годишна возраст, откако беше под медицински надзор во нејзиниот замок Балморал во Шкотска.
Веста ја потврдија од Бакингемската палата.
Елизабета Втора беше монарх на Велика Британија и 14 други кралски земји на Комонвелтот и врховен поглавар на англиската црква. Таа се искачи на тронот на 6 февруари 1952 година, а свеченото крунисување, следната година, беше првото што се емитуваше на телевизија.
Нејзиниот престој на тронот од 70 години го одбележаа и низа геополитички настани, почетокот и крајот на Студената војна, формирањето на Европската унија и излегувањето на самото Обединето Кралство од неа.
Елизабетa уживаше голема популарност меѓу нејзините поданици. Таа беше најпопуларниот член на кралското семејство, а единствените членови попопуларни од неа, некогаш беа Дијана, принцезата од Велс и нејзиниот внук, принцот Вилијам.
Нејзиниот син Чарлс, поранешниот принц од Велс, сега е крал. Тој веднаш ќе и се обрати на шокираната нација, додека светот ја оплакува кралицата со најдолго владеење.
Сите нејзини деца побрзаа во Балморал откако лекарите се „загрижија“ за нејзиното здравје. Неколку часа подоцна таа починала, опкружена со своето семејство.