Постави стандарди на светската музичка сцена: Кој стои зад Cafe De Anatolia – бренд за кој пишуваат и светските медиуми?
Кога ќе го слушнете името „Cafe De Anatolia“ сигурно првата асоцијација што ви доаѓа на ум е дека станува збор за компанија или бренд поврзан со кафе - но, не. „Cafe De Anatolia“ е издавачка куќа и Агенција за управување со уметници, зад која стои семејството Илиеви. На чело е главата на семејството Зоран Илиев, но во ова не би успеал без поддршката од своите деца, ќерката Моника и синот Никола.
„Cafe De Antonia“ на музичкиот пазар се проби пред три години со производство на најдобрата музичка мешавина од жанрови и највисок квалитет на етно, Deep House и ориентална музика, што ја прави прва продукција, која се проби со овој жанр. Продукцијата менаџира повеќе од 250 артисти/изведувачи, а може да се пофали и со голем број на следбеници.
За Женски Магазин, Моника Илиева, на која улогата во оваа продукција ѝ е брендирањето и правните работи, ја раскажа приказната на овој бренд, кој веќе три години ги освојува слушателите ширум светот.
*Како започна приказната на Cafe De Anatolia? Кој беше иницијаторот?
- Додека студирав во Словенија истовремено го застапував и татко ми Зоран Илиев (a.k.a Billy Esteban) во неговите музички аранжмани. Во тој период, тој не беше многу задоволен од музичката издавачка куќа под која беше тогаш, а веќе работеше на нова музика која не беше потпишана со друга продукција. Идејата дојде спонтано додека татко ми беше кај мене на гости во Љубљана и додека разговаравме јас му предложив да си ја пласира музиката преку свој Record Label, односно да отвориме своја музичка продукциска и издавачка куќа. Тој прво беше скептик, но потоа секако се согласи. Потоа се слушнавме со брат ми Никола Илиев (a.k.a Nickarth) кој е исто музичар и кој тогаш беше во Англија и заеднички се договоривме да го започнеме овој бизнис. И двајцата се многу талентирани музичари, продуценти и свират на повеќе инструменти, така што музичкиот дел со продукцијата, музичкиот инжинеринг и делот со барање на квалитетни артисти беше среден, јас од друга страна се фокусирав на брендирањето и правните работи како склучување на договори и водење на фирмата. И така почна целата приказна.
* Од каде идејата за ова име? Се случува ли некогаш некој да помисли дека сте компанија за кафе?
- Да, многу пати, или на пример кафе бар. Идејата за името е поврзана со музиката што ја пласираме. Географски Анатолија е дел од Турција, но според културниот фактор Анатолија е центар на многу народи коишто живееле и поминувале низ оваа територија, почнувајќи од Балканот, Блискиот Исток па сѐ до Медитеранот, така што можам да кажам дека Анатолија е центар на многу култури, а нашата музика го потенцира баш тоа - светската етно музика со модерни ритмови.
* Вашето мото гласи „Feel the touch of the Orient“. Каква порака сакате да пренесете со него?
- Главната цел на мотото е дека музиката не треба само да се слуша, односно треба и да се чувствува.
* Што точно им нудите на вашите клиенти?
- Музика се разбира, ја пласираме и промовираме на сите светски електронски продавници како iTunes, Amazon, Beatport, Traxsource, Juno како и на стриминг платформите како Spotify, Youtube итн., каде што имаме повеќе од 100 милиони гледаност вкупно и повеќе од половина милион претплатници на сите наши канали што моментално не прави најгледана продукција во овој жанр во светски рамки. Освен тоа, менаџираме и повеќе од 250 артисти/изведувачи од цел свет кои издаваат под нас ексклузивно.
* Како успеавте да се пробиете на пазарот?
- Искрено, кај нас се е органско, така што успеавме со тоа што почнавме нешто ново на пазарот, односно сме први во овој жанр како продукуција, потоа соработуваме со многу талентирани артисти и сме уникатни во нашиот бренд со кој луѓето се поврзаа. Успеавме бидејќи сме различни од другите и бидејќи нудиме цело искуство, а не само музика.
* Што е она што ве прави поразлични од другите продукции?
- Тоа што имаме бренд. Луѓето се поврзани со нас и преку музиката, и со нашите артисти и со целата наша приказна. Многу продукции изгледаат недостапно за своите слушатели и најчесто слушателите се поврзуваат со нивните артисти, но не и со нив како компанија, додека кај нас слушателите се поврзуваат повеќе со нашиот бренд, што е голем успех за мене како постдипломец во брендирање и стратешки маркетинг. Ние се фокусираме нашите слушатели да не гледаат како заедница каде што ќе можат да се поврзат и со нас и со другите слушатели, а не како компанија.
* Колку луѓе сте вработени и со колку изведувачи соработувате?
- Соработуваме со над 250 изведувачи/соработници/компилери од цел свет. На пример нашите дистрибутори се од Германија, визуелните - маркетинг активности како промо материјали ги правиме заедно со луѓе од Турција, имаме соработка за настапи со компании од Русија, Саудиска Арабија, Тунис, Романија, Италија, така што може да се каже дека имаме многу соработници, односно вработени.
* Со кој од изведувачите со кои соработувате сте најзадоволни, односно со кој сте имале најдобра соработка?
- Сите се супер, не можам да одвојам.
* Колку сте задоволни од досега постигнатото и што е она кон што целите во иднина?
- Ние сме презадоволни и дури изненадени што цел свет слушна за Cafe De Anatolia и што за 3 години направивме направивме толкав прогрес, почнувајќи од тоа што светските магазини како Dancing Astronaut,Influencive, Music Talkers и многу други пишуваат за нас и нашата идеја, што соработуваме со толку многу талентирани артисти и што секојдневно се зголемува бројот на следбеници на нашиот бренд. Во иднина очекуваме, односно прогнозираме уште поголемо влијание во светската музичка индустрија.
И. Мисајловска