ПОТРЕСНА ПРИКАЗНА НА ХАРФИСТКАТА МЕРСИХА ШУКРИ: Мотоциклист ме удри на пешачки и избега

Веќе на половина поминат премин, само почувствував удар и видов како ѓонот од левата чизма ми лета. Од шокот само забележав дека е мотоциклист, кој по ударот избега. Како низ магла чув: „Пази каде одиш!“. Никој во мојата близина не ми помогна. Го преминав до крај пешачкиот и седнав за малку да се вратам од шокот. За кусо време, сфатив дека никој нема да ми пружи помош до болница и тргнав сама до Градска болница

Емотивната приказна на харфистката во Македонската Филхармонија, Мерсиха Шукри, е пример дека едно кусо сообраќајно невнимание може да смени нечиј живот. Откако зимава мотор ја удри на пешачки премин, таа заврши со тешки скршеници на левото стапало. „Никој во мојата близина не ми помогна. По несреќата, првата помисла ми беше: Ќе можам ли пак да свирам харфа?“, раскажа за Женски магазин нашата успешна музичарка на која харфата и е голема љубов, но и извор на егзистенција. Три ипол месеци по несреќата, Мерсиха вели дека се чувствува како повторно да учи да оди, и како дете му се радува на секој нов направен чекор.

Рендген снимката го покажа спротивното. Скршени коски на левото стапало. Првата мисла ми беше: „Ќе можам ли понатаму да свирам харфа?


„Како и секој друг ден, така и тој, денот на несреќата, го започнав со планирање на дневните активности. Заедно со мојот брат Ерхан, имавме проба за настанот таа вечер- требаше да свириме на отворањето на новиот центар „The Art of Living“. За жал, не спречи немилиот настан. Несреќата се случи на први февруари, нешто по 14 часот, минувајќи го пешачкиот премин кај Билна аптека. Два автомобила застанаа, давајќи ми предност за минување. Веќе на половина поминат премин, кога погледнав од спротивниот правец да не доаѓаат возила, само почувствував удар и видов како ѓонот од левата чизма ми лета. Од шокот само забележав дека е мотоциклист, кој по ударот избега. Како низ магла чув: „Пази каде одиш!“. Никој во мојата близина не ми помогна. Бев многу присебна и се задржав некако за да не паднам и да не настрадам сосема. Го преминав до крај пешачкиот и седнав за малку да се вратам од шокот. За кусо време, сфатив дека никој нема да ми пружи помош до болница и тргнав сама до Ургентниот центар, односно старата Градска болница“, ја започна Мерсиха својата приказна.

Откако лекарите ја примиле во болницата, таа и нејзиното семејство веднаш ги повикале полициските служби. Виновникот кој грубо и се обратил на пешачкиот премин, не се вратил повеќе и не се заинтересирал за нејзиното здравје.

Го гледав моето семејство како зад насмевката ги криеше солзите кои не паѓаа по нивите образи, но очите им беа преполни со нив.- Мерсиха со мајка и, со татко и со брат и

„Ми ги направија сите потребни анализи и снимања. Длабоко во себе, само си давав надеж дека повредата не е голема и дека ќе нема скршеници. За жал, рендген снимката го покажа спротивното. Скршени коски на левото стапало. Првата мисла ми беше: „Ќе можам ли понатаму да свирам харфа?“ Тогаш почувствував вознемиреност бидејќи се соочив со тежината на повредата“,сподели со нас харфистката.

Потоа, за неа следувале деновите на закрепнување. Ногата имобилизиранa во гипс, мирување. Мерсиха решила и покрај стресот и шокот, целата своја енергија и мисли да ги насочи кон закрепнување на стапалото. Грижата и поддршката од семејството и од пријателите и давала сила да се издигне над целата ситуација.


„Го гледав моето семејство како зад насмевката ги криеше солзите кои не паѓаа по нивите образи, но очите им беа преполни со нив. Покрај книгите кои ги читав, ова беше период кога поминував повеќе време со нив. Муабетевме за животот, за сите нешта кои не прават среќни. Со позитивна мисла заедно наоѓавме утеха - Можеше полошо да биде.“, додаде Шукри. Секоја порака, јавување или посета од пријателите и помагала во закрепнувањето.

„Со свои пораки и желби за побрзо закрепнување, присутни беа и луѓето кои лично не ме познаваат, дури и оние кои ме барале зад харфата на концертите. Ми недостигаше дружењето со харфата. Во таа немоќ да свирам, слушав музика со нејзини звуци кои за момент ме одвлекуваа во тој нејзин магичен свет. Многу љубов, грижа, надеж, поддршка, внимание во овие денови. Време кога се кристализираат вистинските пријатели, луѓето на кого навистина им значиш“, ни раскажа харфистката за своите тешки денови. Изминатиов период, за неа бил време кога размислувала за приоритетите во животот.

„Кога почнав повторно да учам да одам, се радував на секој направен чекор, на луѓето кои ги сретнувам на улица, се радувам на природата. На некој начин, посвесно почнав да ги согледував нештата за животот. А тој е непредвидлив и полн со искушенија. Мислиме дека имаме доволно време за себе, за своите најблиски. Нервозни сме, секогаш во некое брзање и отуѓени од Изворот. Само еден миг е доволен за да се смени целата ситуација“, вели Мерсиха.

Без разлика како учествуваме во сообраќајот, носиме одговорност прво за себе, а потоа и за останатите, е дел од пораката на оваа храбра жена.

„Пешаци- поминувајте на обележаните пешачки премини; возачи – застанете на време на истите тие премини, не брзајте само за да ги фатите семафорите чии светла се при затворање. Посебна порака за моторџиите – намалете со адреналинот за брзо возење посебно во градски услови, никому тоа не му оди во прилог, немојте да се пикате меѓу возилата. Иако алкохолот е најчестата причина за повеќето несреќи, сепак сметам дека многу влијае и современиот начин на живеење-расеаноста, користењето на мобилни телефони, невниманието, сообраќајната некултура“, раскажа музичарката за крај.

Кога почнав повторно да учам да одам, се радував на секој направен чекор, на луѓето кои ги сретнувам на улица, се радувам на природата. - Мерсиха со татко и, познатиот музичар Рамадан Шукри

Таа полека им враќа на своите активности и обврски, но свесна е дека ќе помине уште многу време за целосно закрепнување од повредата, и траумата по несреќата. Својата приказна, таа ја завршува со позитивни мисли. „Во морето исполнето со бурни чувства, најмногу чувствувам благодарност до моето семејство, пријателите и секако, Универзумот“.

Милица Џаровска